Изборните програми се лесни. Состав на слободна тема. Има таму простор за израз на имагинација, можат да се вметнат поетски елементи, метафори од предизборни ветувања со сериозно градирани придавки. Реторички прашања и словенска антитеза. Ма, сите конструкции доаѓаат во предвид. Ионака ретко кој ги чита , а уште поретко спроведува. Кампањата пак, е маневар помеѓу ораторските вештини и популистичкиот стомачен танц за заведување на апатичниот електорат. Се презентираат и магионичарски трикови каде гласачите се претвараат во зајаци извлечени од шеширот пропаганда.
Но, пред да започне целиот тој процес на колективна хистерија и дисперзивна ирационалност - треба смирено, промислено, разумно, сконцентрирано да се направи диктатот на независноста, професионалноста и одговорноста. Без ситнопартиски грешки. Без препишувања, без игнорирање на интерпукциските знаци, т.е. законски акти. Тешка задача за недисциплинираните уче(с)ници во школскиот двор на демократијата и плурализмот. Од резултатите на овој ДИКтат зависи оцената за упис во следниот четиригодишен семестар државно уредување. Ако паднат тука, за поправен ќе биде прекасно. Сите ќе ги почувствуваме реперкусиите од повторениот семестар. Но, да не бидеме песимисти. Да се надеваме дека составот на државната изборна комисија ќе биде солиден. Надежта последна умира, де.
п.с. иако ДИК е врвот на пирамидата изборни органи кои ги прибираат и пребројуваат гласовите, а потоа во процес на пирамидална синтеза го сумираат резултатот - секоја сличност со контроверзната пирамидална штедилница ТАТ е случаен. И евентуалните последици истотака.
п.с. објавено на http://oksimoron.blog.com.mk на 4 Април, 2006 - 20:55
Коментари:
Ќе биде интересно пак да излезат со истово. Или некои од нивните конкуренти.
Среќа што имам талент за исклучување од пропагандни плакнења на вијуги, па кога ќе дојдат избори, уште толку клечам пред монитор, хехехе.
(GoodBytes 5 Април, 2006 - 03:54 | логирај се за да пишуваш коментари)
Се шегувам. Мило ми е што ти се допаѓаат моите постови.
Не би изнесувала во јавност име и презиме, сосем доволен е псевдонимот Оксиморон и линкот до блогот.
Благодарам.
(oksimoron 6 Април, 2006 - 18:17 | логирај се за да пишуваш коментари)
Белки Најчевска ќе излезе на крај со цела таа ненаучна материја од аспект на човековите права.
(oksimoron 7 Април, 2006 - 11:29 | логирај се за да пишуваш коментари)
No comments:
Post a Comment