Министерот за труд и социјална политика се плаши од распределби. Посебно од оние пола-пола. Не е навикнат на такви делби, де. Мора да натежнува на една страна за да има рамнотежа. Еве, сме имале 310 000 вработени под државна капа. Тоа било една половина. Сме имале 275 000 пензионери. Ако на нив се додаделе и стечајците со над 25 години стаж, ќе станеле сите заедно другата половина. Изедначеноста носела неурамнотеженост. За владата и за државата. Знаев дека има нешто ....нешто што не исфрла од колосек. Накривената државна капа. Тоа била причината за неурамнотежената влада! Двете половини заедно формираат едно цело. Кога нашата влада умеела да работи со целини?!Нејзина специјалност е работењето со половини. т.е. половичноста.
Е сеа, 360 000 невработени не се бројат никаде. Тие се темната страна на половичната целина. Под капата на државата, де. Изгледа дури и како да се надвор од доменот на владата. Тие се темната страна на месечината. Знаеме за нив, ама не ги гледаме. Кога ќе и се спомнат на владата - и паѓа мрак пред очи. Посочениот министер е на тешки маки. Не е лесно да се води такво специфично министерство. Пола труд, пола социјала. Ни едното комплетно, ни другото. Ама на пол пат да се надополнат едно со друго. Прифатливо решение - трудот контра социјалата! Ќе се вложи повеќе труд за да се добијат повеќе социјалци. Бар едната половина да биде цело. Се кини кај што е најтенко. А потенко од социјалците, здравје! Ќе се префлат од темната страна и решен е проблемот со нив. Така му сигнализира половината мозок кој го користи нашиот ни министер. Така се решаваат проблемите. Половично. За да има рамнотежа, де.
И државата ни е на половина пат од половинката за полпат од ЕУ. Половинка по половинка ... па уште некоја половинка од пола целинки ... Сал се плашам да не сме ние темната страна од целото на ЕУ? Ко нашиве невработени. Сепак, пола-пола сме! Или ќе не биде, или не.
п.с. објавено на http://oksimoron.blog.com.mk на 4 Мај, 2006 - 16:30
Коментари:
Како Македонија па незнам.... баш дали ќе не биде, него за нас се крои една друга поголема капа, хммммм....., цело е кога има се што сакаат "они" да има. (nasty69 4 Мај, 2006 - 18:37 | логирај се за да пишуваш коментари)
Битно е дека имаме ефикасна државна администрација,онака малубројна,стручна,брза...абе шо...баш супер... (sting EYE 4 Мај, 2006 - 18:40 | логирај сеза да пишуваш коментари)
Хм...... Па сигурно е тешко да носиш 360.000 луѓе на совест,да не му сте во кожата на нашите функционери! Колку се само солидарни,човечни и предани кон својот народ кој му ја даде довербата! Јас мислам дека најголема шега во последно време им е ова со изборите! Македонче дај кажи му и на ЕУ и на овие наши мафијашки босови дека ни е преку глава од се! АПСТИНЕНЦИЈА (CAKAH 4 Мај, 2006 - 19:25 | логирај се за да пишуваш коментари)
Како им е тргнато и апстиненцијата ќе ја третираат пола-пола. Пола од половината шо не испаднале ќе ги заменат оние пола шо гласале место нив. Заради урамнотежено гласање, де.
(oksimoron 4 Мај, 2006 - 20:47 | логирај се за да пишуваш коментари)
Па македонскиот народ,ако сака,многу добро знае да работи со целини,па може овој пат да им покажеме дека сме единствени и да ги игнорираме политичките банди! (CAKAH 4 Мај, 2006 - 20:59 | логирај се за да пишуваш коментари)
No comments:
Post a Comment