Friday, April 04, 2014

Корупција


Прво да ја дефинираме.Описно.
Болест на општеството. Инфективна. Почнува со мали ранички сиромаштија на општественото тело, кои во средина со услови на морална (и законска!) нехигиена стануваат погодни за развивање на паразити т.е. бактерии кои се хранат од ткивото. Со тек на време, ако не се третира, инфекцијата се проширува. Постепено зафаќа се поголем дел од телото. Малите ранички стануваат големи и на истите се развива гној. На почетокот површински. Потоа продира подлабоко. Гнојот се храни од самата рана, го уништува целосно ткивото и оневозможува регенерација. Шири непријатна миризба наоколу. Зафатените делови се болни, тешко функционираат и претставуваат опасност за целото тело. Предизвикува распад. Доколку дотогаш не се рагирало со антибиотици (антикоруптивници, де), во овој стадиум неопходна е ампутација. Пред да стане предоцна. Зашто, преку крвотокот инфекцијата се разнесува низ целото тело и продира до сите органи. Добиваме гангрена на општеството во последен стадиум.
Постојано, во сите извештаи за Македонија, се укажува на заболувањето. И се бараат интервенции. Последен момент е за примена на силни антибиотици. Антибиотици кои ќе делуваат. Не сакаме да бидеме хендикепирани. А ако не делуваме решително (о)стануваме такви. Оние кои не делуваат навремено, а покасно не сакаат да го отсечат заболениот дел се соочуваат со крајот многу брзо. Доживотниот претседател во еден минат систем е најдобар пример. Бидејќи степенот на зафатеност е критичен, ако не се реагира и сега - ќе ни останат само две решенија. Ампутацијата од светот или смрт на целиот општествен организам. А тоа не го сакаме.
За да не стигнеме таму кај што не сакаме, добро е да определеме што сакаме. Сакаме здраво, силно општество. Сакаме тело со добра кондиција и витални органи кои функционираат беспрекорно. А во здраво тело, здрав дух. Здрав дух кој носи позитивна и креативна енергија. Сакаме креативно општество. Општество во кое ќе растат и се развиваат нашите деца, опкружени со позитивна енергија и еднакви шанси. Сакаме здрава средина за нашите потомци. Сакаме развивање, напредок.
Бидејќи инфекцијата е дијагностицирана и ја загрозува реализацијата на посакуваното, потребна е интервенција. Како што спомнав погоре, последен момент е за третмани со силни антибиотици. Е сега, какви антибиотици.... според мене, најдобар антибиотик би било формирање на специјална институција за борба против корупцијата. Не министерство, не комисија, не агенција....потребно е формирање на специјално тело на владата со посебни овластувања. Тело кое ќе делува како антитело против бактериите. Сосем независно од другите тела, а со ингеренции на сите нив. Потребни ни се специјални инспектори за корупција. Луѓе истренирани за откривање и спечување на корупцијата. Луѓе кои ќе имаат овластувања за да пријават и приведат директно на самото место на случувањата. Луѓе за кои никој нема да знае дека тоа им е професија и ќе бидат ослободени од сите притисоци. Обучени да се прилагодат на секаква средина и да дејствуваат ефикасно. Вбризгани во сите органи на општественото тело. Превземаат одговорност да делуваат тајно неколку месеци во одреден сектор, во улога на странки во разни општествени процеси. Па да имаме случаи кога пациентот во миг на плаќање мито на лекарот кој треба да го оперира, вади значка и го апси. Или шоферот на камион на граница да приведе корумиран цариник. Полицаец приведен од лицето кое сопрено поради брзо возење нуди поткуп за да избегне казна. Судија уапсен од странката во чиј спор суди......замислете примери колку сакате, за секоја општествена клетка.
Сега, ќе рече некој дека тоа тело треба да биде дел од Министерството за внатрешни работи. Некаков сектор.
НЕ.Според мене, најдобро би било тоа  да биде независно тело формирано директно од владата и со одговорност единствено пред неа. Оперативно тело за справување со корупцијата. Проект за антикорупција на владата. Нешто како антикорупциската комисија, ама да функционира :) А сите министерства кои имаат сомневања за коруптивни дејствија во нивните сектори - соработуваат со ова независно тело. Како со надворешен соработник. Па, кога ќе почнат пријавите и приведувањата...ненадејно, таму каде најмалку се очекува, од оние на кои најмалку си се сомневал, без никакво предупредување, на самото место на коруптивното дејствие, без можност за повикување на „врски“ и барање помош за „губење“ на случаите во бирократските лавиринти каде преку еден зид е „заразен“.......Сметам дека инфекцијата многу брзо ќе почне да се повлекува. Секој еден вработен во државните органи, соочен со можноста да биде приведен од оние од кои најмалку очекува (од странките кои ги рекетира), па дури и оние кои самите му нудат мито за забрзување на постапката (тактика,де) - ќе размисли добро. Дали си ја сака професијата и сака да ја задржи, или ќе изгори ко сув барут. Дури, во страв дека секоја странка може да е баш „таа“ вметнатата - ќе бидат љубезни и услужливи со сите. Со насмевка на лицето ќе демонстрираат ефикасност и професионалност во дејноста која ја извршуваат. Ќе блеска општеството од здравје и виталност.
Се извинувам поради должината на постов, ама влегов во филм :) Од антикоруптивен жанр. ;)

п.с. објавено на http://oksimoron.blog.com.mk на 16 Ноември, 2006 - 21:20

Коментари:
  • Пак едно уф-оф, ама подолго уфкање.
    Под еден, нема држава во светот која има нулта корупција, Енрон, Берлускони, Хелмут Кол...
    Секонд хинт, точно, ова кај нас е страшно раширено, секој бизнис опстојува на темелите на коруптивното делување, не дека таква им е желбата на приватниците, желбата е на државните службеници и функционери.
    Хинт без број, скоро и да сум сигурен дека во Македонија нема полнолетен човек кој не бил директно или индиректно вклучен во коруптивно делување на било каков начин.
    Десетто, потребна е само нелицемерна желба да се постават здрави темели за борба против корупцијата, тотално сузбивање никогаш не е можно.
    И јас сум корумпиран! А и ти си Smiling
    (Бунка 16 Ноември, 2006 - 22:39 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Знам дека е невозможно целосно сузбивање на коруптивните дејствија, но мора да се пронајде начин тие да се сведат на минимум, де .
    Кога би знаеле корумпираните дека постои некакво тајно тело за нивно откривање, дека секоја личност околу нив би можела да биде инспекторот од тоа тело....би било поинаку. А не вака како што е сега - башибозук! Smiling
    (oksimoron 16 Ноември, 2006 - 22:56 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Тотално си во право Окси, не те негирам, само додавам.
    (Бунка 16 Ноември, 2006 - 23:32 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Која ќе биде гаранцијата дека тие инспектори нема да бидат корумпирани? Нема гаранција. Лустрација му е мајката. (кнсис 17 Ноември, 2006 - 00:03 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Да живее корупцијата! Да живее митото!
    Да живее секоја дебилна Влада од ’91 па до вечноста*!
    ---------------------------
    * Додека постои Македонија
    (iacovibus 17 Ноември, 2006 - 11:30 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • бунка,
    сите предлози и идеи се добредојдени Eye-wink
    книсис,
    сосем на место ти е скептичноста. Нема гаранција. Треба само добра волја и истрајност. А за лустрација сеуште не е касно. Зборот беше да се формира посебно тело чија единствена задача ќе биде откривање на корупција во сите клетки на општеството.
    iacovibus,
    сите нека живеат!
    одовде до вечноста....(ја знаеш дилемата на Ајнштајн за бесконечноста,нели?!) Smiling
    (oksimoron 17 Ноември, 2006 - 19:26 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Корупцијата не може да се искорени-мој личен став.
    Глем ја споредуваш со инфекција, па да тоа ти е рак кој се проширува, малигните клетки дисеминираат во крвта на телото, антибиотици не му можат ништо, значи ампутација, али док си го решил проблемот со еден дел од телото ракот веќе метастазирал во друг, и така до бескрај освен ако не се измисли некое научно откритие, некоја генијална формула која со сигурност ќе ја урне корупцијата за навек, но дали воопшто се сака да се урне корупцијата-тоа е големо прашање.
    (nasty 69 17 Ноември, 2006 - 20:02 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Па да... затоа и го реков тоа Laughing out loud
    Туку, друго ми беше зборов; комисија или институција, па и цело министерство да се направи - се’ ќе биде попусто, додека не се смени начинот на размислување на луѓето. Затоа што корупцијата постои онаму каде луѓето го дозволуваат тоа. Гледано лексиколошки, свеста кај нашите луѓе е благонаклонета кон корупцијата. Како што Ескимите имаат неколку збора кои означуваат снег, така и ние имаме неколку збора за означување на корупцијата - од рушвет до муштилак (најблага форма на еврејска корупција - нели, мазелтоф!).
    Заклучок: Корупцијата е нашиот снег! Можеби затоа нема веќе да имаме снег во Македонијава наша...
    (iacovibus 17 Ноември, 2006 - 21:40 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Насти,
    корупцијата ја споредив со инфекција, а ракот кој метастазира би бил добар опис за организираниот криминал. Иако изгледаат многу слично, сепак, има разлика. Зборам за онаа ситната корупција, секојдневна, површинска, која ако не се санира навреме станува поголема и предизвикува распад. Eye-wink
    И, според твојот „личен став“ , се добива впечаток дека треба да се легне и да се умре, зашто - неизлечива е болеста. Немој така. Нема предавање. Потребна е упорност, издржливост, борба Smiling
    iacovibus,
    „...комисија или институција, па и цело министерство да се направи - се’ ќе биде попусто, додека не се смени начинот на размислување на луѓето...“
    Точно. А најдобр метод за да се смени начинот на размислување е со директни, конкретни примери и практичен(и пластичен) приказ на самото место на случувањата. Доста ни е од канцелариски, бирократски процедури - се бара акција на теренот Smiling
    (oksimoron 18 Ноември, 2006 - 15:35 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Окси убав е постот внимателно го прочитав и генерално се согласувам, само што јас сум за многу порадикални мерки.Може на пример ампутација, после која ќе следи привикнување за живот со инвалидитет.Не знам можда претерувам ама стварно сум многу по радикален кога се работи за корупцијата. Инаку една мала исправка од медицинска страна гледано. Велиш: "Тело кое ќе делува против антителата т.е. бактериите". Не ги доведувај антителата во контекст со бактериите. Значи на телото му помагаат антителата да се бори против бактериите. Можеби по прикладно би било да речеш антигените.Ова ти го кажувам од медицинска гледна точка. Имунологијата ми е слаба страна. Инаку супер е постот редовно те читам. А да ќе заборавев. За сите кои коментираа на постов а сигурен сум Окси ќе се сложи. КОРУПЦИЈАТА НЕ МОЖЕ ДА СЕ ИСКОРЕНИ НО МОЖЕ ДА СЕ КОНТРОЛИРА. На крајот на краиштата ние не ја измисливме, западњаците се махери за корупцијата но кај нив корупцијата функционира за разлика од кај нас. Што значи тоа? Ако треба некоја улица да се асвалтира и зафатот чини еден милион евра и тие и ние ќе најдеме изведувач за два милиони евра. Но разликата е тие ќе ја направат како што треба за тие пари а ние за истите два милиони ќе крпиме дупки. Поздрав ОКСИ. (Мечето Ушко 20 Ноември, 2006 - 12:04 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Сосема си во право за забелешката од медицински аспект. И јас ја сакам биологијата (ми беше еден од омилените предмети), ама овде сум направила пропуст. Како антитела во медицината се дефинираат телата кои се користат како помош на имунолошкиот систем за заштита од бактериските и вирусните напади. Благодарам за конструктивноста. Ја поправив реченицата Eye-wink
    А, се согласувам со тебе и за контролата на корупцијата. За тоа треба цврсти ставови и упорност. Поздрав Smiling
    (oksimoron 20 Ноември, 2006 - 18:23 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Не сум натчовек и имам маани,но од митаџии се ГАДАМ...и од оние што бараат и од оние што даваат...Ненормално е колку нормално луѓето го прифаќаат тоа...Демек така прават сите...страшно...Треба да се исече од корен...поздрав. (lucija 23 Ноември, 2006 - 10:16 |логирај се за да пишуваш коментари)

  • Каснам малку, ама да си прашам има ли некој блогер кој му дал пари на друг блогер, за овој вториов да не го објави постот?
    Smiling
    (Бунка 28 Ноември, 2006 - 23:12 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Еден како Сталин ќе ја искорени корупцијата.Аналогно на медицината,корупцијата е тумор на општеството и треба да се ампутира,а тоа е радикална мерка. (Јанис 28 Ноември, 2006 - 23:56 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • No comments: