Едно бачило е уништено во бурната 2001ва. Не знаеме што точно се случи таа година, зашто секој обид за дефинирање повредува нечии права. Ете, таа година во некаков недефиниран конфликт на права, изгинаа многу јагниња. И овци и коњи. Паднаа како жртви на неразбраноста. Оние кои преживеаа останаа без трло, без покрив над главата. Блееа залиптавено во студените ноќи, без услови за пристоен живот. Под стрес. Кутрите тие. Но, нивниот стопан се сети дека живее во правна држава. Со правни, а и уставни рамки. Држава со закони. Не сме Швајцарија, ама барем законите ни се ко нивното сирење. Квалитетни, де. Закон е закон. Право е право. Чиста тафтологија. Чисти 700 000 евра. „Па ово нема ни у Београду!“-ќе рече некој. (Е па, нема никаде, ама Белград изгледа ни е најдалеку до кај што ни стига паметот!).
Пустото трло си имаше стопан. А стопаните имаат стопански права. Урамени. Настрадаа оние пашитни животинчиња кои немаа стопан. За нив нема оштета. Не им следува. Колатерала на независноста. Сал стопан може да бара правична застапеност. Оно, повеќето се вадат на кривичната застапеност, ама ... ај да не детализираме до толку. Ќе повредиме несакајќи нечии права. Нека другото, никој нема да ни верува дека било несакајќи, дека сме се изгубиле во деталите. Тенденциозно ќе не обвинат за тенденциозност. Имаат право на тоа. Затоа - само без детали, молам. Сал крупно. Унитарно.
Велат, кроткото јагне од две мајки цица. Цица, цица. Ама, не сме сите јагниња пустото. Природата не зезнува често. Пораснавме, демек созреавме. Сега друга поговорка ни думаат - „Кога си овца, секој ќе те стрижи“. А и многу волци се намножија, бре! Оние, на Хобс.
Барам право да ми се одземат сите права. Ми тежат и на плеќите и на разумот. Отсега...фаќам кривини...
п.с. објавено на http://oksimoron.blog.com.mk на 16 Март, 2006 - 11:17
Коментари:
(worm 19 Март, 2006 - 12:55 | логирај се за да пишуваш коментари)
А кога фаќаш кривина од она што го нема - значи на прав пат си!
(oksimoron 19 Март, 2006 - 14:00 | логирај се за да пишуваш коментари)
Ај појасни ми
(oksimoron 22 Март, 2006 - 14:57 | логирај се за да пишуваш коментари)
No comments:
Post a Comment