Friday, April 04, 2014

Индиго

Притисокот на копнежот врз мислата созадава отпечатоци на подлогата разумност. Пресликани илузии затемнета страст. Формите на спомените добиваат нови контури. Ракописот од избледеното мастило емоции се пресликал на срцевата хартија. Листови развеани од ветерот непромисленост. Нечитко, нејасно елаборираната почувствуваност оставила траги двоумење. Неколкупати повторено. И кога мислиш дека исчезнало, се изгубило - ненадејно се појавува нова копија. Нов отпечаток на старите допири. Ново потсетување на заборавеното. Копија на недовршената приказна.
И повторно.... Маневар помеѓу помисленото и изговореното. Немам лице, немам тело. Ни раце да прегрнам, ни нозе да побегнам. Како да сум отпечаток на допирот на спомените. Немам возраст, ниту пол. Немам ништо. Не постојам. А сепак, тука сум секогаш и никогаш. Лебдеам во меѓупросторот од твојата илузија и неприфатената реалност. Потпис верен на оригиналот, а копија на самиот себе. Пресликана конфузија во фокусот на ажурната класификација. Архивирани емоции.


п.с. објавено на http://oksimoron.blog.com.mk на 29 Март, 2006 - 17:56

No comments: