Владата ни се спрема за состанок со јавноста. Поради важноста на состанокот, малку е збунета. Напната и вознемирена. Затоа, напрво одлучи да си овозможи една масажа со јавното мислење. Скокотлива масажа за релаксирање на укочените скептици. Па туш. Топло, ладно. За циркулација на шпекулациите. Потоа помина на премачкување со инсинуации. За нежен изглед и затегнување на консултациите. Мора да се биде во форма секогаш, де.
Го отвори плакарот со подредените предлози и ... дури сеа се најде во недоумица. Што да облече за овој значаен состанок? Мора да изгледа најдобро пред оние кои и ја дадоа довербата. Па, почна со комбинациите. Оваа кошула со оваа сукња...хм...ма, не бива! Портокалови линии и разнобоен точкаст материјал не е добра комбинација. А црново фустанче? Одговара за секоја прилика. Ама, многу демоде изгледа така. Сите претходни влади имаат носено таков фустан. Не, не бива! Па, таа е посебна, уникатна, единствена - таа е вистинската! Не смее да дозволи некој да ја споредува со ниедна претходна. Ги симнуваше од закачалките сите идни предлози за министри и комбинираше, споредуваше...додека не погледна на часовникот. Уф, нема толку време колку што има дилеми. Затоа се реши на еден трик од детството. Еци, пеци, пец, ја сам мали зец, ти си мала верверица, еци пеци пец! Се насмевна. Колку е лесно коа се играш.
Се облече и седна пред огледалото. На ред е шминкањето. Неколку црвени експерти на усните, неколку сини на очите. Аналитичари за затемнување на трепките и новинари за сјај на лицето. Косата ја пушти да паѓа низ рамениците, како слободна мисла на дофат на рацете на електоратот. Готово. Си намигна на својот одраз во огледалото и тргна. Со своите опозициони ремчиња сандалите малку ја стегаа. Но, ќе издржи. Има сила. Се движи со големи чекори.
п.с. објавено на http://oksimoron.blog.com.mk на 14 Август, 2006 - 01:03
Коментари:
Да видиме сеа дали во работата ќе биде добра како што изгледа
(oksimoron 14 Август, 2006 - 19:49 | логирај се за да пишуваш коментари)
Еве, покана до сите блогери - кај да сте за Тиквешкиот гроздобер во Кавадарци да сте
(oksimoron 15 Август, 2006 - 13:56 | логирај се за да пишуваш коментари)
Таман работа од вас да чекаме да дојдете да ни го оберете грозјето. Отидовме сите од рака така. Не. Не ве викаме за тоа. Знаеме дека не ве бива. Ама, не берите гајле - вредни сме ние и за вас
Поканата се однесува за карневалот, за саемот за вино и куп други културно-уметнички настани кои се организираат во склоп на манифестацијата Тиквешки гроздобер
Значи, ве викаме на забава, пиење вино....
(oksimoron 15 Август, 2006 - 23:07 | логирај се за да пишуваш коментари)
ај побрзо отварајте....нека пука.
(sexonblogeraj 15 Август, 2006 - 23:16 | логирај се за да пишуваш коментари)
(oksimoron 16 Август, 2006 - 23:59 | логирај се за да пишуваш коментари)
No comments:
Post a Comment