Saturday, April 05, 2014

3Д Идеологија

Секој мора сам да го помине својот пат. Но немора да се спрепнува баш на секое камче на кое се спрепнувале и другите пред него.
Кога религиозното убедување се користи како лакмусова хартија за утврдување на идеолошкото убедување – не останува простор за разумно објаснување. Клин ситуација. Убедување со убедување се избивало. Премногу дупки на ѕидот остануваат......
Започнуваат инсинуациите да леткаат ко шарени пеперуги наоколу. Мрежата недоволно густа за да ги улови сите. Се спровираат и упаѓаат ко мушички во око. Од ларва во пеперуга и после се – мушичка во око! Е, ајде де! 
Па почнува листањето идеологии. Од грубо распалталени до понежни, покревки. Зелка идеологизам. Лист по лист, и после пак лист. А на крај – ништо! Празно. Идеологизам до идиотизам.

Ако атеизмот исклучува можност од десна ориентираност, која е поврзаноста на капитализмот со религијата? Дали материјалното продава духовно по пазарна цена? Неможеш ни да се венчаш, крстиш ни бидеш погребан без пари. Ама можеш да се испереш од гревовите со литар зејтин, погача, јагне...
Ако го љубиме ближниот свој како самите себе (најсилна љубов дефакто), чуму одбивност кон хомосексуалноста? Дали мастурбацијата не е облик на хомосексуалност? Иако верата ја забранува, сепак омилен грев на многумина верници. Десанка или леванка.... сеедно. Во мигот се затвораат очите кон идеологијата и верата. Литро зејтин после. 
Милитарни активности за спроведување слобода? Кој ќе не ослободи од нас самите? Заробеници остануваме секогаш. Заробеници на себе си. Контрола на слободата во име на слободата. Чиста валканост. Или валкана чистотија.
 
Ако комунизмот вели „секој според можностите, секому според потребите“, кој одредува критериум за „можноста“ и „потребата“?! Можам и ми треба. Неможам и пак ми треба. Значи, тие што можат повеќе работат и за тие кои не можат а им треба. За иста количина на потреби. Дали тоа не е најчист облик на дискриминација? Врв на лицемерност.
Вреднување на животот и право на живот со убиство како облик на контрацепција? Прекин на живот на незнаено човечко суштество со незнаени капацитети а поштедување на живот и сместување во државни институции на куп убијци, педофили, злосторници кон човештвото. Зашто,секој живот вреди! Освен штотуку зачнатиот, најневиниот.
Крајностите започнаа да се бранат со крајности за сметка на крајностите. Екстремизам против екстремизмот. А ни левото повеќе не е толку лево, ниту пак десното толку десно. Само сенките кои остануваат по аглите  ги апсорбираат впечатоците и создаваат мрак од нив.  Сенки во кое дебнат стаорци. Идеолошки.

Потребна ни е 3Д идеологија. Не, не во смисол на технолошката ера. Димензии, ово-оно. Не сме ние уште созреани за тоа. Витруелни виртуози на небулози сме сеуште. Потребно ни е прво старото,  ефикасно 3Д. Дезинсекција, Дезинфекција и Дератизација во идеологиите.


п.с. објавено на http://oksimoron.blog.com.mk на 14 Април, 2009 - 11:34

Коментари:
  • Зелка идеологизам - многу правилна дефиниција Окси! Раслојување до обезличување; откоренување до исчезнување. Чисто ништавило.
    (RIBARO 14 Април, 2009 - 12:54 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • премногу прашања во еден текст и сите до едно легитимни
    само останува фактот дека има сеуште потреба од идеологии, за да се чувствуваат еден дел од луѓето колку толку заштитени
    (DimeS 14 Април, 2009 - 13:11 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Рибаро,
    како беше онаа песничката.... „зелката има кошули триста...“ Smiling
    Се набуцавме салата! А главно јадење нема. Eye-wink Smiling
    Диме,
    за секое од прашањата (и уште куп други) може да се пишува издвоено, пост по пост. Да се развлекува, филозофира до заморност. И, дискусиите сепак ќе бидат интеракција од идеолошки заштити. Секој со и за своето убедување, во негово (на убедувањето) име. Варијација на варијацијата. Легитимна фактологија Eye-wink
    (oksimoron 14 Април, 2009 - 19:53 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Проблемот со идеологиите во Македонија е што кај нас не е дефинирана разликата меѓу левицата и десницата.
    Сакам да кажам, кај нас за десничари се сметаат и Љубчо и Грујо (иако ставовите по економијата и националниот идентитет им се апла различни), а за левичари се сметаат истовремено и тајфата околу Бранко Црвенковски и околу Сојузот на Титови Леви Сили, иако идејните разлики меѓу овие два примери се поголеми отколку меѓу Грујо и Љубчо.
    Значи, се додека не се дефинира што точно е тоа Левица, а што точно е тоа Десница во нашите конкретни македонски услови, џабе е муабет за тоа кој е левичар, а кој е десничар.
    Еве јас, неформално, факултативно, се обидувам на мојот блог да дефинирам која е разликата меѓу левица и десница. Обично се сметаат за синоними десницата и конзервативизмот, ама еве јас се сметам себси за десничар, ама никако за конзервативец, па најди му крај на тоа Smiling
    Прогресивен десничар?
    (Нено Богдан 14 Април, 2009 - 20:56 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • E така де-конечно некој да објасни Smiling
    Гледам луѓево некако се изгубија , или скршнаа ептен лево или ептен десно.
    Овие што знаат да држат реална средина-се нарекувани подлизурковци.
    Колку ограничено разбирање на нештата и поставките.
    Окси, поздрав и браво-како и секогаш.
    (nadezna 15 Април, 2009 - 01:11 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • букмаркирана си на мозилава Smiling
    (hemicarot 15 Април, 2009 - 01:15 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Oksi на кајмакот !
    http://kajmakot.softver.org.mk/blogovi/3_D_Ideologija/
    (nadezna 15 Април, 2009 - 01:23 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Во една реченица се вели:
    А кај отиде човечноста?
    (Окото 15 Април, 2009 - 02:02 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Нено,
    знаев ја дека не има повеќе оксиморони Smiling
    добредојде во клубот Eye-wink
    Надежна,
    самите се ограничуваме себе си во обидот за позиционирање по одредени црно-бели критериуми. Строга поделба на црна маса и бела маса. А отсувство на сива... Smiling
    Нема средина ама има врв и дно. И лево и десно.
    Благодарам мила, поздрав Eye-wink Smiling
    Хемичару,
    удобен букмарков бре! тамам ме фаќа Eye-wink Smiling
    Окото,
    ех... човечноста... се сокри од срамот Smiling
    (oksimoron 15 Април, 2009 - 18:25 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Браво! Како и секогаш - многу објективно.
    Нека ти е среќен празникот на трудот и многу поздрав. Smiling
    (partik1 1 Мај, 2009 - 13:14 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • 3Д идеологија?
    Одлична идеа за името на она што нам ни треба?
    Се согласувам.А како тоа ќе се оствари во овие услови кај нас појма немам,
    се надевам дека ќе ни кажеш наскоро,ако знаеш.
    Поздрав.
    (Effo 3 Мај, 2009 - 16:35 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Партик,
    благодарам, се најдобро Smiling
    Еффо,
    како што пишав во коментар кај Внукот:
    -Тешка заблуда е да се поистоветува религиозната припадност со идеолошката, или да се користат логички пресметки дека „ако“ си религиозен „тогаш“ си десничар, „ако“ си атеист „тогаш“ си комунист.
    Нема излез од политичко-религиозен догматизам, чим се вреднува на тој начин.
    Политиката и религијата се две различни димензии (кои можеби функционираат на слични принципи, да се признае) и сите проблеми настануваат кога се преклопуваат допирајќи си ги крајностите-
    Нас веќе подолг период ни е се измешано со некоја леплива смеса на ирационалност, заблуди и предрасуди. На нашиот систем неопходно му е 3Д-то (старото, хигиенско Smiling ). И тоа со разграничување, расчленување и детално чистење на сите составни компоненти од прашина, замастеност, отстранување на наталожените нечистотии, гадинки и слично, за да потоа може да се склопи и функционира како што треба Eye-wink Smiling
    Поздрав
    (oksimoron 3 Мај, 2009 - 17:01 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Јас многу добро те сфатив,немаше потреба да се повторуваш.
    Но изгледа дека ти не ме сфати,јас се согласувам со твојата
    дијагноза на општеството во кое живееме,дури и ми се допадна
    идеата за името на лекот кој си го смислила 3Д-идеологија.
    Но сега ти преостанува да ја соопштиш рецептурата на тој лек
    за де го избришеш впечетокот на КРИТИЗЕР кој го остави кај
    мене,а воедно да го заслужиш епитетот на КРИТИЧАР.Поздрав.
    (Effo 3 Мај, 2009 - 17:12 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Како го спротивставуваш ова „критизер“ и „критичар“, ко да правиш обид за изедначување со изразите „позирање“ и „позиционирање“, бре! Smiling Ко лекар и аптекар Eye-wink
    При препишување на лекот, мора да се земат в предвид и контраиндикациите. А често мора да се користи и дополнителен лек за сузбивање на нус ефектите, се во насока на успешно делување на основниот лек. (На пр. втората бременост ми беше ризична и во еден период морав да користам лекарства за спречување на контракциите на матката, но истите тие лекарства делуваа на работата на срцето па истовремено морав да користам и лекови за срцето (иако сосем здраво) за да се сузбијат нус ефектите на лекот кој беше примарен. Smiling )
    Може да се постави дијагноза, може да се понуди соодветна терапија, ама за успешно лечење најважна е дисциплинираноста на пациентот. Лековите се горки и ограничувачки а не секој ги сфаќа сериозно и неопходно. За жал Eye-wink
    Потребна е вештина на убедување за користење на лекот, како и укажување на последиците од неговата непримена. Многу покомплексна тема отколку што може да собере во еден кометар. Ама добра инспирација за некој следен текст Eye-wink
    Поздрав Еффо Smiling
    (oksimoron 3 Мај, 2009 - 18:18 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Не е доволно да се демаскира хартиената идеологија, идеологија на левицата во Македонија, на лажниот невладин сектор. Не ни е потребно ни некое школско дефинирање не треба да останеме во теорија.
    Треба да се напушти позицијата на лажен објективен критичар кој негува дистанца во однос на работите кои ги критикува. Напротив, треба да се прифати едноставната вистина дека треба да се учествува, треба да се делува, дека ова е наша земја, и дека таа ќе биде таква за каква ќе се избориме.
    Да не доаѓа дека зборувам од име на колективно јас, ќе кажам дека за мене ангажман меѓу другото денес значи, да се стои на пример зад новиот буџет за културата, најголем во досегашната историја. Да се поддржи естетиката на Вангел Божиновски, етиката на Паско Кузман.
    (aleks.bukarski 3 Мај, 2009 - 19:00 | логирај се за да пишуваш коментари)
  • No comments: