Saturday, April 05, 2014

За слободата на изборот


Со спојување на 23 хромозома од едниот и 23 хромозома од другиот родител, се создава коктел кој ти ги одредува физичките карактеристики. Твојот пол, висина, боја на очи, на коса, на кожа... секој квадратен милиметар од твоето тело. Се раѓаш во куќа, семејство, град, држава, континент кои не си ги избрал самиот. Дури и името и презимето ти ги одредил некој друг. Од самиот почеток ти се наметнува правилото дека денот е за активности, а ноќта за спиење. Иако можеби ти би сакал обратно. Те дисциплинираат веднаш. Потоа те носат во верски објект (црква или џамија, сеедно) и стануваш верник уште пред да проговориш. А проговоруваш на јазикот кој го говорат луѓето околу тебе. Не дека ти така си избрал. Масата е маса, дрвото е дрво, книгата е книга, каменот е камен.... ти си „тоа“ и „тоа“! Детерминирано суштество во детерминиран свет. 
Следуваат во низа - детската градинка, основното па средно образование. Задолжителни образовни содржини кои општеството ги одредило како неопходни и полезни за твојот развој како личност. Да. Општеството. Она чудо за чие креирање стекнуваш право откако ќе наполниш 18 години. Односно, откако прво тоа тебе ќе те обликува. 
Толку за слободата на изборот.

Заради интригантност, би можела овде да го завршам текстов оставајќи куп прашалници да лебдеат наоколу. 
Но, не сакам.

Одовде натаму можеме да разговараме за развивањето на вештината за справување со наметнатите избори. За градење на слободната волја.
Желбата да се научи нешто ново, нешто различно, нешто повеќе од понудените содржини е прв сигнал за развивањето на слободниот дух кај една личност. Слободната волја се создава кога совладувајќи ја понудената материја, сфаќаш дека таа не ти е доволна.  Па бараш дополнителни знаења. И самиот ги одбираш, ја насочуваш својата љубопитност. Го задоволуваш интелектуалниот глад со специјалитети кои самиот ги избираш. Да, дури во оваа фаза ТИ правиш избор. 
Иако, колку повеќе знаеш - толку помал се чувствуваш. Светот ти се чини поголем, има премногу детали. 
Иако, колку побогат ти станува речникот - толку пократко се изразуваш. Ги употребуваш точните поими, а не нивните описи.
Истражуваш. Откриваш. Па создаваш. 
Слободната волја не се манифестира со насилно уривање на утврдените правила. Не. Се манифестира со откривање и креирање на содржини кои ги надраснуваат тие правила. Содржини на кои не им требаат правилата за да постојат. 
Светот околу нас започнува да се менува преку промените на светот во нас. Ако имаме волја за тој избор.


п.с. објавено на http://oksimoron.blog.com.mk на 28 Јули, 2008 - 18:41

Коментари:
  • Е, вечниот круг на промените е неизбежен!
    (Dear Jimmy 28 Јули, 2008 - 18:56 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Ја имаме и опцијата да си го избереме полот, по наша желба, доколку ги надминеме сите предрасуди...
    (KLIKER 28 Јули, 2008 - 20:10 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Значи ако двајца педери посвојат дете, кога ќе ги прашаат у матично дали е машко или женско, тие ќе кажат дека ќе остават
    тоа да одбере.
    Тоа ти е слобода на избор!
    (tomba 28 Јули, 2008 - 20:50 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Dear Jimmy,
    промените ги констатираме како неизбежни кога ги прават некои други луѓе кои излегле надвор од кругот, а ние сме безволни набљудувачи.... внатре во кругот.... не е до вечноста, туку до желбата за поттикнување промени Eye-wink
    Кликер,
    возможна е и промена на полот, за косата и очите да не зборуваме, еден успеа и бојата на кожата да ја смени (кој ли ден ќе се растопи под рефлекторите), можеме да го смениме местото на живеење, да научиме уште еден, ма уште три различни јазика, да промениме вера, да измислиме нови материјали..... но, се е тоа секундарен, терцијален избор кој го правиме дури откако ќе ја изградиме својата волја.
    Првиот дел од текстот се однесува на примарноста Eye-wink Smiling
    Поздрав Smiling
    томба,
    а во меѓувреме?! што со периодот додека тоа дете порасне и се изгради како личност која самата прави избори?! Што со него дотогаш? Smiling
    (oksimoron 29 Јули, 2008 - 06:56 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • А да пробаме со помасовно мешање на хромозомите?
    Ќе не има во многу поголем број, и ќе бидеме по-разно фацијални.
    Поради бројноста,постои поголема веројатност да излезат единки на "вистинскиот пат".
    Ајде сите на "работа",и ете посветла иднина.
    п.с.
    феминистки-ќут
    (anaveno nelogiran 29 Јули, 2008 - 07:05 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • “колку повеќе знаеш - толку помал се чувствуваш. ... колку побогат ти станува речникот - толку пократко се изразуваш. ... Слободната волја... (С)се манифестира со откривање и креирање... Светот околу нас започнува да се менува преку промените на светот во нас.“
    Одлично и концизно кажано. Малку мудрост за добар ден од оксиморон.
    Слободната волја - дали ќе го следам она што мене ме привлекува или она што другите ми велат дека треба да ме привлекува? Дали сакам, или сакам да сакам нешто што другите веруваат дека треба да се сака?
    Ќе правам што и тие за да го добијам она пто тие го добиле? И дали ќе ги повторувам грешките на другите очекувајќи поинаков резултат? Повторувањето и дуплицирањето не се слобода. Слободата, ко што оксиморон навестува, се препознава по инвентивноста.
    (Ана Пејчинова 29 Јули, 2008 - 08:04 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • слобода на избор имаш кога ке станеш полнолетен и можеш све да смениш, и вера, и име и презиме, и јазик, и националност,... само треба лично да знаеш што сакаш! (аnka 29 Јули, 2008 - 08:59 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Да се надоврзам на Ана: дали ќе правам како што мене ми кажуваат свеста и емоциите или ќе правам како што ми кажале мама и тато! Eye-wink
    (Dear Jimmy 29 Јули, 2008 - 12:54 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • anaveno (нелогиран, де),
    генетскиот инжинеринг зема се поголем замав, ќе дојде ден кога физичките карактеристики ќе се менуваат како дневна шминка... денес си машко, вечер женско - сам себе се онадиш и имаш само ТВОЕ дете, кое ќе ти биде и син и ќерка.... а нема да те признава за родител оти така само одлучило Laughing out loud Smiling Smiling
    шовинисти - ќут!
    Ана Пејчинова,
    благодарам мила за убавиот коментар. Прашањата кои ги поставуваш ( и одговараш истовремено) точно ги дефинираат дилемите на личностите кои ја преиспитуваат својата слободна волја Eye-wink
    Поздрав Smiling
    анка,
    дали тие избори (по полнолетството) се навистина израз на слободна волја или инсинуација создадена од обликувањето на личноста до стекнувањето на полнолетноста (т.е. воспитно-образовниот процес до 18 години)? ти-ру-ри-ру, ти-ру-ри-ру... (ова музиката од „зона на самракот“, де) Smiling
    Dear Jimmy,
    да се биде или не, прашањето е сега Smiling
    а покрај мама и тато, стави ги дада, бато, учителката, другарите, соседите, професорите.... сите дотогашни авторитеи.... малце подолга листа ќе излезе Smiling
    (oksimoron 29 Јули, 2008 - 19:28 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Промени се самиот себеси
    И светот ќе се промени самиот од себе
    (By Jove 30 Јули, 2008 - 19:25 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Мислам дека животот сам по себе е еден куп на погрешниизбори, направени под влијание на естетиката, цувствата, зелбите, фрустрациите, и да не набрујувам, што воглавном е и причината за откривање на едно ново чувство или состојба, како сакаш...разочарување!!! Мозеби звуци малку епикурејски, ама јас едноставно би препуштил на судбината, е тука би интервенирал со сопствено надоградување, влијаење на лична клреација и бла-бла...и сега јасно ли ти е зошто епикурејството не успеа. П.С. Јас имам малку поинаква идеа околу тоа...не успеа заради НЕМОЖНОСТА, во овој ОБСТРУКТИВЕН СВЕТ, да се надградуваш, без притоа да се потпреш на ВЕКЕ утврдени правила и прописи, како и своите идеи и гледишта ги оствариш, без предходно ОДОБРЕНИЕ за тоа. Бај д уеј ПОЗДРАВ (POPEK 31 Јули, 2008 - 19:45 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Да тоа е точно така. Но што би било кога не би било така.Во тој случај која би била слободната воља, можеби би ја немало воопшто, за разлика од детерминираните креации каде еден (секако помал)број на луѓе ќе ја сватат слободната воља . Па таков развој на човекот е нормален (па и на животните).Пробај да го замислиш спротивното. Да ли воопшто би можела да го напишеш овој пост доколку некој (општество,родители и др.) не влијаеле врз твојот развој.Без тоа не би ни можеле да дојдеме до фазата во која би правеле избор. И за крај и насилно уривање на утврдени правила е израз на слободна воља (george bush 1 Август, 2008 - 00:49 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Сите промени се тажни, дури и оние кои што
    најповеќе ги сакаме, бидејќи тоа што го оставаме, тоа е дел
    он нас самите; треба да се умре за еден живот за да се влезе во друг.
    (batadjango 1 Август, 2008 - 23:19 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Со најмалку зборови - се е тоа состојба на умот.
    (Маат 1 Август, 2008 - 23:39 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Интересен пост...на таа тема имам на ист начин размислувано. Се раѓаме како производ на нечија љубов,се развиваме и растеме опкружени со љубов и забрани и наметнати норми.
    Оној што ќе се обиде да излезе од кругот и да направи сопствен избор, различен од средината, ќе ја доживее судбината на Џонатан Ливингстон и ќе биде отфрлен од јатото. Но, секогаш треба да се стремиме да научиме подобро да „летаме“...
    (partik1 2 Август, 2008 - 00:00 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • By Jove,
    токму така Smiling
    Почетокот и крајот на кругот се во иста точка. Во нас Eye-wink
    Попек,
    разочарувањата се нус појава на очекувањата. Се избегнуваат со делување без никакви очекувања. Нема очекувања - нема разочарувања Eye-wink Smiling
    Лично, не верувам во дефинирањето „погрешни“ и „правилни“ избори. Само во волја за избор. Епикурејството имало цел ослободување од стравовите поврзани со боговите и разобличување на догмата дека некои виши сили управуваат со нашите животи, акцентирајќи ја притоа слободната волја како метод на „самоуправување“ на секоја личност. Но, дали слободната волја може да го носи епитетот „слободна“ кога се наметнува во форма на учење за истата?! Учење за ослободување од учењата. Smiling
    Последната реченица од твојот кометар дава солиден опис на апсурдноста наречена „слободен избор“ Eye-wink
    Поздрав Smiling
    george bush,
    кога не би било така како што е, не би се ни прашувале себе си вака како што се прашуваме кога е така како што е Smiling
    Насилството многумина го перцептираат како израз на слободна волја, знам. Делумно се согласувам. Сепак, и тоа е ИЗБОР да се изрази немоќта да се прават избори. Eye-wink
    batadjango,
    не се сите промени тажни. Ако е така - би живееле во еден многу тажен свет Smiling И, ако промените носат уште повеќе тага - зошто би се труделе да го промениме!?! Сакаме да сме тажни?!!
    Иначе, јас не верувам во бесконечноста на животите која ја заговараат некои духовни учења. Дали тоа не се само залажувања дека имаме можност да поправиме се што ќе уништиме сега во некое идно замислено време, кога (условно) ќе бидеме некои други?! СЕГА сме и ТУКА. Да не се „извлекуваме“ со УТРЕ и ТАМУ, туку да видиме што да сториме со ова што имаме и што можеме. Eye-wink
    Маат,
    хм... ај да не се ограничуваме до толку.... наместо состојба нека бидат состојби Eye-wink Smiling
    партик1,
    да се напуштат сигурноста и едноставноста кои ги нуди јатото е предизвик за слободната волја. Ризик да се одбере поинаков правец за летање. Одамна читав еден есеј од српска авторка (не ми текнува ни името ни насловот сега) во кој се обработува темата за различноста преку компарација со приказната за грдото пајче. За уметничките души кои минуваат низ разни перипетии додека да го најдат своето (уметничко) јато и се претворат во лебеди. Па се запрашав себе си.... дали во желбата за независнот и трагање по нови, за нас поприфатливи вредности... наоѓаме попат и други самотници како нас, кој летаат во ист правец... и..... бегајќи од едно јато - стануваме дел од друго?!
    Поздрав Smiling
    (oksimoron 3 Август, 2008 - 16:56 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Окси , многу интересно прашање поставуваш!
    Ме потсетува на моето приклучување на блогосферава!
    Доаѓав на блоговите да откријам и доживеам нешто ново,
    па станав дел од блогерите и најдов многу интересни личности! Smiling
    (читателката 3 Август, 2008 - 17:23 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • MoronuOxi Eye-wink недоразбирање, кај мојот коментар али ајде...
    Тажни промени, мислев на носталгичното навраќање на спомените во минатото....
    Токму како рекол големиот Гете:
    Сите луѓе се разочарани во своите надежи,
    и излажани во своте исчекувања.
    И, имал право човекот.
    Посочи ми само еден кој што не се
    надевал на повеќе од тоа што го добил,
    или пак, не бил излажан, разочаран,
    онаму кај што очекувал нешто.
    Нема таков! (се извинувам на некои бебуши
    кој очекуваа цицка а добија Бебирон) Smiling
    Ова моево...треба да се умре за еден живот за да се влезе во друг...не беше баш така замислено како го протолкува
    ти...можеби подобра асоцијација од живот беше ФИЛМ.Eye-wink Smiling :)
    Недоразбирање, се надевам!
    п.с. 3/4 од недоразбирањата ќе ги снема од овој свет, кога ќе се поставиме во духот на нашиот соговорник и ќе го сватиме нивното застапување на ставови. Дури тогаш
    веднаш ќе се сложиме со него или за него ќе имаме повеќе разбирање.
    А што е со останатата 1/4? Smiling Smiling :) Smiling
    (batadjango 4 Август, 2008 - 18:48 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • читателке,
    прашањето добива посебна димензија кога станува збор за блогосферата. Таа (блогосферата) е ТИМ од ИНДИВИДУАЛЦИ (колку оксиморонски и да звучи тоа) кој функционира за секој посебно а сепак со сите заедно Eye-wink Smiling
    Поздрав мила
    batadjango,
    откако го фати бидемаерот на погребот (ме пресмеа, бре), изгледа дека влезе во тој ФИЛМ кој го заговараш како „другиот“ живот, таму каде што промените се прават во спомените, и каде што се користат цитати од прекрасниот Гете - лошо минимизирани во стилот на разочараниот Ниче (навистина штета, зашто поентата на Гете била да не се претерува со надежите и очекувањата, а не да се акцентира тоа „сите“ како што (по којзнае кој пат погрешно) генерализирал Ниче) .... па јас, обичниот, мал МОРОН не можам да те разберам(преголем залак, т.е. моронизам е тоа за мене) Smiling . Ај, белки кога ќе пораснам и бидам поголем МОРОН можеби ќе сфатам и ќе ги избегнеме сите недоразбирања. Тогаш ќе се сложуваме веднаш и ќе имаме повеќе разбирање еден за друг Eye-wink Smiling
    п.с. изненадува твојава груба реакција поради тоа што сум те разбрала како што си напишал а не како што си мислел. Моја грешка, еве признавам (сеуште не умеам да читам мисли, ама - ќе научам ако треба!) Smiling
    Преостанатата 1/4 ќе ја конзумираме во бурекџилница. Eye-wink За тука доста четвртини изедовме Sticking out tongue Laughing out loud
    (oksimoron 4 Август, 2008 - 20:51 | логирај се за да пишуваш коментари)
  • No comments: