Friday, April 04, 2014

Платон

Веќе спомнав за Платон. Сеа малку повеќе.
Платон. (427-347 год.п.н.е.) Сократов ученик. Аристократско потекло. Основач на академијата. Поборник за истовремено физичко и духовно усовршување. Во здраво тело-здрав дух. Основач на етиката.
Во неговата филозофија поимите добиваат форма на посебни, независни од човекот како субјект идеи. Светот кој е видлив е само несовршен одраз на материјалните нешта. Секоја идеа, според него, е вечна и во себе идентична, причина и последица на се постоечко што никогаш не може да ја достигне самата идеа. Предмет на истражување на правата наука, предмет на знаењата, не можат да бидат променливите материјални облици, туку само чисти апстрактни поими, односно идеите.
Суштината на нештата, изразена во идеите, може да се спознае само со разумот и треба да се разликува од појавите кои ги забележуваме со сетилата. Во средината помеѓу разумните сознанија на идеите и сетилните забвелешки стои математичкото мислење кое Платон го смета за подготовка за филозофијата. Геометриските облици и бројките се посредници помеѓу сетилниот свет и светот на идеите. Човекот е поделен на тело кое му припаѓа на минливиот свет на материјата и душа која е бесмртна и вечна, па се приклучува на духовниот свет на идеи.Душата и пред тој живот постоела на сличен начин како идеата, како чист дух без тело, иако во човечки облик. Според тоа и вистинското спознание не е ништо друго, туку сеќавање на душата на идеите кои ги следела во својот изворен облик.
Таа своја теорија за и нереалното, за материјалното и духовното, многу убаво ja претставува преку својата „Алегорија на пештерата“. Во неа (во пештерата) луѓето седат покрај огнот (кој претставува одраз на животот, илузија) свртени со грб кон него. На ѕидот од пештерата ги гледаат своите сенки како се движат и мислат дека тоа е нивниот живот. Рацете и нозете им се оковани со синџири од предрасуди и не можат да се свртат кон огнот, ниту пак да излезат од пештерата, Живеат во сенките на ѕидот и тоа е нивната реалност. Дури и ако некој успее да се ослободи од синџирите, да го пронајде излезот од пештерата - веројатно ќе ослепи од силната дневна светлост , затоа што неговите очи се привикнати на мракот во пештерата. Но, ако и не ослепи, ако се привикне на таа светлина и ја виде реалноста со свои очи - можно е да полуди од сите тие бои, нијанси и мириси на реалноста. Сепак, ако успее да го надмине и тоа, да го сочува видот и разумот, тој ќе биде среќен и ќе ужива во вистината. Неговата радост ќе го натера да се врати во пештерата и да се обиде да им ја каже таа вистина на другите. Да им каже дека сенките се сенки, дека мракот е мрак. Но... иронија! Никој не верува во тоа што не го почувствувал дотогаш. Никој не верува во нешта што не поминале низ неговите сетила. Луѓето во пештерата, кои никогаш не излегле од неа - ќе го прогласат за луд вратениот. Неговата вистина ќе биде нивна лага. Измама,. Дури, ќе се обидат и да го погубат, за да не им ја ремети „реалноста“, т.е. „вистината“ на која тие се навикнати и која единствено ја знаат!
Човеков ова го пишувал 3-4 века пред нашава ера. Колку малку духовно сме напреднале оттогаш наваму...

Објавено на http://oksimoron.blog.com.mk на 31 Јануари, 2006 - 06:49

Коментари:
  • абе тоа објективниот идеализам е ненадминато мнение за светот, пештерата ти е Матрикс, пишував јас на таа тема одамна. се додека не се осуди да ја пише Политејата, Државникот и да создаде самиот тој окови за умот. (Shepard 31 Јануари, 2006 - 08:07 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • А бе, кај Платон не ми се бендисува само неговата контрадикторност во однос на ставот за уметниците. Не ги почитува и ги смета за непотребни. И покрај сите основи на етиката. Демек, светот кој го знаеме е копија на светот на идеите - пример со столот, тој е копија на идејата за стол која како таква е несовршена, но во секој случај подобра од неговата слика изработена од уметник е копија на копијата! Ирационално, ама.... Има многу елементи во Платоновата филозофија кои ми оставиле силен впечаток, а има и такви кои не ми се допаѓаат. Ама, јас одбирам да размислувам само за тие кои ми се допаѓаат. ;)(oksimoron 1 Февруари, 2006 - 11:03 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Мислам дека читање на „Митот за пештерата“ (извадок од „Државата“) добро ќе го надополни текстов.
    (Razvigor 10 Февруари, 2006 - 13:00 | логирај се за да пишуваш коментари)
  • No comments: