Tuesday, January 24, 2006

Диоптер

Хоризонтот на можности ни е ограничен. Разгледуваме околу нас, се ѕвериме, па мижеме и пак се ококоруваме. За трговци не не бидува. Скапо купуваме, ефтино продаваме. А и глупоста (природна или фингирана) нема маржа. Во обид да ја избегнеме реалноста се препуштаме на илузиите. Идеализираме. Бараме висок стандард при ниска свест. Навлегуваме во капитализмот, а сеуште криеме во пазувите парче комунизам. Далекувиди сме. Сериозно нарушување на видот е тоа. Гледаме надалеку, а тоа што ни е пред нас ни е замаглено и нејасно. Очите ни се свртени кон Европа, погледот ни е толку сконцентриран што солзи ни навираат. Без трошка самопочитување бараме почит од другите. Некој треба да и купи очила на владата. Со диоптер + , да може да гледа и пред себе. Да ги забележи колоните на луѓе пред заводите за вработување, да ги забележи статистиките за месечните примања на народот. Да направи разлика помеѓу тие приходи и расходите кон наметнатиот европски стандард во поглед на сметките за вода, телефон, струја, греење ... И пред се, да ја види маката на најбројната категорија производители во државава. На земјоделците. Нивниот тутун, грозје, пченица, овошје, зеленчук како и производите на сточарството – млеко, сирење, волна, кожа, месо, јајца. Тоа се производите на Македонија. Немаме електронски чипови, немаме силиконска долина, не произведуваме автомобили, ниту делови за нив, ниту пак некоја којзнае каква технологија. Паметот ни бега надвор од државата, го извезуваме бесплатно. Со него и идеите. Земјата, кутра, не може да замине. Останува засекогаш и чека да биде обработена. Чека да ни даде плодови. А ние само напразно ја газеме. Сите инвестиции ги потрошивме на меѓусебни надмудрувања. Наместо да ги искористиме ресурсите кои ги поседуваме. Секоја година се помали површини земја се обработуваат, од причина што земјоделието ни е непрофитно. Невладино (владата се откажа од него), непрофитно (не се заработува од истото) а сепак бројно (уште тоа му остана на големиот % невработени). Според своите карактеристики како да е дел од невладиниот сектор. Но, не е. И тие се подобро платени. Шетаат по семинари и као се едуцираат. Што ли толку имаат за учење? Зарем толку многу пропуштиле на училиште додека се улизнувале наоколу? Ама, за нив во некој друг пост. Овој ми е за земјоделието. Кога владата би се ангажирала околу него (барем колку што се ангажира околу наместувањето на анкети), кога би креирала поволни услови за негов развој и гарантиран пласман на производите – би го подигнала стандардот на најбројната целна група во народот. А, кога народот има повисок стандард, има и државата. Зашто, државата – тоа е народот. Да не идеализираме барајќи нешто што го немаме. Да го земеме тоа што го имаме и оптимално да го искористиме. Така ќе си го проширеме хоризонтот и ќе гледаме појасно. Без замаглени фигури кои ќе не спрепнуваат.
Има многу лекари, доктори во политиката. Се надевам дека некој од нив е очен. Дајте, нека и помогне некој на владата да си го подобри видот.

2 comments:

Драган Зајковски said...

На оние од Илинденска б.б. не им требе очен лекар. Им требе поп за последна причест. Очигледно ги бројат последните денови.
Но лошата вест е што другите најверојатно пак се враќаат. Додуша во нов состав.

Veronika said...

Во секое лошо има понешто добро, и обратно.