Saturday, January 21, 2006

Против ЗА комунизмот

Гледам се разви дискусија по нетов за иницијативата за укинување на комунизмот како идеологија. Иронично е што во негова одбрана избрзано искочија оние кои досега се декларираа како демократи, револуционери, борци за слободната мисла и нецензурирано изразување. Веројатно искочија по инерција, навикнати да бунтуваат против сите забрани. А забраната (укинување) на комунизмот како идеологија, всушност е забрана (укинување) на забраните.
Комунизмот е утопистичка идеологија. Убаво звучи на хартија (теоретски гледано), но во практиката е неизводлива, неиздржлива. Комунизмот е матрица која ја исклучува индивидуалноста. Единствената слобода која ја нуди е слободата за претопување во масата. Во комунизмот нема ЈАС има само НИЕ. Веројатно основоположниците на комунизмот ги запишале основните начела набљудувајќи некоја кошница со пчели или мравјалник. Го препишале на хартија нивниот систем на функционирање. Велат, комунизмот не бил нацизам. Точно е. Нацизмот забранува други нации освен својата. Ги уништува. Комунизмот ги почитува сите нации, но забранува мислење и размислување различно од своето. Го уништува индивидуалното како штетно за колективното.
Скоро сите, верувам, сте го гледале филмот „ Матрикс“. Е па, матриксот воспоставен од машините е пандан на комунизмот. Сите живеат во илузија. Илузија која се следи и контролира од страна на редарите на матриксот (оние лошите, де). Една мала група револуционери се бори против матриксот (комунизмот). Нео, Морфиус и компани. Тие стануваат дисиденти затоа што сакаат да размислуваат со своја глава. Да излезат од ограничениот илузорен свет и да ја видат реалноста таква каква што навистина е. Да одлучат сами за себе.
Не многу одамна, и ние живеевме во комунистичко општествено уредување. Безумно се следеше едноумието. Фабриките беа на народот, приватните стопанственици се прогласуваа за алчни капиталисти, образованието беше бесплатно, процентот на вработување во корелација со платите – колку повеќе вработени, толку понисли плати (фондот на платите беше утврден во однос на работната одржливост без оглед на бројот на вработени). Изборот на храна и облека беше сведен на нивото на домашното производство. Само една (државна) телевизија и неколку печатени медиуми (пак државни) кои инструинирано не држеа во мисла дека ние сме најпаметната, највредната, најдобрата држава. Претседателот ни беше доживотен (као монарх), немаше избори, немаше различни ставови (барем не јавни). Наизглед сосем идилична слика. Урамена, закачена на ѕидовите едноличност варосани со боја на еднаквост. За да се одржи таа идила, во позадина имаше високи задолжувања на државата. Задолжувања кај „омразените“ ни капиталистички држави. Имаше одземања на приватни имоти и нивна трансформација во општествени. Имаше прогонувања од државата. Имаше тајни полициски досијеа и тајни политички затвори. Имаше строга цензура. Бевме изолирани од светот, доволни самите на себе. Не можеше секој да пишува што сака. Ниту да каже дека не се согласува со нешто, дека мисли поинаку и има различни ставови. Конструктивното опозиционерство беше етикетирано како деструктивно делување. Тоталитаристички мрак пред оци. Мрак за прогресот зад темните наочари на паролата за еднаквост.
Во природата владее законот на посилниот. Опстојуваат и еволуираат оние кои ги следат законите на природата. Нема еднаквост. Предноста е во различноста. Зашто, различностите се надополнуваат едни со други. Природната селекција ги отстранува неподобните, нефлексибилни и неконструктивни елементи. И во идеологијата постои еволуција базирана на селекција. Продолжуваат посилните, поиздржани идеологии. Комунизмот отпаѓа.

За крај, еве еден цитат од колумна на Марјан Ѓорчев ----
-----Може ли сите да се согласуваме------11-11-2004

„ Крајниот дострел на политиката во современите услови на живеење е да овозможи развој на човековите перспективи според индивидуалните способности на луѓето. Тоа ќе овозможи создавање на приближно еднакви шанси за успех на припадниците на различни општествени групи и подигање на свесноста за потреба од кохерентност на индивидуата и одделни групи со заедницата. Политиката ќе мора да изнајде нови методи на влијание врз поединецот и врз општествените групи. Останува наджта дека позитивните аспекти на разликите помеѓу луѓето можат да бидат предизвик за поинаква, а сигурен сум, и подобра иднина од минатото“

4 comments:

Shepard said...

Пеле, со Марјан Ѓорчев..

Иначе, комунизмот според Маркс не е тоа што некогаш беше.. не е ни утопија.. туку основа на Бакуњин и анархизмот, за она наднационално постоење.

Али ме мрзи. У овој контекст го имав постот „Маркс не бил марксист“, ако го виде.

Veronika said...

Го видов твојот пост за Маркс и ме изнасмеа. :)
А бе, Маркс можеби имал добра замисла, но во реалност е неизводлива. Се злоупотребува и се манипулира со неа. Затоа подобро е и да не постои како идеологија.

Veronika said...

Уф! Ама ме просветли сеа.....
А бе, шо е работава со ова бројот 10? Сите се фатиле за него! Ај, ја да не бидам као сите....
-----------------------
11. Немој да бидете буквалисти. Помислете дека напишаното некогаш е фигуративно, метафорично и... иронично, де (мравки, пчели - извинете, не сте вие виновни за комунистичкиот систем)
12.
13.
14.
15.
.
.
...
Ако никогаш не постоел комунизмот навистина (таков каков што е замислен, предвиден ), ако се што досега сме виделе као комунизам само се маскирало со неговата идеологија (квази ова, квази она, сталинизам, титовизам) и ако вистинскиот комунизам е остварлив само (и единствено) во далечната иднина (што значи досега и засега неостварлив)..... кој кур сите сте запнале баш сега за него ?!!!!
Дај, почекајте едно 200, 300 години па после да праиме муабет за него!
.......................
И после... ја су бил нереален фантазер....
А за образовниот аспект - немој премногу да се надеваш, ниту да негуваш големи очекувања. Помисли само дека сите разочарувања се последица на тие надежи и очекувања! И после...крив е овој, крив е оној. Не. Секој сам си е крив за своите разочарувања!

Veronika said...

Мој предлог е да престанеме со идеализирање на идеологија која се распаднала уште во самиот обид за реализација. Да се оттргнеме од воздишки по минатото. Да ја земеме сегашноста која единствено ја имаме и да видиме што можеме да направиме со неа. Најдобро што знаеме и умееме. Потребни ни се нови идеологи. Неуспешните обиди за враќање на нереализираното минато се разградувачка материја за визионерството.