Saturday, January 21, 2006

Советници

Премиерот има нов советник. Уште еден во низата. Бисери. Ко шо пее Кочо - „..Како на вратот ѓердани, ниски камења студени....“
Премиерот, како претседател на владата, која е избрана од мнозинството пратеници во парламентот, кои пак се избрани од мнозинството на излезени гласачи, кои пак се полнолетните претставници на народот.... е претставник, значи, репрезент на умствените капацитети на државата ни. Прв меѓу еднаквите. Попрв и од претседателот, кој (според уставните определби) ни е маскота за украс, сликичка во албумот на државното ни уредување. Но, не ми е зборот сеа за Претседателот. Ваков, таков, онаков, секаков и никаков....нека го, нека се слика. Ќе дојде и он на ред. Зборот ми беше за премиерот. Не е лесно да се води една држава. Многу елементи се во игра, т.е. елементарна игра е тоа. Под налетот на општата малодушност, паметот на човеков се сви. Почувствува кутриот немоќ, му снемало идеи, му се потрошил вокабуларот од политички ветувања, фрази и догми - па си земал освежувач на здивот и умот. Си земал уште еден советник. Оно, од досегашниве немаше многу фајде, па сеа, еден мање-више...ама, ај!
Советникот на репрезентот на државните умствени капацитети, по аналогија е советник на сите нас, односно на дел од нас, т.е. на оние кои плаќаат данок, де. Оти, советниците не советуваат за џабе. Умот е скапа работа. Нашиве политичари тоа најдобро го знаат. Бидејќи во медиумите постојано се труби за одлив на мозоци, тие решија да им ги затнат устите (исушат пенкалат, расипат тастатурите) и да почнат да увезуваат памет. Добра работа е тоа. Обично се увезуваат нешта кои ги нема доволно во државата, а се потребни. А покрај толкав извоз кој е слободен и перманентно се зголемува стимулиран од невработеноста, паметот стана дефицитарен. Извезуваме млад, зелен памет а увезуваме стар, презреан. Може и овој нашиов извезен, кога малку ќе созрее, ќе ни го спакуваат и повторно понудат. Као со праските што ни правеа словенците. Ќе ги откупат речиси беспари а потоа ќе ни продаваат скап Фруктал . Од нашите праски. И ајварот, наше било името. Па од наши пиперки го прават, бре!Ним не им се исплатува да одгледуваат, коа можат да си купат ефтино. Ама, ај да не забегувам. Друга тема за муабет е тоа. Муабетов сеа ми беше за увозот на памет. Колкави се тарифите, со која царинска стапка се царини, ДДВ, акциза?? Колку кошта паметот кој го увезуваме? Бидејќи го плаќа државата, а државата – тоа сме сите ние, имаме право да знаеме. Колкав е хонорарот на увезените советници?


П.С. Башка, ме интересира и кои се тие пари кои на новиов советник му помогнаа од својот вокабулар да го избрише префиксот „славо“ и во неговиот резон се модулира БЈРМ во Р. Македонија? И, ако е тоа начинот – зошто не ги земеме за советници и грците? Ќе збереме пари, ако треба ќе работиме на црно по иностранството, ама ќе им го исплатиме магичниот советнички хонорар и ќе си го откупиме името кое ни го држат во залог. Има Македонија пари за странци, само памет нема.

No comments: