Tuesday, December 20, 2022

Меурот од сапуница Џевахир Скај Сити Скопје

Во моментов двете кули, А и Б од комплексот Џевахир во населба Аеродром веќе цела недела се со исклучено броило на системот за греење, ладење и топла вода. Исклучено од ЕВН поради 3 неплатени сметки за истото. Околу 600 семејства се оставени да се смрзнуваат во зимо и да немаат топла вода затоа што истата е поврзана со ХВАЦ системот и станарите немаат болјери во становите. И не смеат да стават без одобрение од инвеститорот.  Покрај тоа што според ветеното од инвеститорот топлата вода требаше да биде бесплатна, како нус продукт на системот за греење и ладење, станарите со години ја имаа како ставка за наплата во фактурите, затоа што рекламата била само за продажба на станови а не и реална понуда. А не беше со ситни букви напишано, туку баш со крупни! Системот за греење и ладење кој е поставен во кулите А и Б на станарите при купување на становите им беше претставен како најекономично решение, кое заштедува многу средства во домашниот буџет за таа намена.  За многумина, една од причините да купат стан токму тука. 



Не, овие реклами нема да ги најдете на официјалниот сајт, ниту на еден нивен профил на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм. Ги тргнаа веднаш кога се покажа дека системот баш и не функционира како што го рекламираа и продадоа на станарите. Но тие си завршија работа со продажбата на првите две кули. Во другите две кули не го инсталираа "економичниов" систем на начин како во првите две. Тие им беа планирани за побогати купувачи изгледа, па таму инсталираа поединечни единици за греење и ладење, со поединечни броила за потрошувачка од секој стан. За иста цена на становите. Ист изведувач, ист комплекс ама различна поставеност на систем за греење и ладење, вклучен во цената на станот и без можност за промена. Таму инвеститорот Турмак си ја поправи грешката со поставеност  на едно броило за цел ХВАЦ систем во една зграда, грешка која ја направи во првите две кули а сега не ја признава и не прифаќа одговорност за истата. Ама си ги премести своите канцеларии од кула А во кула Ц. Дали заради подобри услови или од загриженост што ќе видат и слушнат клиентите во кула А? Не е дека и ним сметките им станаа превисоки во таа кула?!
А "економичниов" систем во кулите А и Б е поставен на едно единствено броило за цела зграда! При купување на становите беше кажано дека ќе има систем за централно греење и ладење, но воопшто не се спомна дека истиот ќе биде на едно броило за цела зграда. Со софтвер за интерна распределба на потрошувачката по станови. Софтвер кој пресметува потрошувачка во распон од 1000 до 30 000 месечно за исти станови, со иста квадратура и со ист начин на користење од станарите. А никој од станарите нема увид во начинот на распределба, само си добива фактура. 





Кога почнаа да добиваат вакви нереални фактури станарите, пишуваа приговори до фирмата за управување со која имаат потпишано договор за управување а согласно кој истата е одговорна за наплата на сметките од станарите и вршење уплата кон трети страни, испорачатели на услугите кои се наплатуваат. Приговараа но одговор на своите приговори никогаш не добија. Изгледа некои прашања не заслужуваат одговор. Ама се очекуваше плаќање од нив во полниот износ кој им го "пресметал" софтверот. Колективен молк зошто им се толкави месечните сметки но колективна хистерија зошто не ги плаќаат. Повеќето станари кои добиваа вакви сметки донесоа одлука индивидуално да се исклучат од системот. Е тука почнаа проблемите за сите. Затоа што системов бил планиран да работи постојано со употреба од сите корисници т.е. од сите станари во зградата. Досега поголемиот број од станари не се вознемируваа затоа што нивни соседи добиваат енормни сметки, додека тие беа во графата со ниски сметки. Се согласија на тестирање на системот за функционирање во полн капацитет кое не вроди со никаков плод, освен дополнително покачени сметки.  Дури, по сугестија и препорака од инвеститорот се избра сосем нова фирма за управување со зградата (СЕ клуб, турска фирма која дотогаш не работела во Македонија) која имала големо искуство со вакви системи во Турција и која на својата презентација вети дека ќе ги реши сите проблеми со ХВАЦ најдоцна до август. Ама август брзо дојде. А по исклучувањето од системот на дел од станарите, и по спроведеното тестирање, сметките кај сите станари почнаа да личат на лотарија -  еден месец добиваш 1800, друг, 3500, трет 4500, па 2600, па 4800 (ова за стан од 51 м2). Не менуваш ништо во начин на користење ама добиваш драстично различна пресметка на потрошени киловати од фамозниот софтвер. Дури, сметките стануваа повисоки кога половина месец не си во станот, отколку кога си цело време таму. Сепак плаќаш. Во меѓувреме бунтуваш по интерни Вибер групи на станарите. И се надеваш дека системов ќе се управи...
Со воведувањето на новиот начин за тарифирање на потрошувачката на електрична енергија од страна на РКЕ, бидејќи системот е поставен на едно броило за цела зграда... нови шокови. Нови повисоки сметки на броилото од системот за греење и ладење, но и нови повисоки сметки на другото броило кое е за заедничка струја во заедничките простории на станарите (лифтови, ходници, пумпи за вода, паркинзи). Фирмата Се клуб која е ангажирана од станарите од февруари за да управуваа со зградата, веќе во август побара нов договор со покачена цена на услугата за одржување. Досега станарите плаќаа 0.63 евра по станбен квадрат, а со новата пресметка би требало да плаќаат многу повеќе. Станарите не се согласија со тоа, затоа што во договорот кој е потпишан во февруари 2022 година со СЕ клуб за одржување на зградата стои ставка дека понудата за одржување по цена од 0.63 евра по квадрат е фиксна и непроменлива до крај на 2022 година, а потоа ако сметаат дека треба покачување тие ќе известат и станарите ќе донесат одлука дали се согласуваат или не со нова понуда. Доколку не се согласат следува раскинување на договорот со отказен рок од 3 месеци, во кои ќе важат претходните услови. Очигледно ова не и одговараше на фирмата за управување но наместо да го раскине договорот со станарите таа одлучи да престане да ги плаќа сметките по двете броила кон ЕВН, по извршена наплата на потрошувачката за истите од страна на станарите. Дури, надвор од договорот издаде дополнителни фактури за порамнување (за периодот од февруари до јуни, кога немаше никаква промена на цената на струјата!?) и за дофактурирање (за периодот од јули до септември, со цена од 74 ден по станбен квадрат, што му доаѓа за 3 месеци да платиш 5 месечни износи за одржување!?). Нормално, станарите колективно ги проговорија тие сметки. За цело времетраење на договорот, иако согласно истиот имаат обврска да издаваат месечен извештај за приход и расход од заедничката сметка за одржување, СЕ клуб не го правеа тоа.  Дури по налог на инспектор за домување се издаде извештај за октомври. Со ставки за купување опрема и репрезентации. Во меѓувреме имавме две исклучување на заедничките броила заради неплатени сметки кон ЕВН. Тоа беше причината за нова реакција од станарите до инспекторот за домување. 
Но, тоа исклучување на заедничките броила покажа и нешто друго. Деловните простории во сопственост на инвеститорот Турмак (базен, салон за убавина, аптека) кои тој ги изнајмува, исто така биле приклучени на броилото за заедничка струја на станарите.  Имале поставено интерни контролни броила (непризнаени од ЕВН!) за да мерат нивна потрошувачка на киловати од заедничкото броило на станарите. Со "софтвер за распределба". Видовме како тоа функционираше за станарите во делот на распределба на потрошувачката од системот за греење и ладење.... Сметките за наплата на потрошувачката на струја од заедничкото броило од страна на деловните простории ги издавале фирмите за управување (актуелно СЕ клуб). Како станари дојдовме до фактури издадени и од претходната фирма за управување. И ова траело од почеток, веќе 5 години.

    ------------------------------------

Овде имаше фактури издадени кон правните лица закупци на деловните простории (базен, салон за убавина и аптека) од страна на фирмите за управување на зградата, со кои интерно се префактурира струја од заедничкото броило за заедничка струја на станарите. Фирмите за управување се должни да ги известат станарите за состојбата на заедничките броила и се што се однесува на истите. По објавувањето на текстот веднаш имаше реакции дека биле приватни документи и ќе тужеле.  Тие ќе тужат! Со години користат струја од броилото на станарите и молчат а во прв момент кога тоа се кажува јавно - тие се засегнати и се закануваат со тужби.... Еве, фактурите со нивни податоци се тргнати од текстот ама сите станари во зградата ги имаат веќе месец дена и ќе ги употребат во правна постапка.

-----------------------------------------




 Излегува дека фирмите за управување иако ангажирани од станарите да се грижат за нивните интереси не го правеле тоа туку се грижеле за интересите на инвеститорот. Знаеле дека деловните простории кои ги изнајмува на трети лица Турмак се приклучени на броилото за заедничка струја на станарите, ама не ги информирале станарите за тоа туку им издавале фактури за наплата на потрошувачката пресметано со интерни контролни броила поставени од инвеститорот.
Како прво, тие простории воопшто не треба да бидат на броилото на станарите. А се големи потрошувачи. Половина од сметката на броилото за заедничка струја се однесува на нив. Затоа сметките на кула А биле двојно повисоки од тие на кула Б, и покрај ист број на станови, ходници, лифтови... Некои нејасни ситуации почнаа да добиваат форма. 
Од друга страна, со новововеденото ценовно тарифирање по блокови за потрошена електрична енергија, деловните простории значително ја зголемуваат потрошувачката на киловати во блок 4 на ова броило, а тоа повлекува и повисок износ на пресметан пренос и дистрибуција, повисока камата за задоцнето плаќање и слично. Без тие простории на своето броило, сметката би била многу пониска и прашање е дали би имало потреба од дофактурирање кон станарите. Станарите се обратија до претставници на инвеститорот со барање за одвојување на деловните простории од заедничкото броило на станарите и добија одговор дека од страна на инвеститорот имало поднесено барање ама ЕВН одолговлекувало и затоа се уште биле на нашето броило. Станува збор за деловни простории кои функционираат на овој начин веќе 5 години! И ние уште веруваме во бајки и чекаме...
Затоа што многу бунтуваат, од минатата недела станарите се казнети со исклучено броило на системот за греење и ладење, а со тоа и исклучена топла вода. Сите станари. Иако 70% од нив ги имаат редовно подмирено сите долгови. Се повикува на неплатените сметки од тие 30% како образложение зошто сметката кон ЕВН не е платена. Затоа што сме биле сите станари на едно броило (не по своја вина). Иако си ги платил сите сметки, ако комшијата твој не плати - те исклучуваат и тебе. Солидарна мизерија. Треба да ги бараш комшиите кои не платиле и да се расправаш со нив?! Иако плаќаш фирма за управување која согласно договорот треба да врши наплата од сите станари и да преземе правни мерки кон тие кои не плаќаат редовно, а пак во име и од сметка на сите станари. Услугата се наплатува ама не се спроведува. 
Сметката за броилото за заедничка струја (на која се и деловните простории) е платена. Од увидот во извештајот за неплатени сметки кој го побараа станарите а го издаде управителот, евидентно е дека станарите по основ на сметки за греење и ладење должат 1.200.000 ден а долгот кон ЕВН за истиот период е 2.400.000 ден. Постои разлика повеќе од еден милион денари во однос на наплатеното од станарите и уплатеното кон ЕВН. Само по ова броило. Се претпоставува дека дел од средствата наплатени од сметките за ХВАЦ се или проневерени или пренасочени за плаќање на броилото за заедничка струја (каде се и деловните простории). Иако тоа броило според извештајот има повисок долг од неплатени сметки за одржување. Ама за да се утврди што навистина се случило со наплатеното а неуплатено соодветно, треба одговор од официјалните лица во СЕ клуб. А тие молчат и не одговараат на барањата на станарите. И не ги плаќаат сметките кон ЕВН. Додека станарите мрзнат. Ама исто како и инвеститорот - и тие си ја префрлија канцеларијата од кула А во кула Ц. Иако трошоците за нивната канцеларија се плаќаат од сметката за одржување на станарите. Срцки, сакаат да ни заштедат трошоци...
Од страна на станарите поднесени се пријави до инспектор за домување, до РКЕ, до ЕВН, до адвокатот на фирмата за управување...обиди за пријавување до финансова полиција, до јавно обвинителство.... во постапка е и ангажирање на адвокат од страна на станарите за преземање на сите правни мерки кои се на располагање. Не знаеме како ќе заврши. Но знаеме дека предолго чекавме за да преземеме нешто....

Monday, June 27, 2022

Македонија - географски, политички, (не)европски

 


Убаво што соседите вака јавно признаваат дека поседуваат дел од Македонија.

Да го кажевме ние ова ќе беше "национал-шовинизам" со територијални претензии...вака кога тие кажуваат тоа се европски, демократски вредности...

Македонските политичари се плашат да го спомнат Букурешкиот договор од 1913 година со кој се става крај на Балканските војни и со кој договор Македонија, која како целина дотогаш била под турско ропство, е поделена на три дела помеѓу своите соседи. Вардарскиот дел и припаднал на Србија, Пиринскиот дел на Бугарија а Егејскиот дел на Грција. Поделбата на територијата била вклучително со населението кое живеело во неа.

После Балканските војни поминале и Првата и Втората светска војна, но оваа територијална поделба на географска Македонија останала. Во Егејскиот и Пиринскиот дел населението било асимилирано(милум или силум), но во Вардарскиот дел било признаено како различно со статус на засебна република во  рамки на државата Југославија. Само во Вардарска Македонија Македонците биле признаени за Македонци, со сопствен јазик, култура и посебност во рамки на заедничката држава Југославија заедно со други националности, јазици и култури. Нешто слично на денешната идеја за Европска Унија. Ама во процесот на формирање на ЕУ, Југославија мораше да се распадне... затоа што големите риби ги јадат малите (но тоа е друга приказна!)

И одеднаш, со распадот на Југославија тој Вадарскиот дел од Македонија се стекна со независност! 

За првпат после векови, во 1991 година Македонците добија сопствена самостојна суверена држава! Еден дел од географска Македонија станува политички ентитет. Каков шок за соседите! Државата која ја распарчиле и чии делови присвоиле, со еден свој дел стапува на политичката сцена како независна држава. Дали тоа значи дека ќе побараат обединување со другите делови од поранешната држава, а сега само географска област Македонија?! 

Државите се раѓаат низ болка, крв и жртвување. Политичката држава Република Македонија јасно стави до знаење дека нема никакви територијални претензии, во име на мирот и добрососедство се откажа од населението во другите два дела на географска Македонија, дури го промени и знамето по барање на едната соседна држава. Букурешкиот договор стана Волдеморт за македонските политичари. Забрането за спомнување за да не се будат лошите духови. За да не се вознемируваат нашите соседи. Во обид мирно, тивко да се продолжи функционирањето на новоформираната политичка Македонија без оглед на географската. Што било поминало, го оставивме во минатото. Креираме иднина. Но тоа не беше доволно... 

Се соочивме со непризнавање токму од соседните држави кои во рамки на своите територии содржат дел од географската Македонија. Одеднаш, само тие имаат право на зборовите Македонија, македонско. Само нивниот дел од Македонија е македонски. Никој не поставува прашање како се стекнале со тој дел од Македонија. И како се однесуваат со Македонците кои живеат таму. Со невидени политички притисоци по 27 години кај новоформираната независна држава издејствуваа промена на името. Географска одредница за издвојување на географска посебност во географската област со одрекување од сите историски повикувања на настани кои се случиле во овој географскиот регион. Едноставно сме паднале од небо тука и се што се случило пред нашето "паѓање" одеднаш исчезнало од нашиот дел на географска Македонија.  

Против волјата на народот во оваа држава, искажана на референдум, по  27 години од осамостојувањето една генерација на политичари во Република Македонија прифати промена на името. Во име на добрососедство. Во име на демократските вредности. Во име на аспирациите за влез во ЕУ. Во име... а без име! 

Залудно.

Едниот сосед не ни го признаваше името а другиот не ни го признава народот и јазикот.  Мора да се уништи целосно македонизмот во овој дел кој успеал да се осамостои за да се негира постоењето и на другите два дела. Да се прешкрта историјата и се напише одново по нивна мерка. Кога веќе има спремност да се прифати промена на име, зошто да се сопре тука?!

Кога видоа дека сме спремни да се откажеме од македонското за да станеме дел од европското, апетитите на соседите пораснаа. Кога нас не ни значи македонското, тогаш тие ќе го присвојат иако го негираат. Иако никогаш нема да се нарекуваат Македонци ниту на дел од своите државјани им дозволуваат да се нарекуваат така како етнитет, иако во нивните држави не се користи македонскиот јазик ниту им дозволуваат на луѓето кои го говорат да го употребуваат официјално. Македонија не постои, ама нивна е! 

Мислам дека е време македонските политичари да ги променат наративите. 

Да прозбореме за Букурешкиот договор. 

За одлуките на тогашните европски држави кои биле гарант на Букурешкиот договор со кој се подели Македонија,  дека истите беа гарант на Преспанскиот договор со кој се промени името на државата и се забрани употребата на зборот македонско од наша страна, а сега истите се подготвуваат да бидат гарант и на следен договор со кој ќе се избришат и народот и јазикот како македонски. Со фусноти.

Со таков гарант гарантирано ни е само губењето на државата. Времињата се променија но играчите останаа исти. Истите кои еднаш ја уништија Македонија географски, сега ја докрајчуваат политички. Без војна. Со купопродажба. Затоа што сакаме да бидеме дел од тоа друштво по секоја цена. Купуваме членство во ЕУ. Распродавајќи се себе. 30 години ЕУ ни продава идно членство по цена на бришење се што е македонско како самостојно и независно.  Купуваат држава а ние плаќаме со бришење на идентитет. 110 години од Букурешкиот договор, толку беше доволно за целосно спроведување на политиките на европските земји за овие простори. 

Ќе бидеме генерација која сведочела и учествувала во создавањето на првата македонска независна држава и во нејзиното уништување истовремено. 

Освен ако не сфатиме дека со "дипломатските" купопродажни договори преку кои тргуваат со демократските (европски) вредности ни продаваат оштетен производ, па да направиме рекламација кај гарантот со враќање на производот. 

Не ни треба такво членство во таква ЕУ. 


Sunday, March 13, 2022

Последната генерација која ќе остари

Да се биде млад е новото ин на денешницата. Социјалните медиуми се преполни со фотографии и видеа во кои се користат филтри за измазнување на кожата, задебелување на усните, контурирање на лицето, промена на обликот на очите,  веѓите, згуснување на косата... Се почесто се случува и повеќе да не се модификувани фотографиите туку самите луѓе. Застапеноста на широк спектар од начини на модифицирање си го прави своето. Ботоксот, хијалуронот, естетските корекции денес се лесно достапни за сите. Фотографии од пред и потоа ни се насмевнуваат од платените реклами на естетските студија со поволни понуди за закажување термини. Имаме другарки, колешки, роднини кои ги користат нивните услуги. Салоните за разубавување прераснуваат од салони за шминкање во салони за естетски корекции. Она што порано беше "тајната" на познатите филмски ѕвезди станува јавен модел на грижата за својот изглед. Тоа станува толку распространето и вообичаено што луѓето почнуваат да се згрозуваат од неиспегланите брчки и побелената коса, засега кај одредени (ретки) филмски ѕвезди кои одлучиле дека сакаат да остарат и покрај можноста да го корегираат тоа. Читам бројни коментари преполни со осуда како можеле да си дозволат да изгледаат толку запуштено. Зарем денес, кога речиси секој може да си дозволи илузија на вечна младост, тие како јавни личности да бидат потсетник за биолошката реалност на стареењето? Скандалозно! 

Со ваква експанзија на промовирање и употреба на методите за прикривање на староста, следните генерации ќе пораснат во општеството каде нема да може да се одреди возраста на личноста според нејзиниот изглед. Годините нема да содејствуваат со изгледот. На појавата на секоја нова брчка благовремено ќе се оди на третман, како што денес се оди кај стоматолог при појава на кариес. Сите старосни промени на кожата ќе бидат навремено санирани како одраз на грижата за својот изглед и здравје. Како што денес ни се вообичаени и допадливи блескави насмевки на порцелански коронки, така во иднина ќе ни бидат испегланите лица. Лицата со брчки ќе ни изгледаат одбивно како денес лицата со поткршени или непоправени заби. Одраз  на негрижа и сиромаштија. Неиспеглани алишта може ќе се простат, ама неиспеглани лица никако!

Неминовен процес. Возраста ќе стане област на естетика. Годините етика. Староста етикета. 

Не осудувам. Разбирлива ми е желбата за добар изглед. Човештвото ја носи во себе желбата за допадливост. Само критериумите се менуваат низ вековите. Но младешкиот изглед секогаш останува на врвот на листата. Денес како никогаш досега лесен за постигнување и одржување. Можеби се уште не можеме да ја избегнеме смртта, но барем староста можеме. 

Додека уште имаме избор.... јас моите години ги сакам. Се радувам на секоја нова како да собирам јаболка и уживам во вкусот и мирисот додека гризам од нив. И секоја нова брчка и бело влакно ги прегрнувам, тоа за мене се траги од животот. Мојот живот. Се надевам дека ќе доживеам длабока старост и истата ќе биде видлива во длабочината на моите брчки. Не сакам да ги избришам. Можеби сме последната генерација која ќе има можност да остари природно. Пред тоа да стане недостоинствено. 

 

Friday, June 04, 2021

Безобразно образование

 "Ако сакаш да уништиш една нација, уништи и го образованието"

Толку често ја слушаме оваа мудрост!

Ја цитираат во разно разни пригоди , неизбежна е секој пат кога се коментира образованието во Македонија.  Одговорноста се лоцира во законските регулативи кои го опфаќаат образованието, во квалитетот на образовниот процес преку квалитетот на учебниците и квалитетот на образовниот кадар, во опременоста на училиштата од технички аспект, во несоодветно спроведени реформи препишани од понапредни и поорганизирани држави.... слоеви и слоеви одговорност. Сите легитимни.  Насекаде околу нас. 

А да погледнеме малку и во нас самите?

Последниве 20 години живееме во општество со извртени вредности. Толку многу го изместивме нормалното во овие години од осамостојувањето на Македонија до денес, што остана заглавена мисла "дали бев пеперутка која сонува дека е човек или човек кој сонува дека е пеперутка". Она што некогаш беше предмет на почит денес е предмет на потсмев. Она што некогаш беше неприкосновено денес станува лесно за лажирање. 

Знаењето. 

И сите ние допринесовме за тоа. 

Родителите станаа влијателни учесници во образовниот процес. Секојдневно јавување, ургирање за подобри оценки на нивните деца, газење врз авторитетот на професорите со преиспитување на системот на оценување, пишување домашни задачи наместо нив, расправање на родителски состаноци дека нивното дете е паметно и знае се а професорот не знае и погрешно го оценил... субјективноста на родителот започна да ја поткопува објективноста на професорот! Се користат сите расположиви методи за вршење притисок - роднински, колегијални, соседски, партиски... само за да се има Петка во свидетелството на нивното дете, не е важно дали истото поседува соодветно знаење за таа оценка. Денес родителите се толку многу опседнати со успехот на своите деца што се подготвени и да се закануваат на професорите. Длабоката партизираност во нашата држава им го овозможува тоа  Па тие седат на партиски состаноци со нивните директори, тие гласале на партиски состаноци за вработување на професорот, тие може да делуваат да ја изгуби работата или во најмала случај да биде казнет затоа што "погрешно" оценил нечие дете. "Почекај, ќе ти се јави директорот" е последната стапка врз авторитетот на професорот. (Додуша, ова не изолиран случај само во образованието, ама сега темата е тоа)

Денес е многу тешко да измериш знаење според успех во образованието. Она што е на хартија со она што реално значи знаење и вештини. Дипломата не го потврдува знаењето повеќе. Беспоштедната борба за оцени на родителите доведе до ситуација деца кои имаат "одличен" успех во основно образование, "одличен" успех во средно образование, "одличен" просек на факултет (каде освен ургирањата функционира и платежено влијание) да станат "академски кадар" иако реално не знаат ни основни граматички правила. И тој кадар станува конкуренција при вработување на оние деца кои за успехот се избориле со сопствено знаење. Всушност не... пак остануваат над конкуренцијата, затоа што нивните родители кога успеале да ги донесат до тука, имаат моќ и да ги "вдомат" во некоја државна институција. Мора во државна затоа што само така може да продолжи ланецот на "влијание". Во приватниот сектор се бараат знаења и вештини. Но за пониски плати и бенефиции... бидејќи овој извртен систем дозволува експлоатација на трудот во приватниот сектор затоа што државниот го водат "влијателните"...  И затоа младиот и способен кадар ни бега од државава... Ланецот е нераскинлив - или ќе се покориш на кругот на влијанието, или фаќаш магла!

За девалвација на учителската фела влијаат повеќе фактори. Една од најблагородните и со далекусежни последици професија е најниско платена на пазарот на трудот. Начинот на вработување (како и во сите други државни институции) е детерминиран од партиските прилики. Или неприлики. Со самото тоа професијата станува незаштитена од "влијанија".  Значи, недоволно платена и недоволно ценета а уцената. 

Затоа сме тука каде што сме. А каде ќе бидеме за 20-30 години зависи од "успехот" и "влијанието" на денешните децата и родители. 

Какво образование сакаме?

Каков образуван кадар сакаме?

Каков производ од образовниот процес сакаме?

Каква Македонија сакаме?


Ако сакаме...

П.С. секоја чест на оние кои успехот го постигнале и се уште го постигнуваат со знаење. За жал, со секој изминат ден, стануваат исклучоци... и цела надеж ми е во нив! 

Monday, October 28, 2019

Кога пазарот на трудот станува пазар со трудот



На пазарот на трудот во нашава држава се соочуваме и со вакви апсурдни ситуации, каде вреднувањето на одредени професии е толку ниско што го обезвреднува целиот образовен систем и вољата за образување кај младите луѓе, како и желбата да се остане и работи тука по завршувањето на образованието. Не можеме да очекуваме посветеност во професијата ниту лојалност кон државата од луѓе кои не чувствуваат дека таа држава се грижи за нив и им обезбедува фер услови за работа и егзистенција.

Постои уште едно можно објаснување (во сферата на претпоставките, де) .... Веројатно огласот за собирач на ѓубре е од јавно претпријатие каде мораат да ја објават реалната плата која ќе ја зема и на која ќе биде осигуран вработениот, додека огласот за лекар е од приватна ординација која своите вработени ги пријавува и осигурува на минималната плата (заради законска обврска, данок и слично) а врши доплата на рака до реално договорената плата (20 до 25 000, што е се уште далеку од вреднувањето на трудот, едукацијата и одговорноста на лекарот) која се договара на интервјуто за работа. Многу приватни фирми функционираат на овој принцип, што е нефер и кон државата (се избегнува данок, помалку средства во пензиски и здравствен фонд, пониска просечна плата) и кон вработениот(помала пензија, помала кредитоспособност, несигурност на побарувањето на разликата). Сегашната поставеност на обврската за минимална плата им овозможува на приватните фирми ваква злоупотреба и манипулација и со вработените и со државата. А доведува и до тоа граѓаните да го идеализираат и водат ултимативна битка за работно место во државна институција иако секаде во светот приватниот сектор е многу подобро платен од државниот. Само кај нас имаме директори на фирми, инжинери, лекари, стоматолози, сметководители, правници (и ред други професии) кои „земаат“ плата од 12 500 денари во приватниот сектор, иако тие професии во државниот сектор се барем дупло повисоки. Ако тоа се реални плати за СИТЕ професии во приватниот сектор (има апсурдни ситуации каде болничар, сестра и лекар ја земаат истата плата, онаа минималната одредена од државата), тогаш нешто навистина е многу погрешно уредено во државава.

Без оглед дали е точна претпоставкава или огласот е реален и навистина бараат лекар кој ќе работи за наведената плата во него (немерливо потценување на една ваква благородна професија), решението е во креирање на листа со загарантирана минимална плата по професија на државно ниво. На пример, учител да не може да биде осигуран под 30 000, инжинер под 35 000, лекар под 40 000.... Да имаме некаква заштита на професионалниот кадар во нашата држава. Пазарот на трудот може да ја менува висината на платата, но да има граници под кои не смее да се вреднуваат некои професии. Ова би донело повеќекратна корист првенствено за државата  - задржување на кадарот, негова посветеност во дејноста, полни пензиски и здравствени фондови.

Кога минималната плата одредена од државата ќе биде градирана по професии, започнувајќи со 14 500  за општи работници па нагоре според вид на образование и професии, ќе се постигне и повисока просечна плата.  И поголема мотивираност на вработените во сите професии. Да станеме држава каде вработените се вложуваат целосно во својата професија затоа што знаат дека државата го вреднува нивниот труд и го штити нивното право на достоинствен живот. Без оглед дали работат во државен или приватен сектор.

Tuesday, June 04, 2019

Ројка


Шетаме во природа. Пешачиме долго. Групата одлучува да направи пауза. Да се обнови енергијата со храна, да се хидрира телото со течност. Има уште многу за одење. А јас прехидрирана, имам потреба да испуштам вода од себе. Групата се распостила на полјанката лево а јас вртам десно. Кон густи грмушки и дрвја без патека да води кон нив. Така засолнета се олеснувам од течноста во моето тело. На враќање назад кон полјанката забежувам прекрасна сенка под уште попрекрасно дрво. Одлучувам тука да ја правам паузата. Го слушам џагорот од групата које е собрана на купче. Убаво ми е да ги гледам така весели. Убаво ми е и тука под сенка сама. Ветерот во косата, мирисот од дрвото, глетката од оваа дистанца... По некое време забележувам дека групата станува, ќе продолжуваме понатаму. Наближувам и јас кон нив. Другар ми ме прашува:
- Знаеш ли што е ројка?
- Не знам точно, нешто навредливо... што е?
- Ројка е овцата која се дели од стадото. Не биди ројка.
(другарска насмевка со благ прекор)
Си го имаме муабетот и смисолот за хумор со другар ми, можеме вака да си речеме. ;)

Продолжуваме понатаму а јас размислувам...
Значи, Ројка е овца. Не било која овца. Ројка е онаа што се двои од стадото. Не заради бојата, како црните овци (кај нив е генетика, тие не избрале да бидат црни нели?). Ројката се двои по сопствен избор. Додека стадото оди во една насока, послушно зад пастирот и неговите кучиња... ројката оди во друг правец. Сака да види што има зад ридот. Сака самата да си одбере место за одмор, самата да одбере каде ќе паси, од која трева. Ројка е овца со сопствено мислење бре! Постои опасност така сама да ја изедат волците. Да. Но се умира и ако си во стадото. Откако ќе те молзат и стрижат со месеци, лесно може да се случи да станеш ручек на нечија трпеза. Во меѓувреме, има позелена трева зад ридот, помиризлива сенка да се одбере....
Се вртам кон другар ми и му велам:
-Благодарам за комплиментот. 
(широка другарска насмевка од мене сега)
Јас сум ројка. 
Јас сум горда ројка!

Thursday, June 21, 2018

Име со географска одредница

Кога Колумбо несвесно ја „открил“ Америка пристигнал на Бахамите и Куба, ги истражувал бреговите на Средна и Јужна Америка. Малку потоа Џон Кабот стигнал до Северна Америка. Америго Веспучи, првиот свесен дека станува збор за „нова земја“ и по кого „новиот“ континент добил име, стигнал до Бразил и ја истражувал Јужна Америка.
Во географијата Америка е континент кој е составен од три дела – Северна, Средна и Јужна Америка. Но како државјани и како нација, само жителите на Соединетите Американски Држави се нарекуваат Американци. Така се самоопределиле. Во сите држави кои се формирале во тој географски регион националноста е право на самоопределување. Наспроти државјанството. Во Канада живеат Канаѓани, во Мексико Мексиканци, во Бразил Бразилци, во Аргентина Аргетинци, во Куба Кубанци. Граѓаните во овие држави можат да имаат различни етнички потекла, но никогаш не мешаат етничко со државно. Државјанството ја определува лојалноста и обврските кон државата, не етникумот. 
Е сега, хипотетички да замислеме ситуација каде Канада, Мексико и Бразил им го забрануваат правото на САД да се викаат Соединети Американски Држави а нивните граѓани Американци. Како смее некој да го користи името Америка кога тоа е поширок географски поим од наведената држава? Дали со тоа пројавува територијални претензии кон нив, со кои го дели географскиот поим? Како се чувствуваат во Канада, Мексико и Бразил кога Американциве им го крадат името и идентитетот? Па Америго Веспучи бил во Бразил, никогаш на територијата на денешните САД. Името Америка и Американци е право на Бразилците повеќе отколку на сите други. Иако нема да го користат за себеопределување, ниту како државно име или националност – историски им припаѓа ним! Затоа САД ќе мораат да го променат своето име, да се вметне некоја географска одредница која би го издвоила историското име Америка од денешното. Секако живеат во Северна Америка, името мора да се промени соодветно на географската поставеност. Соединети Северно Американски Држави. Е сега, под Канада се. А и таа има право на името Америка, посебно на Северна Америка. Значи, единствено прифатливо би било Соединети Северно Долни Американски Држави. А жителите кои себе се нарекуваат Американци, по ново ќе се нагласи дека станува збор за Американци/ жители на Соединетите Северно Долни Американски Држави. Секое користење на изразот „американско“ од страна на ССДАД ќе реферира единствено на поновата историја на ССДАД со задолжителна забелешка за тоа. Вистинскиот поим „американско“ ќе го користат само Бразил и ќе има сеопфатно значење за богатата американска култура и славна историја. Ќе се преименуваат сите институции во ССДАД кои во својот назив го содржат зборот „Американски“. Владата на ССДАД ќе побара од сите држави кои досега ги признале како САД да го повлечат тоа и од утре да ги нарекуваат ССДАД. Ќе ги променат уставот и законите во својата држава соодветно на тоа. И самите себе ќе се нарекуваат Северно Долни Американци.
Ви звучи апсурдно?
Лудо?
Недемократски?
Иредентистички?
Нацистички?

Под Ваше покровителство се случи....

Wednesday, June 13, 2018

Кавадаречки зодијак

Драги мои, се утепавте од читање на разни хороскопи - класичен, кинески, индијански... а ние не сме бре ни кинези ни индијанци! Ни класичари. Ние сме башка класа. Зошто да бидете некое животно или растение кога сте чисти кавадарчани, единствена и уникатна ѕверка!. Затоа составив еден само наш хороскоп. Кавадаречки. Нема период „роден од/до“ Сите кавадаречки знакови во овој зодијак се родени коа им било времето за раѓање. Некои преродени, некои одродени. Сите маме расплакале. 


ПИЈАНИЦА
Тип боем. Ги знае сите кафани. Отворен ум кој не дикриминира ниеден вид на пијалок, сите ги прифаќа такви какви што ќе му дојдат на маса. Поради отвореноста знае да делува изветреано за околината. Умеат да бидат слатки како црно вино ама и лути како домашна ракија. МОТО: Тури уште една и да си ојме!

ЧАРШИЈАР
Вечен скитник. Ја мере чаршијата неуморно. Може да се сретне секаде - на пазар, на плоштад, пред кафиќи, по сите улици во централно градско подрачје. Знае се. Ама баш се. Сите трачеви, измислени муабети. Делуваат како месечари ама чаршијата никогаш не спие, секогаш е будна. МОТО: Чув, чаршијата лафе дека...

СУМЉИВ ТИП
Љубезен. Насмеан. Не шири трачеви. Води здрав живот. Не збори за другите. Не збори за политика. Ма, воопшто малку збори. Слуша и си се смешка. Не го интересира што ќе кажат комшиите. Не се замара со ништо. Ептен сумљив тип! МОТО: Не ме интересира, не е моја работа. 

ОРОСПИЈА
Тип што се цени самиот себе повеќе од другите. Не ти прави услуга. Не сака да игра по твое. И баш му е гајле за тебе и што ќе речеш ти за него. Нејќе со тебе. Ти се смее у лице. Те откачува секогаш. Не ти позајмува пари и не часте пијалок. Ма, не те ебава 2%. МОТО: Шо те ебам бре!

ЕБАЧ
Тип што ќе ти еби мамата. И сестрата, и вујната, и цела фамилија по список! Му се ебе нему за се. За политика, за климатски промени, за животот, за работата, за другарите, за себе самиот... Се чувствува ебан у здрав мозок па се труди да го извади тоа од глава ебавајќи се живо наоколу.  МОТО: Да а ебам мамица ти!

ЕБАЧИШТЕ
Со поглед соблекува и претерал се женско у град. Дури и оние со кои не е ни на „здраво“ и кои појма немаат дека он постои. Битно он ги „поминал“. Или другар му. Или и двајцата. А нема да го видиш со некоја. Се дружат исклучиво со машко друштво (најчесто од истиот знак) за да си кажат еден на друг какви ебачишта се. МОТО: Знаеш кој а ебе онаа?

ЗАЕБАН ТИП
Тип што ќе те заеби. Што и да направиш. Не почнувај ништо со него. Ќе те наведе дека можеш да му веруваш и ќе те остави на цедило кога најмалку очекуваш. Ќе те накодоши секаде. Ќе те скара со другарите. Поврзан е секаде. Он е шепот во чаршијата. Сите го знаат а никој не го познава. Толку е заебан. МОТО: Не се забавај со мене!

ГЛУМЕЦ
Нему ништо не му пречи. Се му е таман. Живее совршен живот. Задоволен е од себе и од околината. Се снаоѓа во секоја улога. Се праве дека сите ги сака.  А не е така. Ама не признава. Ќе ти изглуме цело другарство, цела врска, цел живот. У сите жанрови. МОТО: Таман е!

ПРЕВАРАНТ
Овој ќе те продаде. Дури и ако никој не сака да те купе. Пак ќе те продаде. Ако треба и на самиот тебе, ќе те продаде. Од него сам себе ќе се купиш. Ќе заработе на тебе. Чим ти е у близина, те работе. Оти ако нема корист нема ни да ти е у близина. А зина а излага. Продадена душа. На се е спремен. И тебе ќе те спреме. МОТО: Брат, ја не ебам никој друг освен тебе!. 

ПАРТИЕЦ
Виа е длабоко навлезен у политиката. За него светот е црно-бел. Или си вмро или си сдсм. Друго нема. Ако си едното, се што се случува лошо е заслуга на другото. Луѓето ги дели по партиска основа. Едните се добри а другите лоши. Кои се „едните“ а кои „другите“ зависи од неговата лична партиска определба. Дали си „наш“ или „нивен“. МОТО: зависи од мотото на неговата партија. 

НЕСАЛАМ
Нему се му е заебанција. На најсериозни теми он смислува шеги. Кога сите се повлекуваат, он ризикува и тера понатаму. Може да постигне многу а и да изгубе се. Шизик на ризик, шо би се рекло. Делува несериозно, ама делува и тоа како! МОТО: И шо сеа, да го ебам?!

НЕ СУ ОД ТУА
Он ништо не знае. Он сеа дојди. Он не разбрал така. Него не го интересира тоа. Никој не му кажал. Не видел ништо. Делува нереално колку е изгубен у простор и време. А само се прави така, точно знае кај е и шо се дешава. МОТО: Не знам ја, не бев тука.




Sunday, May 08, 2016

Трансфузиологија Македонија

Македонија е во криза. Нарушена и е демократската крвна слика. Се манифестира со граѓанска апатичност, општа слабост во расудувањето, аритмија во НВО секторот, повремени затемнувања во медиумите, па дури и несвестици на здраворазумската перцепција како и изразито бледа револуција. Не дека и фали боја во образите, со евтина поликолор шминка се прикрива тој показател на анемичната состојба на државата ни. 
Непочитувањето на препораките од матичниот лекар доведе до специјалистички упат. Дојдоа интернисти. Востановија дека за подобрување на ситуацијата неопходна е трансфузија на крвта демократска. Ама за да биде успешна трансфузијата, мора прво да се опредили која крвна група е пациентот. Излезе дека ова е необичен пациент кој нема своја крвна група.  Има траги од сите ама ниедна која може да се нарече „своја“. Компликација левел безнадежно (не ОНАА  словенечката „надеж“, таа еволуира). Па ги седнаа четирите крвни групи ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА да се види како ќе се реши проблемот. Мора да се определи која крвна група од која прима а на која дава подршка, со која има заеднички антигени а со која спротивни. ВМРО-ДПМНЕ дава на ДУИ и на СДСМ а прима и од ДУИ и од ДПА. СДСМ дава на ДУИ и на ДПА ама не дава на ВМРО ДПМНЕ а прима и од него и од ДУИ. ДУИ дава на сите, ама не прима само од ДПА. ДПА прима од сите а дава само на ВМРО-ДПМНЕ. Тешка шема за решавање. Судоку мастер левел. Состаноци, договори, преговори, олеснувачи, стешкувачи... и готвачи - се Пржат крцкави договори!
А никој не го зема во обзир RH  факторот. Народот. За негово определување потребни се избори. Да се види за кого е позитивен а за кого негативен фактор. Нема полоши последици од избор на крвна група без определување на RH фактор. 

Friday, March 11, 2016

Tragovi od blog.com.mk

Slucajno naletav na stariot domein na makedonskata blog platforma i se iznenadiv - nekoj go ureduva i dava opisi za odredeni blogovi koi egzistiraa tamu. Prijatno se iznenadiv koga go procitav ova:

Address of subdomain: oksimoron.blog.com.mk

This blog was owned by Veronica, who was located in Kavadarci, Macedonia.
I was taught never to begin conveying a message with an apology, as I detail about the content which was published on this blog previously, I’ll start with a confession. When I began working on this subdomain, I was simply appalled! The content published on the domain was nothing but an unending rants and tirades directed towards failed government institutions and the government itself. The owner of the blog must have been mad about the way ‘business’ was done in Macedonia.
I must applaud the blogger because she upheld the principle of an expositor and considered herself responsible to declare and condemn the evils deeds that were common in the government and institutions of Macedonia at that time (sometimes back in 2006 – 2008). And, through her unique way of mirroring the awkward situations and events that were happening then, and her artistic manner of putting it all together in published blog posts, the results were a fascinating blog which wasn’t just an eye opener, but attracted a good number of readers who were concerned by what was happening in their country.
Actually the name of the blog oksimoron is borrowed from the English word Oxymoron, which in literature is a term with contradictory words or elements. For instance when we talk about “fresh frozen fish” then that is an oxymoron. If the fish is frozen, then it is not fresh and if it is fresh, then it is not frozen. Other examples would include “bitter sweet”, “open secret”, “sweet agony”, “wise fool” etc.
Basically, oxymorons are used to make a situation seem awkward and ridiculous at the same time. The reason for making situation look like that by using oxymorons on the blog was to create some drama because of the conflicting roles that various institutions in Macedonia had as they tried to balance civil service and their greed for power, corruption and reckless & negligent abuse of office. This in turn evoked mixed reactions from the citizens who expected public servant and leaders to uphold their oath of office and work towards making the country much better and prosperous than harboring individualistic & materialistic concerns in their mandate to exercise their responsibility.
Below are some of her other posts with obvious tirades:

Open-Closed Questions

Through institutions and outside of them, stretch numerous controversies about the problems in the country. They use a variety of terms and phrases for pictorial and (probably) scoring conclusions. But somehow it seems that they have recently lost creativity in this field. Some phrases are constantly being repeated. Very popular are “the numerous issues” (well, we know problems never end, there must be issues) and their opening and closing. For illustration:
Once an MP raised the issue of eavesdropping and publishing negative content about the government operatives, which opened countless of sub-issues that required the establishment of a commission to close them. The questions, of course. A wise politician said that if you want to solve a problem – establish a committee to deal with him. So while there is still no established commission, the question stands open.
With a slight delay compared to other post-communist countries, and here raises the question of lustration. And this question can not be taken as a whole – has a bunch of sub-issues. How, who, why, when, whether? So it required modules for precise determination of parameters in defining the target group to be covered in this issue. Again Commission. At the meantime, the question stays open. Closed raft files in the Archive. But, logs are still opened.
Also repeatedly opens the question of dialogue between the majority and opposition. What previous failed (or refused) to answer during their reign, when it had the opportunity to, now ask as a matter of current info. They talk but not negotiate. It requires consensus on various concepts of action. Aligning paragraphs. If it was so useful unanimity in decision making – we had a good party system, eh? Mother demanded democracy and pluralism, when we are unable to cope with them ?! We fail to accept diversity as an incentive to move. Just create new situations in the old problems. We open dilemmas and problems. Dialogues.
Open standing issue of ambassadors. Up until this issue is of such questions by circling the answers. There is the option of choice – A, B or C. Nothing easier. But, B or C does not want the answer to be under A.
However, the most thing which makes me standard, is the commonly used statement of Interior Minister – “Interior Ministry will take all necessary measures within their authority to close all open questions.” Heart, good heart indeed- closure of all ‘unnecessary’ business. And well it does.
With so many outstanding issues in the country, we are constantly exposed to the draft’s. Blows from all sides. There is no logic in this place.
Here is another piece of her work which elicited mixed reactions

A Dysfunctional World

Feature- Officials- Operatives- Functionality
Seemingly quite simply derived words but relate and can be attached to one another in quite a logical sequence. But is it really so?
The word “feature” here is usually associated with a certain position in the system Society; the higher the position the greater the function. In simple physics weight is determined by the height and size (something referred to as density) hence the need for thicker features in order to have s strong system in the society.
Basically, most government institutions require strong people to carry out the said mandate. These areofficials. Due to the weight of the said term, they must possess appropriate and specific personality characteristics to be carriers of the same. The function itself does nothing (though it can with the help of another adjective) but until then it is just a plain noun which is general in nature.
Official(s) is also a noun, but with a personal suite. So, we have a function, we have official. But does itwork?! Do we have the verb here? Of course we do.
To have a feature and to be an official does not mean automatically that function. Each feature brings with it benefits and responsibility. It is impossible to accept one and the other rejected. The benefits are in the service of encouraging action to achieve results. Officials who needs to given powers to move things and achieve results from their actions need to work, meaning that they must be very functional. However functionality is an adjective deserves a noun to activate a verb.
I have no idea why the situation in the country are defined as complex, when using only simple to complicated sentences to describe what goes on in many public offices. It must be some kind of dysfunction.

Blagodaram!
eve gi i linkovite za originalnite tekstovi - Фразеологија i  Дисфункција


Saturday, April 05, 2014

Рестартирање

Чекирај се во 8:30 и потоа пак во 16:30. Во меѓувреме немој да размислуваш, не е во опис на работно место и задачи. Исклучи го мозокот и вклучи го компјутерот. Движи се помеѓу мноштвото работни апликации со различни кориснички имиња и пасворди. Немој некогаш да заборавиш некое од нив. Нелогиран – неприсутен. Спроведувај инструкции и наредби. Не барај логика, не е твој домен – немаш пристап. Не греши, биди прецизен. Не постои техничка грешка. Ниту грешка на системот. Секоја грешка се третира како лична, намерна и со умисла.  Не губи време за самопроверка. Не е предвидено а немаш ни дозвола за тоа. Секое двоумење представува показател за нестручност. Во секој момент можеш да бидеш повикан за одговорност. Таа ти следува повеќе од платата. Фактот дека многумина немаат можност за плата нека ти биде мотивирачки елемент за опстанок. Заборави на инстинктите. Внимавај на камерите. Големиот брат пази на тебе. Љубезната насмевка е дел од униформата. Носи ја прописно и уредно. Ништо не боли. И кога боли – ништо не ти е, добро си!
Семејството – општествена клетка со детерминирани општествени правила. Со точно дефинирани особини на членовите и нивни  меѓусебни релации. Надградени и контролирани воспитни мерки, врамен образовен процес, катастраски исцртана сопственост и куп хартии на институционалниот поредок.  Права и обврски за интеграција  во системот.  И редовни сметки за одржување на истиот.  Се во служба на твоја заштита и сигурност.  Насмеани лица на маж, жена и неколку деца во зелено дворче пред семејна куќа. Постер на билборд за нова кредитна линија од некоја банка.
Како дел од потрошувачко општество купувај, троши!  Ти заслужуваш да си го дозволиш тоа. Целиот систем се храни и облекува со тебе. Само редовно плаќај сметки.
Следи медиуми, биди информиран за се она за што тие сметаат дека треба да бидеш информиран. Пермаментно учи, надоградувај го своето знаење по утврден принцип и област. Сите восприемени податоци ќе бидат применливи некогаш. Ќе ти кажат кога. Ќе го вклучат копчето. Чувај ги неоштетени за да не ти се блокира системот тогаш. Не мачи се да креираш приоритети. Некој друг го направил тоа за тебе. Биди благодарен. Биди среќен. По дифолт.
„Немој, ме повредуваш. Зошто го правиш тоа?“ – прашува роботот.
Додека од една страна се прави обид да се создадат машини кои ќе изгледаат, ќе размислуваат и чувствуваат како луѓе – од друга страна успешно се програмираат мислите и чувствата кај луѓето.
Науката се обидува да создаде роботи со чувства.  Општеството луѓе без чувства.


п.с. објавено на http://oksimoron.blog.mk на 

јули 14, 2010 13:46


Коментари:
  1. „Науката се обидува да создаде роботи со чувства. Општетството луѓе без чувства.“
    вистина…
    поздрав… :)
      prezviterkozma — јули 14, 2010 @ 14:00
  2. сите ние среќни под светлината на вештачката месечина..
      kihuПотру — јули 14, 2010 @ 14:25
  3. епа колешке!?…епа!…епа колешке?!
    епа…стај се` на USB-то и отвори со нова верзија
    која е у подготовка! :) :)
    п.с. да не знаев, ќе се чудев: шо пишуе ВАА? :)
      batadjango — јули 14, 2010 @ 15:49
  4. изрецитирано, како на метроном. сум заборавил колку е моќна кратката реченица.
      ribaro mk — јули 14, 2010 @ 15:56
  5. Рестартитање!
    Токму тоа е она што ни треба на сите одвреме на време. :-D
      effo — јули 14, 2010 @ 17:55
  6. Презвитер Козма,
    обратни општествени науки :)
    поздрав
    Киху Потру,
    …на металната планета која сјае од одсјајот ;)
    Бата Џанго,
    е па колега, е па шо! ВАА е на одмор ;)
    викаш, надградена и проширена верзија ќе има?! :) )
    Рибаро,
    како на метроном… машински, роботски стил ;)
    инсистирањето на концизност ми е маана која се обидувам да ја претворам во доблест :))
    Еффо,
    рестарт, до следното блокирање ;)
    или до следната надградба на системот :)
      оксиморон — јули 15, 2010 @ 11:08
  7. Одамна те немаше… да не беше на форматирање?
      partik — јули 15, 2010 @ 12:06
  8. Партик,
    ми блокира системот…
    Ако нема фајде од рестартот – форматирање му е мајката! :)
      оксиморон — јули 15, 2010 @ 15:24

Ток Шоу – Дуел со Бранко

Лидерот на опозицијата бара ТВ дуел со лидерот на позицијата т.е. премиерот на РМ. Бил подготвен да разговара за се‘ за да можел народот да процени кој е во право. Мора да се признае -  добра самопроценка направил . Освен ефтина забава од типот на Ток Шоу-а, друго ништо и неможе да му понуди на народот.
Народот проценува на избори Бране. А резултатите од последните 3-4 изборни цуклуси ги знаеш. Проценет си.
Затоа батали политички пресметки, ионака си пензиониран на тоа поле. И официјално. Но, со оглед на твојот талент за Дуели, сеуште има надеж за тебе. Штета е да пропадне таква вештина. Ти си добар лидер. Водач. Водител. Кога ќе се спои тоа со желбата за ТВ Дуел, би се добила одлична комбинација – водител во Ток Шоу „Дуел со Бранко“!  Секоја недела во петок навечер. Додека на А1 оди „Опуштено“ со Тони и Део, на Сител „Кој те шиша“ со Жаре Бербер, на Канал 5 „ Миленко шоу“ а на Македонската телевизија (прва програма) „Гласот на народот“ со Томич – на Алфа ТВ нека биде „ Дуел со Бранко“ .  Изедначена борба за гледаност ќе биде тоа.  Ако се избалансираат добро рекламите (со меѓусебен договор, де) ќе може човек да изгледа барем две Шоу-а во исто време.
Кога веќе споменавме реклами, секое квалитетно Ток шоу има и квалитетни спонзори кои се рекламираат во истото. Додека „дуализираш“ со гостите, ќе си пиете Скопско пиво а гледачите ќе имаат шанса преку СМС да освојат награда – „краток курс за шверцување“ или „обука за брза приватизација на 2 години со законски пречки“.
Ма, ќе биде тоа хит шоу! И ти во елемент. На елементарно ниво. Во македонскиот политичко-забавен периоден систем.


п.с. објавено на http://oksimoron.blog.mk на 

март 17, 2010  10:17


Коментари:
  1. filip22 вели:
    март 16, 2010 на 10:00 pm
    partik-Ама ти си јанлаш.Погледај на ХТВ имаш секоја вечер дуели меѓу позицијата и опозицијата,на било кое ниво.Кој бега од дуел значи нешто крие или нешто ќе прави што не е во ред.
    Што се однесува за поларизацијат и тука си јанлаш.Вистна дека таа е строга и контролирано но,ако ги погледнеш анкетите ќе видиш дека Премиерот е далеку над сите,неговата партија е далеку нада сите напред.Само тоа навидум е така,ова се случува некаде во 4о-45% од анкетираните,останатите 55-60% се или неопределени или незнат дали ќе гласаат.Тоа значи дека неутралното гласачко тело ја определува власта.Ове е сериозен проблем за позицијата и опозицијата.Е затоа се потребни овие директни судири пред јавноста на опозицијата и позицијата.Никој никого не смее да потцени,бројките на анкетите не го кажуваат тоа,на никого местото не му е гарантирано.На секоја енкета процетот на неопределените и тие што нема да гласаат е се поголем.За тоа изгледа дека оваа влада не е свесна.
      filip22 — март 17, 2010 @ 10:53
  2. Во секоја нормална држава има телевизиски дуели помеѓу власта и опозицијата. Само кај нас власта бега од соочување.
      anakondor — март 17, 2010 @ 11:25
  3. Треба да е јасно, како бел ден, дека сите кои се залагаат да НЕМА дуел од било каков вид, се уште поголеми плачковци и пи*ки од самиот Грујо. Грујо си тера сеир, си се полни пари, а вие тука како некои будали се трудите да му го оправдате стравот.
    Па дури и јуначки сакате да изгледате. Жалосно.
      Barabbas — март 17, 2010 @ 12:37
  4. EPA TVOJOT MIL GRUJO ODI NA TOK SOUA, A NE SE POJAVUVA NA DUELI, POSTO NEMA DA ZNAE KOJ KRAJ DA GO FATI, NEMA ODGOVOR ZA SVOJATA LOSA POLITIKA I ZA SE STO NAMERNO MU PRAVI NA MAKEDONSKIOT NAROD, KAKO GO OSTAVA DA GLADUVA A TROSI 200 MILIONI EVRA ZA SPOMENICI I SLICNI GLUPOSTI
      realnost — март 17, 2010 @ 13:46
  5. Diktatura ili Demokratija,granicata e tenka a Gruevski veke e dlaboko navlezen vo apsolutizmot,gi srusi site opstestveni standardi i vrednosti,neznam kako zaspiva,verojatno lesno zatoa sto zivee vo svetot na bajkite kade se e ubavo i nisto ne se slucuva dodeka negovite glasaci se prevrtuvaat vo krevet so prazni stomaci.Branko znae sto e odgovornost i e podgotven da zbori otvoreno i javno,dali Gruevski ke sobere hrabrost i da izleze na tv duel ostanuva da vidime?!
      karenasun — март 17, 2010 @ 13:54
  6. Во кое време е глаголот „ќе работиме“?
    Идно време.
    Во кое време е глаголот „размислуваме“?
    Сегашно време.
    Во кое време е глаголот „дебатиравме“?
    ИЗГУБЕНО време.
    Ме заболе мене увото за дуели и муабети и мерења на кого му е поголем ораторскиот капацитет.
    Дела, а не зборови.
    На таа тема, еве мој пост „Сите дебати се потполно бескорисни“:http://blogatash.wordpress.com/2010/01/08/♦-сите-дебати-се-потполно-бескорисни/
      Богдан, Нено Богдан — март 17, 2010 @ 14:36
  7. Денеска забележав дека последните два
    поста на блогот Оксиморон се полни со клевети кон мене.Во првиот
    пост „Евро Македонизам“ Вероника не го спомнува експлицитно моето име,
    но клевети дека „Граѓаните за Европска Македонија“ одработуваат некаква
    агенда за лицето БЦ.Баш ме интересира Вероника, како лично би
    … се почувствувала ако некој без никакви аргументи јавно те наклевети
    дека си била изнајмена за да одработиш за нечија политичка агенда?
    http://jasnesumjas.blogspot.com/2009/03/blog-post_3612.html
    a so argumenti?
      шербет — јули 7, 2010 @ 12:22
  8. Напишал пост „Сите дебати се потполно бескорисни“ и оставил отворени коментари – да се дебатира околу тоа ….
    :D :D :D :D
    А околу Грујо, па он нема потреба да дебатира – има висок рејтинг.
    А за невработеноста нека си дебатираат невработените …….
      vmoroid7 — јули 7, 2010 @ 12:59
  9. Шербет, овие на Милчин дружината изгледа се удрени со мокор чорап или се такви од роџење :)
      1979 — јули 7, 2010 @ 14:00
  10. Пензионеров се *уработи* супер па уште на ТВ да го гледаме!
    Инаку признавам дека е шоумен, докажано, ги акаше Македонците, со години, по керамиди.
      maat — јули 7, 2010 @ 14:54
  11. шербет
    и
    па
      шербет — декември 21, 2010 @ 17:12

Наше, а светско!

Македонската жена е модерна жена. Има француски маникир и бразилска депилација. Чекори во италијански чевли, а вози германски автомобил. Учи да игра аргентинско танго. Сонува американски сон. Се негува како египетска кралица.
Македонската жена е и вешта жена. За свечености редовно приготвува руска салата и морски специјалитети,  па ги сервира на шведска маса декорирани во јапонски стил. Засладува со швајцарска чоколада и тирамису. За интимни вечери подготвува лазањи или шпагети Болоњезе.
Се интересира за уредување на домот според Feng-shui. Тајно пазари во кинески шоп.
Македонската жена е горда и еманципирана. Празнува 8ми март со шопинг во Солун. Нејзе грчката политика и е шпанско село. А таа сака шпански серии. Пие турско кафе додека ги гледа. Додуша, во последно време има замена на потеклата на кафето и на серијата. Но суштинска разлика нема.
Македонската жена е светска жена.
Жена со големо Ж.
Спорна е само придавката пред него.

п.с. објавено на http://oksimoron.blog.mk на 

март 1, 2010 23:03


Коментари:
  1. Македонската жена ако е вработена зема најчесто африканска плата со која не може да си дозволи да оди во финска сауна :-)
      Блогдан, Нено Блогдан — март 2, 2010 @ 02:21
  2. Нено,
    башка, излегува во ирски паб а негува англиски хумор :)
      оксиморон — март 3, 2010 @ 14:22
  3. А ако мажот и се врати пијан дома од некое грчко узо или шкотско виски, ќе го прати да спие во дворот или во гаража, и тоа на полски кревет!
      Нено Богдан — март 3, 2010 @ 17:07
  4. Eh taa pridavka …
      Zobl — април 24, 2010 @ 00:44