Tuesday, June 04, 2019

Ројка


Шетаме во природа. Пешачиме долго. Групата одлучува да направи пауза. Да се обнови енергијата со храна, да се хидрира телото со течност. Има уште многу за одење. А јас прехидрирана, имам потреба да испуштам вода од себе. Групата се распостила на полјанката лево а јас вртам десно. Кон густи грмушки и дрвја без патека да води кон нив. Така засолнета се олеснувам од течноста во моето тело. На враќање назад кон полјанката забежувам прекрасна сенка под уште попрекрасно дрво. Одлучувам тука да ја правам паузата. Го слушам џагорот од групата које е собрана на купче. Убаво ми е да ги гледам така весели. Убаво ми е и тука под сенка сама. Ветерот во косата, мирисот од дрвото, глетката од оваа дистанца... По некое време забележувам дека групата станува, ќе продолжуваме понатаму. Наближувам и јас кон нив. Другар ми ме прашува:
- Знаеш ли што е ројка?
- Не знам точно, нешто навредливо... што е?
- Ројка е овцата која се дели од стадото. Не биди ројка.
(другарска насмевка со благ прекор)
Си го имаме муабетот и смисолот за хумор со другар ми, можеме вака да си речеме. ;)

Продолжуваме понатаму а јас размислувам...
Значи, Ројка е овца. Не било која овца. Ројка е онаа што се двои од стадото. Не заради бојата, како црните овци (кај нив е генетика, тие не избрале да бидат црни нели?). Ројката се двои по сопствен избор. Додека стадото оди во една насока, послушно зад пастирот и неговите кучиња... ројката оди во друг правец. Сака да види што има зад ридот. Сака самата да си одбере место за одмор, самата да одбере каде ќе паси, од која трева. Ројка е овца со сопствено мислење бре! Постои опасност така сама да ја изедат волците. Да. Но се умира и ако си во стадото. Откако ќе те молзат и стрижат со месеци, лесно може да се случи да станеш ручек на нечија трпеза. Во меѓувреме, има позелена трева зад ридот, помиризлива сенка да се одбере....
Се вртам кон другар ми и му велам:
-Благодарам за комплиментот. 
(широка другарска насмевка од мене сега)
Јас сум ројка. 
Јас сум горда ројка!

No comments: