Monday, June 27, 2022

Македонија - географски, политички, (не)европски

 


Убаво што соседите вака јавно признаваат дека поседуваат дел од Македонија.

Да го кажевме ние ова ќе беше "национал-шовинизам" со територијални претензии...вака кога тие кажуваат тоа се европски, демократски вредности...

Македонските политичари се плашат да го спомнат Букурешкиот договор од 1913 година со кој се става крај на Балканските војни и со кој договор Македонија, која како целина дотогаш била под турско ропство, е поделена на три дела помеѓу своите соседи. Вардарскиот дел и припаднал на Србија, Пиринскиот дел на Бугарија а Егејскиот дел на Грција. Поделбата на територијата била вклучително со населението кое живеело во неа.

После Балканските војни поминале и Првата и Втората светска војна, но оваа територијална поделба на географска Македонија останала. Во Егејскиот и Пиринскиот дел населението било асимилирано(милум или силум), но во Вардарскиот дел било признаено како различно со статус на засебна република во  рамки на државата Југославија. Само во Вардарска Македонија Македонците биле признаени за Македонци, со сопствен јазик, култура и посебност во рамки на заедничката држава Југославија заедно со други националности, јазици и култури. Нешто слично на денешната идеја за Европска Унија. Ама во процесот на формирање на ЕУ, Југославија мораше да се распадне... затоа што големите риби ги јадат малите (но тоа е друга приказна!)

И одеднаш, со распадот на Југославија тој Вадарскиот дел од Македонија се стекна со независност! 

За првпат после векови, во 1991 година Македонците добија сопствена самостојна суверена држава! Еден дел од географска Македонија станува политички ентитет. Каков шок за соседите! Државата која ја распарчиле и чии делови присвоиле, со еден свој дел стапува на политичката сцена како независна држава. Дали тоа значи дека ќе побараат обединување со другите делови од поранешната држава, а сега само географска област Македонија?! 

Државите се раѓаат низ болка, крв и жртвување. Политичката држава Република Македонија јасно стави до знаење дека нема никакви територијални претензии, во име на мирот и добрососедство се откажа од населението во другите два дела на географска Македонија, дури го промени и знамето по барање на едната соседна држава. Букурешкиот договор стана Волдеморт за македонските политичари. Забрането за спомнување за да не се будат лошите духови. За да не се вознемируваат нашите соседи. Во обид мирно, тивко да се продолжи функционирањето на новоформираната политичка Македонија без оглед на географската. Што било поминало, го оставивме во минатото. Креираме иднина. Но тоа не беше доволно... 

Се соочивме со непризнавање токму од соседните држави кои во рамки на своите територии содржат дел од географската Македонија. Одеднаш, само тие имаат право на зборовите Македонија, македонско. Само нивниот дел од Македонија е македонски. Никој не поставува прашање како се стекнале со тој дел од Македонија. И како се однесуваат со Македонците кои живеат таму. Со невидени политички притисоци по 27 години кај новоформираната независна држава издејствуваа промена на името. Географска одредница за издвојување на географска посебност во географската област со одрекување од сите историски повикувања на настани кои се случиле во овој географскиот регион. Едноставно сме паднале од небо тука и се што се случило пред нашето "паѓање" одеднаш исчезнало од нашиот дел на географска Македонија.  

Против волјата на народот во оваа држава, искажана на референдум, по  27 години од осамостојувањето една генерација на политичари во Република Македонија прифати промена на името. Во име на добрососедство. Во име на демократските вредности. Во име на аспирациите за влез во ЕУ. Во име... а без име! 

Залудно.

Едниот сосед не ни го признаваше името а другиот не ни го признава народот и јазикот.  Мора да се уништи целосно македонизмот во овој дел кој успеал да се осамостои за да се негира постоењето и на другите два дела. Да се прешкрта историјата и се напише одново по нивна мерка. Кога веќе има спремност да се прифати промена на име, зошто да се сопре тука?!

Кога видоа дека сме спремни да се откажеме од македонското за да станеме дел од европското, апетитите на соседите пораснаа. Кога нас не ни значи македонското, тогаш тие ќе го присвојат иако го негираат. Иако никогаш нема да се нарекуваат Македонци ниту на дел од своите државјани им дозволуваат да се нарекуваат така како етнитет, иако во нивните држави не се користи македонскиот јазик ниту им дозволуваат на луѓето кои го говорат да го употребуваат официјално. Македонија не постои, ама нивна е! 

Мислам дека е време македонските политичари да ги променат наративите. 

Да прозбореме за Букурешкиот договор. 

За одлуките на тогашните европски држави кои биле гарант на Букурешкиот договор со кој се подели Македонија,  дека истите беа гарант на Преспанскиот договор со кој се промени името на државата и се забрани употребата на зборот македонско од наша страна, а сега истите се подготвуваат да бидат гарант и на следен договор со кој ќе се избришат и народот и јазикот како македонски. Со фусноти.

Со таков гарант гарантирано ни е само губењето на државата. Времињата се променија но играчите останаа исти. Истите кои еднаш ја уништија Македонија географски, сега ја докрајчуваат политички. Без војна. Со купопродажба. Затоа што сакаме да бидеме дел од тоа друштво по секоја цена. Купуваме членство во ЕУ. Распродавајќи се себе. 30 години ЕУ ни продава идно членство по цена на бришење се што е македонско како самостојно и независно.  Купуваат држава а ние плаќаме со бришење на идентитет. 110 години од Букурешкиот договор, толку беше доволно за целосно спроведување на политиките на европските земји за овие простори. 

Ќе бидеме генерација која сведочела и учествувала во создавањето на првата македонска независна држава и во нејзиното уништување истовремено. 

Освен ако не сфатиме дека со "дипломатските" купопродажни договори преку кои тргуваат со демократските (европски) вредности ни продаваат оштетен производ, па да направиме рекламација кај гарантот со враќање на производот. 

Не ни треба такво членство во таква ЕУ. 


No comments: