Sunday, March 13, 2022

Последната генерација која ќе остари

Да се биде млад е новото ин на денешницата. Социјалните медиуми се преполни со фотографии и видеа во кои се користат филтри за измазнување на кожата, задебелување на усните, контурирање на лицето, промена на обликот на очите,  веѓите, згуснување на косата... Се почесто се случува и повеќе да не се модификувани фотографиите туку самите луѓе. Застапеноста на широк спектар од начини на модифицирање си го прави своето. Ботоксот, хијалуронот, естетските корекции денес се лесно достапни за сите. Фотографии од пред и потоа ни се насмевнуваат од платените реклами на естетските студија со поволни понуди за закажување термини. Имаме другарки, колешки, роднини кои ги користат нивните услуги. Салоните за разубавување прераснуваат од салони за шминкање во салони за естетски корекции. Она што порано беше "тајната" на познатите филмски ѕвезди станува јавен модел на грижата за својот изглед. Тоа станува толку распространето и вообичаено што луѓето почнуваат да се згрозуваат од неиспегланите брчки и побелената коса, засега кај одредени (ретки) филмски ѕвезди кои одлучиле дека сакаат да остарат и покрај можноста да го корегираат тоа. Читам бројни коментари преполни со осуда како можеле да си дозволат да изгледаат толку запуштено. Зарем денес, кога речиси секој може да си дозволи илузија на вечна младост, тие како јавни личности да бидат потсетник за биолошката реалност на стареењето? Скандалозно! 

Со ваква експанзија на промовирање и употреба на методите за прикривање на староста, следните генерации ќе пораснат во општеството каде нема да може да се одреди возраста на личноста според нејзиниот изглед. Годините нема да содејствуваат со изгледот. На појавата на секоја нова брчка благовремено ќе се оди на третман, како што денес се оди кај стоматолог при појава на кариес. Сите старосни промени на кожата ќе бидат навремено санирани како одраз на грижата за својот изглед и здравје. Како што денес ни се вообичаени и допадливи блескави насмевки на порцелански коронки, така во иднина ќе ни бидат испегланите лица. Лицата со брчки ќе ни изгледаат одбивно како денес лицата со поткршени или непоправени заби. Одраз  на негрижа и сиромаштија. Неиспеглани алишта може ќе се простат, ама неиспеглани лица никако!

Неминовен процес. Возраста ќе стане област на естетика. Годините етика. Староста етикета. 

Не осудувам. Разбирлива ми е желбата за добар изглед. Човештвото ја носи во себе желбата за допадливост. Само критериумите се менуваат низ вековите. Но младешкиот изглед секогаш останува на врвот на листата. Денес како никогаш досега лесен за постигнување и одржување. Можеби се уште не можеме да ја избегнеме смртта, но барем староста можеме. 

Додека уште имаме избор.... јас моите години ги сакам. Се радувам на секоја нова како да собирам јаболка и уживам во вкусот и мирисот додека гризам од нив. И секоја нова брчка и бело влакно ги прегрнувам, тоа за мене се траги од животот. Мојот живот. Се надевам дека ќе доживеам длабока старост и истата ќе биде видлива во длабочината на моите брчки. Не сакам да ги избришам. Можеби сме последната генерација која ќе има можност да остари природно. Пред тоа да стане недостоинствено. 

 

No comments: