Македонија е во криза. Нарушена и е демократската крвна слика. Се манифестира со граѓанска апатичност, општа слабост во расудувањето, аритмија во НВО секторот, повремени затемнувања во медиумите, па дури и несвестици на здраворазумската перцепција како и изразито бледа револуција. Не дека и фали боја во образите, со евтина поликолор шминка се прикрива тој показател на анемичната состојба на државата ни.
Непочитувањето на препораките од матичниот лекар доведе до специјалистички упат. Дојдоа интернисти. Востановија дека за подобрување на ситуацијата неопходна е трансфузија на крвта демократска. Ама за да биде успешна трансфузијата, мора прво да се опредили која крвна група е пациентот. Излезе дека ова е необичен пациент кој нема своја крвна група. Има траги од сите ама ниедна која може да се нарече „своја“. Компликација левел безнадежно (не ОНАА словенечката „надеж“, таа еволуира). Па ги седнаа четирите крвни групи ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА да се види како ќе се реши проблемот. Мора да се определи која крвна група од која прима а на која дава подршка, со која има заеднички антигени а со која спротивни. ВМРО-ДПМНЕ дава на ДУИ и на СДСМ а прима и од ДУИ и од ДПА. СДСМ дава на ДУИ и на ДПА ама не дава на ВМРО ДПМНЕ а прима и од него и од ДУИ. ДУИ дава на сите, ама не прима само од ДПА. ДПА прима од сите а дава само на ВМРО-ДПМНЕ. Тешка шема за решавање. Судоку мастер левел. Состаноци, договори, преговори, олеснувачи, стешкувачи... и готвачи - се Пржат крцкави договори!
А никој не го зема во обзир RH факторот. Народот. За негово определување потребни се избори. Да се види за кого е позитивен а за кого негативен фактор. Нема полоши последици од избор на крвна група без определување на RH фактор.