Saturday, April 05, 2014

Врска без врска

Додека следам вести на дневните ни медиуми, исполнети со политички настани, еден детал ми запна за очи. Вратоврските. Мало парче ткаенина врзано околу вратот на специфичен начин. Во разни бои и дезени. Ама изборот е строго детерминиран, во зависност од приликите и... за наши услови, политичката припадност! Еве, вчера додека даваа снимки од конгресот на СДСМ каде се промовираше нивната програма „Решенија за Македонија“ - сите машки претставници беа врскосани. Без оглед на дезенот, бојата на вратоврските варираше од бела, преку сина до златна. Мислам дека забележав и некоја виолетова. Но ниедна црвена ниту портокалова. За разлика од нив, претставниците на владејачката партија - ВМРО-ДПМНЕ се утепаа од носење портокалови и црвени вратоврски. Ај белја, си викам , зар и вратоврските добија политичка конотација? Да не знае човек што да облече, оти одма ќе му припишат некое својство кое ни самиот сеуште не знае дека го има.....
 
Ме обзеде мислата за вратоврските и не ме пушта. Која е улогата на тоа парче ткаенина? Освен моден детал, претставуваат и некаков статусен симбил. Кој ги вовел, како станале толку популарни, имаат ли и некоја практична примена? Зошто секоја свечена ситуација налага носење вратоврска? Од каде толкаво значење? Кажува ли нешто одредено нивната форма, големина, дезен, боја, начин на врзување? Па седнав пред компјутер да пребарувам низ интернетот. Најдов куп референци кои нудат одговори за потеклото и историјатот на вратоврските. Потекнуваат од Хрватска,  како дел од униформата на нивната војска уште во 16 век. Врзаните марами околу вратот означувале чин. Парчето ткаенина околу вратот на обичните војници било од груб материјал, а кај благородниците од свила или фин памук. Во 1635 година околу 6 000 војници и витези пристигнале на францускиот двор како подршка на францускиот крал Луј 13 и останале во служба повеќе години. Деталот околу вратот на хрватските платеници набрзо станува моден хит на францускиот двор и буржоазијата почнува да го носи како како симбил на елеганција. Вистинска нивна промоција прави Луј 14. Поради угледот кој го уживале францускиот крал и благородници, набрзо овој моден детал се раширил низ цела Европа. Оригиналното име останува „Cravate“ и го означува потеклото на овој куриозитет. Хрватите се горди на својот „изум“ и имаат дури прогласено национален празник на Вратоврските (18 октомври) а имаат и Музеј на Вратоврските во Загреб. Исто така, имаат и сајт кој нуди полно информации за потеклото, значењето, бонтонот.... ма се што ве интересира за вратоврските како поим. 

Е сега, мене ме интересира дали има и кој е панданот на вратоврската во женската гардероба? Потпетиците?Градникот? Накитот? Ама, никаде нема правило „само со потпетици/градници/накит“ за женската популација, како што има востановено правила „само со вратоврска“ во одредени ситуации и објекти за машката популација. Модата од секогаш била на страната на женскиот пол, дури повремено ги воведува вратоврските и во женската гардероба, но сепак тие останале како специфика на машкиот пол. Како околувратник на кој е прикачен синџирот на општествените прилики и униформирани правила.

Како на вратот ѓердани, 
разни вратоврски студени
така на плешки правила, 
легнале та натежнале!
Вратоврски ли се вратоврски
општествени маки големи
стани си утре порано
дојди си вечер подоцна,
наутро сина понеси, 
навечер црвена донеси. 
Ај пуст да е,
пуст да би останал
животот врскосан! 


п.с. објавено на http://oksimoron.blog.com.mk на 13 Септември, 2009 - 16:54

Коментари:
  • Овие двајца имаат исти кравати,ти зборува ли тоа нешто? Smiling
    (Effo 13 Септември, 2009 - 17:16 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • хрватите се расчепија со краватата...Многу се горди на тоа..кроата па кроата
    Дури и на евровизија, кога снимиле спот за претставување на Хрватска, едно од упадливите детали беше и краватата
    Ама нашиов претседател пред некој ден, кога на гости беше оној Херцог, он облечен у одело, без кравата
    Аман бе Иванов, па претседател си
    Па не ги увредувај гостите така
    (interpreter 13 Септември, 2009 - 17:19 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Окси супер пост...инаку нема женски пандан за краватата, не зафркавај, па се останато е за нас, а да не спомнувам дека има и жени кои носат кравати од време не време Smiling
    (katika 13 Септември, 2009 - 17:28 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Мразам да носам врски...тогаш се чувствувам како ортомисан. А политичарите, убаво си забележала, внимателно ја бираат бојата.
    (partik1 13 Септември, 2009 - 17:42 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Тоа за краватите, а види го ова:
    http://www.econlib.org/library/Mackay/macEx8.html#Ch.8, Hair and Beard
    Како политиката, религијата и законите низ вековите влијаеле врз - бричењето на брадата и должината на косата.
    (Нено Богдан 13 Септември, 2009 - 18:01 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Мислам убаво изгледа вратоврска врзана и за женски врат,се разбира ако има добри две ритчиња кои ќе ја подигаат и таа нема да виси...
    (novajlija 13 Септември, 2009 - 20:57 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • па врската служи за тие што си немаат врска ја препознаат својата врска иако звучи без врска ама тешко тебе ако никој твој близок не носи врска оти пак ќе си талкаш и ќе се јадосуваш дека и со оваа влада си ја утнал работата... (literanova5 13 Септември, 2009 - 21:16 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • хе хе, Ефо,а бе Љупчо е предавник, не е соодветен исклучок.. дај другo дете:))
    (seelenluft 13 Септември, 2009 - 22:20 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • а женски пандан, сигурно дека нема некој така очигледен, не за џабе сме неразбрани Sticking out tongue
    (seelenluft 13 Септември, 2009 - 22:23 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Кај да ти најдам друго дете.Овие двајца си личат како близнаци во се`.
    Дури и бради и фризури имаат исти. Sticking out tongue
    (Effo 14 Септември, 2009 - 04:54 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Нормално дека си личат, еве и фотографски доказ:
    http://blogatash.blog.com.mk/node/244170
    (Нено Богдан 14 Септември, 2009 - 14:12 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • А кој е панданот на хрватската вратоврска кај Македонците?
    Појасот! Онаа широка ткаенина што изгледа како шал и се замотува неколку пати околу половината. Ем ги топли бубрезите додека траат долгите владини и парламентарни седници, ем собира повеќе ќесиња со златници, истовремено криејќи ги од несакани погледи.
    Вратоврската нема шанса против нашиот појас. А, можеби во комбинација ќе даваат посилен ефект? Појасот за златници кога се „работи“ локално, а вратоврската може од задната страна да се направи со тајни џебови во кои ќе собира кредитни картички, што е одлично ако политичарот е во „Запад“. Модната линија ќе се вика „Генгста оро“. Smiling
    (GoodBytes 14 Септември, 2009 - 15:10 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Ефо,
    Сликата покажува дека ако двајца политичари од скроз спротивни партии носат исти вратоврски – гарант некое срање прават заедничко! (мислам дека сликата е од деновите коа се потпишуваше рамковниот, исправи ме ако сум грешка) Smiling
    Интерпретер,
    Да, бе... читав дури и еден напис за нивното копање низ историјата – пронашле портрет на нивни поет кој носи кравата и истиот датирал пред портретот на Луј 14, за кој се сметало дека е најстар доказ за носењето кравати Smiling
    Требало советниците на Иванов да ги проучат сите детали во врска со земјата во која гостува. Ај, следниот пат ќе ја исправат грешката Eye-wink
    Катика,
    Се останато е за нас, ама пак краватата ни боде очи. Шо сме и ние.... Smiling
    Партик,
    Да беа така внимателни и кога дејствуваат политички, како што се внимателни при изборот на вратоврските.... немаше толку да не стега околу врат сите нас Eye-wink 
    Нено Богдан,
    А бе, многу параметри а премалку димензии Smiling
    А серијалот слики за сличноста помеѓу посочените двајца ти е одличен – јасно доаѓа до израз сивилото во кое тонеме зашто 18 години сме заглавени во средина од тонската скала на тие двајца Eye-wink Smiling
    Новајлија,
    Било што да се врзи на женскиот врат изгледа убаво. Не е до врзаното, туку до вратот Eye-wink
    А да, и до ритчињата Smiling
    Литеранова,
    Шо убаво објаснување Smiling
    Знаев ја дека нешто филозофско е посреди Eye-wink
    Со врска или без врска.... Шекспировата дилема добива нова димензија Smiling
    Seelenluft,
    Исклучителен исклучок Smiling
    Не за џабе е кампањата за трето дете – токму заради овие двајца давеници Eye-wink
    Значи... не е до месечевите мени, не е до лева и десна хемисфера, ни % на вода, не е до фризурата, ниту до цицките, уште помалку до тампоните – до вратоврските е! Се потврди она правилото дека при понудени повеќе можни одговори, наједноставното е вистинското Eye-wink
    GoodBytes,
    Генијално! Smiling Smiling Smiling
    Ако се додадат и ѕиврите со џебови на колената – модната линија ќе биде комплетна! Ќе го освоиме светот. Повторно. Smiling
    Ти го обожавам хуморот Eye-wink
    (oksimoron 15 Септември, 2009 - 16:54 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Oksi,
    Појма немам кога е снимена,ама ако се воведе некогаш награда Пулицер за фотографија во Македонија,оваа сигурно е во топ конкуренција.Не илјада,ами милион зборови заменува и мислам сосема е во функција на твојот пост.
    Погледни ги само како се идентично облечени и фризирани,а тек како се концентрирани еден на друг,божем долгогодишен пар љубовници. ха Smiling
    (Effo 15 Септември, 2009 - 18:07 | логирај се за да пишуваш коментари)
  • No comments:

    Post a Comment