Saturday, April 05, 2014

Хм...

Велат дека човек учи цел живот. Се согласувам со тоа. Па, откако заврши школската година, си земав и јас распуст. Ми следува како ученик, бре!  Се фрлив на шетања и забави, спиење до доцна, легачење максимално. Освен музичките канали на телевизија, сите други фатија пајажини. Интернетот доби форма на туристичка агенција – разгледување на понудите за забава и одмор. Јадам, спијам, шетам, се забавувам. Шо било убаво кога си на распуст!
 Е, ама пред некој ден, ми проработи совеста. Илинденски празници се слават, значи привршува распустот. Па да земам да прочитам некоја лектира, де. Ја позабришав прашината од каналите на националните ни телевизии, отворив тоа сајтовите на дневните ни медиуми. Да видам што сум пропуштила, да се подготвам за тешката есен која не чека. Оно, нашиот дневно-политички живот ти е како шпанска серија – постојано нешто се случува, ама во суштина дејството се развива бавно. Така да, и да пропуштиш неколку епизоди – немаш гајле! Плус, во секоја од новите епизоди задолжително се спомнуваат „значајните“ случки од претходните. Ма, по само две  изгледани епизоди (макар и од средина) го дознаваш целиот историјат на серијата.
 Го гледав преносот од чествувањето на Илинден на Мечкин Камен. Се убаво, организација на ниво. Тројца претседатели присутни, а народ никаде. Имаше повеќе обезбедување отколку публика. Додуша, нашите претседатели никогаш и не дејствувале заради публиката т.е. народот. Доволни се сами на себе. Значи, впечатокот од соодносот е реален. Сакам кога се така принципиелни. Од колоритната драмска постава за доловување на историскиот настан кој се слави, вниманието ми го привлече една девојка во темно црвен фустан. Едноставниот црвен фустан без ракави, од колениците надоле беше целиот исечен во реси. Види бре, си реков, и Индијанците учествувале во Илинденското востание! А ги  нема во уставот. Срамота. под итно да се стават во преамбулата. 
 Како што знаеме, имаме повеќе Илиндена и повеќе прослави на различни локации по тој повод. Државното уредување  ни се дели на законодавна, извршна и судска власт.  Па така ни се делат и прославите. Ако на едната локација е извршната, на другата е законодавната. Судската ни е на одмор периодов. Е, ама извршната власт ни е своевиден оксиморон, па тука егзистираат взаемно и претседателот и премиерот (т.е. владата претставена со него). Се мешаат како масло и вода. Понекогаш функционираат и како термометар за утврдување на политичките жештини во државава. По бројни осицилации, сега за сега е умерено. 
 Значи, додека претседателот на државата зборуваше на една локација, претседателот на парламентот на друга а претседателот на владата на трета.  Тафтологија во боја.
 Внимателно го слушав говорот на премиерот во Трново. По краткиот осврт на историјата и минатото, се сврте кон денешницата. Неизбежна тема беше и актуелната светска економска криза, која не ја заобиколи ни Македонија. Како дел од светот, де. За нешто и ние да сме во тренд, светски. Тука, на темава, премиерот ни имаше премногу повикување на надворешни авторитети. Обама рече вака, Оли Рен така, Меркел онака....ги нареде еден куп. А што викаш ТИ премиере? – гласно изговорив, така сама пред телевизорот. Оти ТИ си Македонија, нели?  Ја прегризав устата веднаш, оти следуваше импресивен извештај за сите превземени мерки за справување со економската криза кај нас. Не ја заборави и  посветеноста која се бара од сите нас за напредокот на државава. Мерката (ни) е земана. Јас и мојата брзоплетост.... и јас сум  Македонија....
 Во духот на Илинденците, деновиве имавме уште една демонстрација на придобивките од еднаквоста за која се избориле нашите предци. Со само 5 години стаж на одредена функција, можеш да добиеш доживотна пензија во висина на редовната плата за истата функција. Согласно законот за ПИО, член 17, осигурениците се стекнуваат со право на пензија кога ќе наполнат 64/62 години и висината на истата им се пресметува по член 33 од истиот закон.  Ама тоа важи само за оние кои работат „обични“ професии. Си имаме ние и „необични“, за кои важат сосем други закони. Така, по 5 години макотрпно претседателствување со државава, стануваш работонеспособен за било што друго и заслужено ти следува доживотна пензија. И додека сите обични пензионери играат шах во парк, овие другиве си играат водење партија. Речиси исто, зарем не? Ионака,  СЕКОЈ може да се кандидира за претседател на државава. Зезанцијата е што и СЕКОЈ може да биде избран.  А државата во зависност од тоа колку бивши претседатели има – ќе исплаќа толку редовни плати за нив. Уставниот суд, иначе ептен агилен, одмора.

Еден афоризам  вели - за да се сфати реалноста, потребна е фантазија.
Ете, ма колку и да сака човек да биде концизен – џабе му е со ваков материјал!  На крај пак се сведува на онаа ученичката мака: Учи, учи – глава бучи... 


п.с. објавено на http://oksimoron.blog.com.mk на 5 Август, 2009 - 14:13

Коментари:
  • Викаш на одмор си. На Бали да не беше Smiling
    (волан 5 Август, 2009 - 19:20 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • www.3day-sports.blogspot.com > Кликање на Google рекламите = Одмор на бахамите (за мене)
    (Xpert 5 Август, 2009 - 20:00 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • волан,
    поминав покрај Бали, ама у брзање. Следниот пат ќе одморам малку и таму Eye-wink Smiling
    Xpert,
    бев, видов, кликнав. Со среќа на Бахамите Smiling
    (oksimoron 5 Август, 2009 - 21:02 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Цел живот учиме по нешто Окси, туку оти не пуштиш умот уште малку на одмор, се замараш со овие наши збиднувања нема ништо интресно навистина...поздравче и имај убав ден...
    (leonastefani 6 Август, 2009 - 10:15 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • И многу одмор не бива Леона Smiling
    Се што е многу не чини, па и одмор Eye-wink
    Интересни или неинтересни збиднувања.... да се остане во форма
    Поздрав мила, ти посакувам и јас убав ден (и ноќ!) Smiling
    (oksimoron 6 Август, 2009 - 17:08 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Не им е лесно на претседателите по овие горештини да се пржат на сонцето, додека ние се криеме под сенка или одмараме на БАЛИ. Smiling
    И мене ми падна во очи заспаноста на Уставниот суд...а беа многу агилни до скоро.
    (partik1 6 Август, 2009 - 22:26 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Ех, тие Бали-те на Струмјан.... убавина!
    Иначе, по се изгледа уставниот суд „претресува“ само закони кои ги ограничуваат олигарсите во нивното „раснење“, а не и закони кои ги издигнуваат истите високо над „обичниот“ народ Eye-wink
    (oksimoron 9 Август, 2009 - 11:09 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Во секоја партија целта е го победиш противникот, најпрвин му ги пушташ пионите, понекогаш и коњите. Голем ќеиф е кога ќе успееш некој пион да го промовираш во кралица. И нормално ако настрада кралот ја губиш и партијата.
    П.С. Секоја сличност со шахот е намерна Smiling
    (strumjan 9 Август, 2009 - 12:00 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Е, да.... дали во парк со другите пензионери или во партија со живи фигурички - играта е таа! Eye-wink
    Поздрав Струмјан Smiling
    (oksimoron 9 Август, 2009 - 16:28 | логирај се за да пишуваш коментари)


  • No comments:

    Post a Comment