Saturday, April 05, 2014

Сонце во тегла

Два момента:

1. Саем на книгата. Одиме со пријател на кафе во ресторанот кај сајмиштето. Ми се заглавува штиклата во дупчињата од дипличето пред влезот на ресторанот. Додека мафтам со рацете во обид да задржам рамнотежа, пријателот погледнува наоколу и  брзо-брзо посегнува по вратата за да влезе внатре. Како да се срами што е со мене, ваква неспретна. На лицето има израз од типот „јас не сум тука заедно со оваа која паѓа, не се познаваме“. А наоколу нема речиси никого, освен луѓето во киоскот каде се продаваат билетите за саемот и една жена која продава бижутерија на тезга. И ние двајцата. Успевам да задржам рамнотежа и да зачекорам одглавувајќи ја штиклата од дипличето. Тој, пријателот, веќе од внатрешната страна на вратата - сега ја задржува за да влезам. Додека седнувам и вадам цигара, побрз е од мене со запалката. А пред неколку секунди ќе ме оставеше да паднам без да ми подаде рака...... 
Ги разгледува книгите кои штотуку ги купив од саемот и се задржува на „Платформа“ од Уелбек. Ја бара на заем, да ја прочита. Иако не ми е прочитана (штотуку купена, де), му ја позајмувам книгата. Сеуште ми ја нема вратено. Изгледа ќе морам повторно да ја купувам, зашто навистина сакам да ја прочитам. 

2. Градски плоштад. Чекориме со пријателка накај трговскиот центар. На просторот после Дал-мет-фу а кон Тера Нова, неспретно се сопнувам од некоја вдлабнатинка на тлото. Губам рамнотежа. Пријателката цврсто ме фаќа за рака и ме повлекува кон себе. Подготвена на ризикот да падне со мене. Тука, пред толку народ околу нас. Останувам на нозе, а таа ме гледа загрижено и прашува тивко „добро си?“. И го гледам сјајот во очите, пријателската загриженост и ја чувствувам нејзината рака на мојата. Зрачи со топлина. Во истиот момент, пред очи ми излегува изразот на пријателот од речиси иста ситуација, опишана погоре. Незнам кој центар од мозокот е одговорен за споредба на слични моменти, ама сликата беше толку јасна, со силен контраст. Вториов настан ми го врати споменот на првиот и ги имав двата пред очи како дел од едно исто. Светлина и сенка.  Посакав да ја прегрнам силно пријателката. 
Еден час пред тоа ми подари книга. Од полна полица со книги, ми рече да одберам која сакам. Се двоумев помеѓу неколку, а таа ми помогна во изборот објаснувајќи ми за што станува збор во секоја од нив. На следното  видување ми подари нејзина книга. Прекрасна етнолошко-антрополошка студија - „Телото“.  

Вчера изутрина, ме разбуди звонење на врата. Отворам така сонлива во пижами. Поштарот со насмевка ми подава плик. А внатре книга. Од мојата пријателка. Многу убаво будење, прекрасно започнат ден. 

Naslovna_ilinamala.jpg
 
„Во подрумот,  
на скришно место,
за не дај боже и за зимница
во тегла си чувам -
конзервирани сонценца:
............................

... сонценца како кандилца,
како златни парички.
Едно за мене -
патот да ми го осветлува

Едно за тебе,

Сонце мое,

кога ќе ме нема,
да те прегрнува.“

Ти благодарам Илина за сонценцата кои ги споделуваш со нас! 
Зборот пријателство ја има вистинската димензија кога си ти тука. 


п.с. објавено на http://oksimoron.blog.com.mk на 19 Јули, 2009 - 12:57

Коментари:
  • Вистинскиот пријател е оној што ќе те „придржи“ кога ќе „паднеш“, на кого можеш да се „потпреш“...Тој умее и да укори кога треба и да даде совет , соодветен на ситуацијата.
    Многу инспиративен пост, како и секогаш, кој те тера да размислуваш и да се преиспитуваш.
    Поздрав и до тебе и до Илина, која умее да подготвува сонценца во тегла.
    (partik1 19 Јули, 2009 - 13:26 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Како ли може пријател да го нарекуваш скотот што се срами да подаде рака на жена во невоља?Па до толку ли не знаеш да процениш карактери?
    Па тој освен самиот себеси никого не умее да сака,сигурно е некој самбендисан интелкуален морон кој скотски сам ќе го помине веков кој му е предодреден.Позз.Smiling
    (Effo 19 Јули, 2009 - 19:30 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • На првиот твој пријател му препорачувам во тегленца да чува сонценца,па кога доволно ќе созреат да ги раздава наоколу, а на Илина честитки за книгата.
    Поздрав и до тебе Smiling
    (KLIKER 19 Јули, 2009 - 21:25 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Партик,
    многу убаво го дефинираш пријателството. Тоа не се манифестира во ситуации кога се е во ред, туку токму во ненадејните, критични мигови. Реакцијата и гестовите во тие ситуации го отсликуваат карактерот на личноста и способноста за пријателство.
    Мило ми е што ти се допадна постов. поздрав Smiling
    Ефо,
    не осудувам никого. На пријателот очигледно му е многу значајно мислењето на околината, впечатокот кој го остава и не би си дозволил да делува несмасно покрај личност која ете - се заплетка од дипличето пред ресторанот Smiling Ќе види некој, па ќе му се смее после... не зезај! Smiling Секој со сопствениот резон. Има на светов доволно резони за сите нас. Кризата е економска, не е и резонска Eye-wink
    Овој пост не е за неговата реакција, таа само овозможи појасно отсликување на примарната тема на постов - реакцијата на пријателката. Eye-wink
    Кликер,
    јас секому би препорачала да чува сонценца дома. Конзервирани, зашеќерени, сушени, во желе.... сонценца во сите состојби за сите ситуации!
    Поздрав Smiling
    (oksimoron 19 Јули, 2009 - 22:57 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • А ти да заборавиш на штикли некое време?:))Земи си рамни чевлички, што е сигурно сигурно е! (katika 20 Јули, 2009 - 00:59 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Се чини дека не е совршено точна поговорката „пријателот во мака се познава“ туку таа треба да се дополни со „пријателот се познава во јавноста“ т.е. кога ќе реши да ризикува да се усрами (што и да значи тоа?) одошто да ризикува да го остави својот пријател во мака.
    Да даде јавна подршка де Smiling
    (Нено Богдан 20 Јули, 2009 - 14:08 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Катика,
    ма, знам ја и со рамни чевли на рамен пат да се спрепнам Smiling Не е до штиклите. До мене е Eye-wink
    Нено,
    пријателството никогаш не би требало да биде во зависност од судот на јавноста.
    Јавните подршки најчесто се декларативни. Eye-wink
    Вистинската подршка е таа во моментот кога се случува дејствието, кога се делува без многу размислување туку со следење на инстинктот за пријателство и грижа. Оние кои имаат таков инстинкт, де... Smiling
    (oksimoron 20 Јули, 2009 - 20:43 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • окс,
    ја сфатив поентата на постот многу добро.Smiling
    Сепак мислам дека треба да припазиш кого нарекуваш пријател,па и книгата не ти ја вратил идиотот сеуште?
    (Effo 20 Јули, 2009 - 20:53 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Поздрав до сите со широко отворено срце... Ќе направам мала дигресија... за еден виц: Влегува некој љубител на книги кај некој интелектуалец/`интелектуалец` (непотребното да се избрише) и во салонот гледа библиотека - цел ѕид книги со разновидни содржини. Разгледувал нашиот пријател што разгледувал... особено го привлекла една од книгите... и така, срамежливо, го прашал домаќинот дали може да ја земе за некој ден и да ја прочита. `А, не! Никако!` одговорил домаќинот `Не позајмувам книги на други, бидејќи позајмените книги не се враќаат. Гледате, овие сите се позајмени книги!` (Коментар: од оној првиот - што рака не ти даде - не се надевај на книга... и покрај тоа што неговата библиотека постојано се зголемува) (Sbepot 22 Јули, 2009 - 06:12 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Ефо,
    сум позајмила досега многу книги кои не ми ги вратиле. Разликата е што оваа книга не ми беше сеуште прочитана.
    Ѕверу,
    многу поучен виц Eye-wink
    Поздрав Smiling
    (oksimoron 23 Јули, 2009 - 17:41 | логирај се за да пишуваш коментари)
  • No comments:

    Post a Comment