Friday, April 04, 2014

Акварел

Ги цртам зборовите кои напишани не умееше да ги прочиташ. Го сликам звукот на изговореното, а неслушнато. Нијансирани емоции за тродимензионален ефект. Задебелени линии соништа и нежно розева романтика која фрла темна сенка премолченост. Отпечатоци од разводенети чувства подредени во розет. Недооформени орнаменти копнеж. Контури на страста, премачкана со боите на бледи предрасуди. Колку потези од четката немарност се потребни за да се прекрие целосно? Насликувам уште неколку насмевки и ги сенчам погледите да добијат израз. Неколку вкрстени линии љубов.
Го закачувам на ѕидот така неисушен и го прскам со капки разнобојни фрази. Оставам да потечат и се измешаат меѓусебе во шарен дијалог.
- Еј! Види , детски цртеж! – коментираш.Да. Едно дете сака нешто да каже. Нешто што како возрасен не умее.

п.с. објавено на http://oksimoron.blog.com.mk на 22 Февруари, 2006 - 18:22

Коментари:
  • Секоја чест!
    Communication breakdown и акварел кој треба да ја пренесе пораката со исконски, примитивни методи на комуникација, како краток спој меѓу два чипа кои се вон синхронизација.
    Последниот ред ме здрви. Браво...
    (GoodBytes 23 Февруари, 2006 - 00:18 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Фала ГудБај.
    Понекогаш, колку повеќе се обидува да објасни човек - толку понеразбирлив станува. И тогаш, бара нова форма за изразување која би била барем малку поразбирлива.
    (oksimoron 24 Февруари, 2006 - 16:46 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Се фати со двете рачиња на градите и ми рече " сега знам , тета, дека душата живее тука!"...јас не знаев тоа да му го објаснам и трескав глупости... (istok 24 Февруари, 2006 - 18:27 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • а пак дојдовте до муабетот на малиот принц ааааа? и тоа само до првите 3 страни...:)и него никој не му ја виде змијата:( (maliotprinc 25 Февруари, 2006 - 01:16 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Интересна забелешка.
    Првите 3 страни од „Малиот принц“ го определуваат односот на читателот кон самото дело - дали ќе се одбере да се види наизглед очигледната шапка, или ќе се задлабочи помеѓу редовите и ќе се успее така сконцентрирано да се види слонот во стомакот на змијата.
    Денес поголем дел од луѓето ја одбираат првата опција - полесно им е!
    (oksimoron 25 Февруари, 2006 - 19:37 | логирај се за да пишуваш коментари)
  • No comments:

    Post a Comment