Friday, April 04, 2014

Бурлески

Корупцијата во државата ни има класични вредности. Нем филм. Ја гледаме, не ја слушаме. Така барем власта ја објаснува својата неумешност да се справи со неа. Борбата против корупцијата ни била оневозможена поради законот за прислушкување. Тешка артилерија. Требало законски да се прислушкува незаконското. Не како досега незаконски законското. Се е наполно јасно, логично, само законите ни се нејасни, контрадикторни.
Одамна сме влезени во ерата на дигиталните ефекти. Секојдневно ги гледаме во многубројните политички дебати. Тркалезни маси за аглести теми. Технологијата на преживување ни е научна фантастика. Мора да се вселенски параметрите, зашто човечки сигурно не се. Државниот капитал исчезнува во црната дупка државна власт. Коруптивноста напредува, се развива, еволуира во посуптилни форми. А борбата против неа сеуште ни е ретро. Слика без тон. Потребно било да стапи на сила законот за прислушкување, па да можеме да го добиеме звукот на филмот кој со секојдневните нови продоженија добива димензија на сапунска серија. Мене ме интересира кој јазик ќе се употребува тогаш. Дали на распишувачите или на апликантите на тендерите. Сеедно – се навикнавме на повеќејазичност. Но, веројатно за да нема забуни, владата како и досега ќе ги договара со пантомима, а фабрикантите ќе титлуваат. Додека не се изгубеме во преводот.
Во меѓувреме ќе си гледаме бурлески. Тој зема од оној, другиот трча по него, овој се спрепнува но станува, доаѓа полицијата ама ја надмудруваат, како торти летаат изјави и замачкуваат лица очи, па се бришат со ракави а од нив се истураат асови, бркотници од пресови, по некое кутренце случаен херој ........Ех, да беше жив Чарли Чаплин! Имаше допрва да учи нови финти.

п.с. објавено на http://oksimoron.blog.com.mk на 27 Февруари, 2006 - 18:03

No comments:

Post a Comment