Friday, April 04, 2014

Фабричка грешка

Отсекогаш кај нас имало поволна клима за надмудрување. Може за конкретна работа не не бидува, но апстрактноста ни е специјалност. Родени филозофи. Таква ни е почвата. Секојдневно никнуваат нови афери, цутат пропаганди и зреат манипулации. Изобилство од скандали. Плодови кои со својата тежина ги свиваат гранките разумност.
Е, некој се сетил цел тој потенцијал убаво да го преработи. Богатиот род е набран и убаво спакуван. Тегли со слатко од политички маркетинг. Испасирани официјални изјави. Ферментирани неофицијални. Локум пресови. Конзервирани колумни. Зашеќерени гафови во сјајна амбалажа на наивност. Зачинети ТВ дуели (а богами, и труели)..... Пропаганда на кило. Лицемерство на литар. Хипокризија на метар. Погонско производство. Фабрика.
Ораторските, скрибоманските, реторичките, сугестивните и трач вештини на новинарите се новиот пролетаријат во фабриката на политиканството. Фабрика на Владата. А, Владата е на(д) народот. Значи (асоцијативно својство) фабриката е на народот, т.е. ЗА народот (семантика, де). Паролата на комунистичката идеологија станува реалност. Кој вели дека тоа било утопија?! Еве, одлично функционира. За доброто на сите – колективен делириум во сериско производство. Е сега, тоа што народот го резонира како манипулација е фабричка грешка. Конспиративната работа на наведениот пролетаријат не го зема во предвид параметарот за демаскирање. Грешката која никој не ја знае, не е грешка. Станува тоа дури кога некој ќе дознае за неа. Па луѓе сме, грешиме! Ни цела машинерија од потрчковци и полтрони не може да функционира беспрекорно. Некои производи се погрешно етикетирани.
Паметот ни е плиток, но затоа пак глупоста ни е длабока. Но, ќе ја фабрикуваме и неа. Имаме потенцијал за тоа.

п.с. објавено на http://oksimoron.blog.com.mk на 20 Февруари, 2006 - 18:07
Коментари:
  • Ca$per: Е ај стај линк од тепај време и ние ќе ставиме од тебе ок? (tepaj_vreme 20 Февруари, 2006 - 20:36 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Да ама ако ни го постават проблемот...со претставка да се задлабочиме во глупоста....ќе не примрзи и тоа...или ќе си ја крадеме глупоста еден од друг....така да и таа фабрика ќе ни отиде под стечај... (maliotprinc 21 Февруари, 2006 - 23:09 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Марфиево правило
    -„Решението на проблемот ја менува самата природа на проблемот“
    и
    -„Во секој крупен проблем се крие мал проблем кој чека да излезе надвор“
    А, не можеме сите фабрички грешки да ги третираме како проблеми. Некои грешки едноставно си се токму тоа - грешки!
    (oksimoron 21 Февруари, 2006 - 23:20 | логирај се за да пишуваш коментари)
  • No comments:

    Post a Comment