Saturday, April 05, 2014

Живинарска фарма


По три недели двоумење претседателот реши да реагира до ООН за очигледното прекршување на привремената спогодба од страна на Грција. И тие три недели по се изгледа не биле доволни за размислување. Требало да подума уште троа, па да му светне дека таа реакција наместо форма на известување би требало да има форма на барање за престанок на важност на споменатата спогодба. Вака делува како учениче кое крева два прста и вели „ Учителке, може ли да прашам нешто?“, сосем несвесен дека со самото тоа веќе прашува. Си го троши бонусот за прашања на прашање да праша.  Наместо решително, аргументирано да се побара поништување на времената спогодба заради еднострано прекршување на истата од едната инволвирана страна (Грција),  и дека поради тоа повеќе не чувствуваме обврска за понатамошно преговорање и барање „компромиси“, ние....  глумиме дописници известувачи!  Радио Милева јавува.... стоп..... смртно сме ранети...... стоп......... ама, преговарачкиот процес е сеуште жив.... стоп.....  Политичка зомбификација. Анимираме преговори кои Грција ги уби со своето вето.  Мора да сме ептен мазохисти по природа, оти не постои друго рационално објаснување за нашите постапки.
    После самитот на НАТО во Букурешт, после грчкото вето (уште повеќе после нивната најава дека така ќе реагираат и кога ќе стане збор за прием на Македонија во ЕУ), најнормална (и оправдана) реакција од Македонија би била барање за поништување на ПРИвремената спогодба која е генератор на понижувачки дејствија кон нашата земја. Поради стравот од таа реакција, се засили однадвор притисокот врз нашата земја за експресно решение на „спорот“ со името и не опсипаа со „добронамерни“ пораки за изнаоѓање „компромис“ во определен, најкраток можен рок. Обид за дефокусирање и наметнување на чувство на вина.  И ние паѓаме во мрежата, се препелкаме.....Ем уценети, ем дискриминирани и со одземено право за самоопределување..... ама „преговарачкиот процес е жив“! Живи бруки!!! Живинарска фарма! Само пилци имало! А главниот петел, во слободно време кукурига по роденденски забави. Имаме шанса да го пресечеме гордиевиот јазол, но наместо тоа – ние се заплеткуваме уште повеќе. И цивкаме....
    Според анкетите, 75% од граѓаните во Македонија се изјасниле позитивно по однос на прашањето за нашето приклучување кон НАТО.  Мене никој ништо не ме прашал, ама се наоѓам себе си во преостанатите 25%. Не сакам наши војници во туѓи војни. Не сакам вложувања во наоружување, ниту чувствувам потреба од воена заштита. Ама, живееме во демократско општество, а принцип на демократијата е владеење на мнозинството. Согласно тоа, ја почитувам определбата на споменатите 75%.  Но, ако се спроведе анкета за името, верувам дека 98% од истите тие граѓани ќе бидат против негова промена. Затоа, би ги замолила оние 2% кои пишуваат колумни, дебатираат по форуми и гостуваат во ТВ дебати во обид да ја убедат јавноста дека промената на името е неминивна, дека е наше „единствено решение“ (уф, колку ја мразам  оваа перфидна пропаганда) – да го почитуваат мислењето на мнозинството. Оти, како што умеат Грците да кажат дека не постои парламент во Грција кој би прифатил го нашето име, исто така не постои народ во Македонија кој би прифатил друго име.
    Приемот во НАТО не се реализира пролетва, и ако ги продолжиме „преговорите“со Грција (патем, тие и даваат легимитет да гласа против) барајќи „компромис“ за нашето име – никогаш нема ни да бидеме примени. Не како Република Македонија. А јас лично поинаку и не ни сакам. Ни во НАТО ни во ЕУ.
    Во меѓувреме, започнува изборна кампања за предвремените парламентарни избори. Овие вонредни избори имаат тенденција да бидат извонредни. Двете најголеми партии ги кријат предизборните коалициони комбинаторики како змијата нозете. Божем имаат што да кријат. Станува очигледно дека избориве ќе имаат биполарен карактер. + и -.  Едните одат на поголем „+“ другите на помал „-“.

п.с. сега гледам колку наводници има во тестов..... како тргнало, со оглед на наклонетоста (и вештината) за преговори, само да не станеме и држава во наводници....
п.п.с. честити Велигденски празници на сите православни верници.  

п.с. објавено на http://oksimoron.blog.com.mk на 26 Април, 2008 - 18:02

Коментари:
  • Види ја ти неа, каков аналитичар станала.
    Девојчето со најубави нозе.
    (OGI SINKO 26 Април, 2008 - 18:12 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • “Но, ако се спроведе анкета за името, верувам дека 98% од истите тие граѓани ќе бидат против негова промена. Затоа, би ги замолила оние 2% кои пишуваат колумни, дебатираат по форуми и гостуваат во ТВ дебати во обид да ја убедат јавноста дека промената на името е неминивна, дека е наше „единствено решение“ (уф, колку ја мразам оваа перфидна пропаганда) – да го почитуваат мислењето на мнозинството.“
    Ти ми делуваше како умна жена, со здрава логика.
    Како ти се испушти оваа глупост погоре?
    1.ПРИ НЕСПРОВЕДЕН РЕФЕРЕНДУМ
    (не анкета),
    2.ЗАТОА ШТО ТИ ВЕРУВАШ ДЕКА 98% ОД ГЛАСАЧКОТО ТЕЛО
    ЌЕ ДА БИЛО ПРОТИВ ПРОМЕНА НА ИМЕТО,
    3.ЕВЕ ЈАС НА ПРИМЕР, ДА СУМ ГО ПОЧИТУВАЛ МИСЛЕЊЕТО НА МНОЗИНСТВОТО, КОЕ ТИ НА ВАКОВ МИНХАУЗЕНОВСКИ НАЧИН ГО ИСЧЕПКА ОД ЖИВОТО БЛАТО НА ТВОЈАТА ЛОГИКА ПОТЕГНУВАЈЌИ СЕ ЗА СОПСТВЕНИОТ ПЕРЧИН Smiling
    (LupcoBocvarov 26 Април, 2008 - 19:03 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Ogi sinko,
    аналитика и политика.... тешко се комбинираат овие два збора у една реченица кај нас Laughing out loud
    п.с. малерозните хулахопки ги забораваш Smiling
    Lupco Bocvarov,
    реков анкета, зашто ни за НАТО немало референдум,податоците се резултат на анкети. Значи, хипотетички приод. А паралелата е помеѓу тие кои сакаат во НАТО и тие кои не сакаат, наспроти оние кои се за промена на името и оние кои се против Eye-wink
    Ни се допаѓало тоа нас или не, принципите на државотворноста во основ го имаат одлучувањето на мнозинството. Може човек да биде против некои работи, да си делува по свое (се е тоа ок и почитувам), ама кога станува збор за одлуки со кои се засегнати поголем број луѓе - се почитува волјата на мнозинството Smiling
    Ете и ти на пример, за себе можеш да одлучуваш импулсивно (т.е.како ќе ти текне во моментот) кога станува збор лично за тебе, ама ако си во позиција да треба да одлучуваш за многумина други - ќе мораш да ги почитуваш нивните ставови, односно ставовите на најголем дел од нив Eye-wink
    Поздрав и без caps lock молам. Ќе залиптавиш така Smiling
    (oksimoron 26 Април, 2008 - 19:38 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Oksi, се согласувам со тебе со поголем дел од дискусијата. Меѓутоа, тешко е да си живинка у мнозинство фарма Eye-wink
    За малку ќе заборавев да ти го честитам празникот, се најдобро Smiling
    (KLIKER 26 Април, 2008 - 19:58 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • ми се допадна она:
    `не постои народ во Македонија кој би прифатил друго име`
    што се однесува до `единственото решение` можеби не ја разбирам најдобро политиката, но знам со сигурност дека на светов никогаш ништо не е `црно-бело`
    според тоа - не постојат `единствени решенија`
    (виолетова 26 Април, 2008 - 21:21 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Денов денешен не е баш за политика...
    Може Џанго да коментира во вторник?? Eye-wink
    Христос Воскресе!
    (batadjango 26 Април, 2008 - 21:29 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Kliker,
    незнам дали го имаш гледано долгометражниот цртан филм за една живинарска фарма каде пилињата и кокошките сакаа да побегнат учејќи да летаат. На крај сфатија дека неможат да летаат, но беа сложни и изградија летало па сепак побегнаа од машините кои правеа пити од нив Smiling Значи, треба да се утврди што може а што не, да се разгледаат сите опции и да се биде одлучен и истраен Eye-wink
    Благодарам, среќни празници Smiling
    Виолетова,
    токму така мила Smiling
    Никогаш нема само ЕДНО решение. Треба да се прошират хоризонтите и да се опфатат сите аспекти, да се размислува во разни бои и нијанси Eye-wink
    Поздрав Smiling
    batadjango,
    може како не може. Те чекам у вторник со коментар Eye-wink
    Ваистина воскресе Smiling
    (oksimoron 27 Април, 2008 - 11:14 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Опет јас... “Мене никој ништо не ме прашал, ама се наоѓам себе си во преостанатите 25%. Не сакам наши војници во туѓи војни. Не сакам вложувања во наоружување, ниту чувствувам потреба од воена заштита.“ Потребно ни е наоружување и тоа како само... исто така потребна ни е и воена заштита...ама не онаа малце вас заштита многу оружје на другите* Самиот факт на запленето оружје годинава кое го поседувале другите*, а сигурно не било за на свадби и крштевки требе да не дај МОЗОК, дека некој не сака човекови права...дека некој не сака економски напредок...туку тежнее за нешто што пред многу години му го наметнале Итаљаните и Австријците... За НАТО сум од едноставна причина што во статутот на НАТО пишува -Доколку е загрозен територијалниот интегритет и суверенитет на една членка на НАТО, тогаш загрозен е целокупниот суверенитет на организацијата т.н НАТО и целата таа организација и се става на располагање на загрозената членка... а со однос на тоа во какво општествено опкружување живееме и повеќе од потребно ни е тоа. *Другите - ги препознавате кои се :) (Пере 30 Април, 2008 - 08:05 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Политика на пилци
    (Пиле Твое 30 Април, 2008 - 09:58 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Пере,
    Ете, ти се наоѓаш себе си во тие 75% кои даваат подршка за влегување во воени алијанси, наспроти моето мислење. Јас го почитувам тоа, секој има право гласно да си каже што мисли - и јас и ти! А, одлуката се носи според мислењето на поголемиот % од засегнатите со прашањето. Eye-wink
    Против НАТО сум, но сум за влез во ЕУ. Живцира навидум неповрзаната, а во суштина суптилна условеност за интеграција во овие две организации (или групации, сојузи како и да е Eye-wink ). Демек, преку НАТО и во ЕУ.
    Јас лично сум за економски сојузи, а не за воени. Сметам дека нациите треба да се обединуваат и организираат за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, за олеснување на протокот на информации и трговски добра, со создавање услови за напредок на технологијата и економијата преку силата на умот, креативноста и грижата едни за други. А не со создавање на воена опрема за заплашување и заканување со сила. Не со војни. Ние се декларираме како мирољубива земја која никому ништо лошо не мисли и нема никакви територијални претензии кон соседите или кон било кој. Зошто и е воен сојуз на таква земја?!
    Пиле мое,
    видов и коментирав, ама сепак фала што го стави линкот Eye-wink Smiling
    (oksimoron 30 Април, 2008 - 10:48 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Одлично кажано!!. Поздрав (Exhale 30 Април, 2008 - 16:34 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Окси – иако го почитувам твојот анти-НАТО став, неколку работи ... Прво, велиш „Живцира навидум неповрзаната, а во суштина суптилна условеност за интеграција во овие две организации […]. Демек, преку НАТО и во ЕУ.“
    Од каде демек? Јас прв пат слушам на некој условеностa да го живцира и не му е јасна. Секој повлијателен НАТО сојузник постојано труби дека причината зошто западно-балканските земји се форсираат во НАТО, во поголем дел е зашто влез во НАТО е степеникот кој носи во ЕУ. А носи затоа што условите кои НАТО ги налага, се во пошироката рамка, иако не баш исти, сепак многу близу до оние на ЕУ. Баш пред некој ден директорот во Стејт за јужна ЕУ го кажа истото за Албанија. Не глумат тие лудило во однос тоа дека „вчера“ им експлодираа демоните од времето на Хоџа пред нос, и цел магацин оружје ојде у курац – показател дека Албанија е далеку од средена – ама баш затоа се исфорсира у НАТО, да се дојде до некоја стабилност и гаранција, да се даде стимул, пошто и НАТО е џабе ако оваа црна рупа на Балканот не се интегрира во ЕУ. Тоа човекот го кажа гласно. И ај што на неписмениот Грујо и остала банда тоа не им е јасно, ама на нас? И твојот совет е да се прекинат преговори? Најлесно! МОже нам тоа да не ни се допаѓа ама на терен е така за земји ко нашата - сакаш у ЕУ - преку НАТО во 99% од случаите. Ама како ќе остане Грујо на власт ако не се манипулира со тоа, со искази ко „ми радимо, ал се недамо“. И било кој друг.
    Од каде тоа дека преговорите значат промена на име? Уште не ми е јасно. Ако имавме писмени политичари можеше и може да се постигне решение кое не мора да го донесе тоа. Ама во клучни моменти за тоа, ние би у ескапизам, ние би да им кажеме „мрш у пичку матер“. Глумиме демократи и распуштаме Влада –популизам. А народ гута! На што личи политика во која премиерот избезумен што еден од колегите кој се осудил да искаже спротиставен став (Димитров) ко арогатно дете го турка и вели не си играм јас со тебе и го прима Нимиц на маса без главниот посредник? Абе ни се смеат – и НАТО и БАТО и Шпато. И да прекинеме преговори? Зарем мислиш дека гарнитурата која не може да се избори за место под небото по прашања како НАТО и апсурдноста на Грција, е способна да се справи со ситуација на изолација од Евро-атланските структури? Што маѓепсно стапче одеднаш ќе ги допре некој и описмени?
    Не ќе да е оти сме мазохисти, има рационално објаснување–ние сме држава у која Латас е советник на политички лидери. Ние сме држава у која семкарот на улица знае што е добро за државата и тој треба да се праша пошто лидерите немаат муда да пресечат иако се платени за тоа. Епа пиши крстот моментот ко ќе не баталат сите од страна. Се плашам дека тек тогаш, сами со небулозите на нашите лидери ќе се сликаме (т.е. ќе го сликаме Грујо) во рингот на боксерсиот меч со Грција, кој ќе ни служи само за внатрешни глодања – пошто 40% невработеност сигурно е поради името и педерите од „демек“ НАТО. Поздрав
    (kalina 30 Април, 2008 - 17:08 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • тачно кали. (røxy 30 Април, 2008 - 17:16 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Ај Окси не знаела што да прави со себе
    па склепала пост.
    А ти бе Кали?
    Го силувате муабетот како да сте бечлики илимити виенчанки
    (Dedi 30 Април, 2008 - 17:27 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Калина,
    не сите членки на ЕУ се и членки на НАТО. И (уште подалеку од тоа) не сите членки на НАТО се и членки на ЕУ. Значи, за ревенството (или условеност) помеѓу членствата во овие две организации нема издржана аргументација. Само „препорака“ Eye-wink Smiling
    А сличноста на условите кои се бараат за интегрирање во нив е во развојната компонента и постигнување на стандардите кои една држава ја прават демократска и стабилна - одржлива економија, владеење на правото, заштита на културата, почитување на граѓанските права и слободи.... Иначе, има низ услови кои не се „баш исти“, ни „скоро близу“ а се однесуваат на вложување во наоружување (не само од економски туку и од човечки ресурси) и „ставање на располагање на истото“ за потребите на „сојузниците“. Е, тоа се тие „услови“ кои провоцираат. Eye-wink
    „Спорот“ со нашето име започна во ООН, со една апсурдна спогодба која не условува на ВЗАЕМНО ПРИФАТЛИВО решение со оние кои не дискриминираат со тоа што ни го оспоруваат правото за самоопределување (да биде иронијата поголема, токму ООН се залагаат за почитување на тие и слични на нив права). Сиве овие години, нашиот сосед максимално го злоупотребува тој „спор“ за да не негира како нација каде стигне. Токму таа спогодба за „взаемност“ беше алиби за уцените пред самитот во НАТО. Но, накрај(по сите злоупотреби) Грција беше доведена во ситуација самата директно да ја прекрши со ветото. Со тоа се створија услови за ново решение на апсурдниов спор, во наша корист. Проблемот започна и треба да заврши во ООН. Со поништување на времената спогодба. И барање нова резолуција.
    Велиш:
    „Од каде тоа дека преговорите значат промена на име? Уште не ми е јасно. Ако имавме писмени политичари можеше и може да се постигне решение кое не мора да го донесе тоа.“
    Не ми се верува... од каде?!!
    - Од таму што самите преговори се за ПРОМЕНА на нашето име!!!
    Да можеше Грција да го прифати нашето име, да немаше забелешка за тоа што се викаме Република Македонија - ќе немаше ни спор, ни спогодба ни преговори! И, тоа нема врска со писменост , зашто проблемов не е од семантичка природа Eye-wink Smiling
    Затоа сметам дека кога веќе ни се создадоа услови за поништување на спогодбата (не по наша вина), треба да реагираме решително и конечно ставиме крај на целава бесмислена ситуација во која сме толку години. Кога нема да има спогодба, ќе нема ни услов за преговарање а ако успееме да издејствуваме и нова резолуција - Грција ќе мора да ги почитува меѓународните правила и да не прифати како Република Македонија.
    А за % на невработеност целосно се согласувам. Ни треба повеќе работа на економски план. Штета што си ја трошиме енергијата на вакви апсурдни спорови и губиме драгоцено време за дејствување таму каде навистина треба.
    Поздрав Smiling
    рокси,
    шо ма тачно?! Не беше ти за вака - безприговорно согласување.
    Деди,
    Нум се секирај Деди, ја не ја познавам таа состојба на „незнаење што со себе“ Eye-wink Секоаш има што Smiling
    Поздрав
    (oksimoron 30 Април, 2008 - 18:56 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Убаво кажано во збиена форма. И мене тоа многи ми се допаѓа
    како што умеат Грците да кажат дека не постои парламент во Грција кој би прифатил го нашето име, исто така не постои народ во Македонија кој би прифатил друго име.
    Убао е да се чуе тоа на таков начин. Поздрав
    (molika 30 Април, 2008 - 19:15 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Oкси, сеа ти зборуваш за шббкбб, ала пишуваме книга по теорија со наслов: what ought to be, а јас зборувам за what is. Македонија не е другите членки на Еу. Коа ќе го разбеме тоа? Не сме, и односот према нас не е ист, и не важат истите правила. Кому тоа не му е јасно? На сите изгледа. За нас, и западен Балкан ко што реков члентво во НАТО е пат кон ЕУ во 99% од случаите. Тоа јас не го измислив тоа го кажуваат и покажуваат секој божји ден еу и нато лидерите. Не ти се допаѓа - еми ене го Стразбур Smiling
    Преговорите се покренати од проблем со името, но тоа не значи дека се за промена на името! Доста од потпалувачките слогани жити се. Преговори не значи дека ќе завршат со било каков резултат, а не мора да значи дека ќе завршат со даден. Тоа е ко да кажеш судење за криминал (пошто у судница те донеле затоа што не се согласуваат со твојот исказ дека си невин) значи дека дефинитивно ќе те осудат и дека си крив. Да, ако имаш глупи адвокати може и да те наместат, а и сам да се наместиш ако си неписмен - не семантички, туку правно! А во случајот мојата прибелешка во однос неписменост се однесува на дипломатска. Тотално неписмен кадар води дипломатија во државата.
    „Грција ќе мора да ги почитува меѓународните правила и да не признае со Р. Македонија“ - извини Окси, то ти мене ме зезаш или себе? Кој вишвул тхинкинг аргумент еј - практично безполезен. Ништо не мора во политиката - како што до сега се покажа. Да мораше Грција било што немаше ни сега да си имаме проблем. Зaтоа јас велам преку од како треба, како господ гледа, како правдата е на наша страна - од таква неписменост во однос дипломатија и политика сме таму кај што сме. Не газат, не од кога го наметнаа проблемот - си ќутеа 15 години додека ние исто така пасивно си мислевме дека „Грција ќе мора да се соочи со фактите“ и бам у завршница на меч не кантаат како мали деца кои се' уште учат да чекорат во дипломатски води. Не е штета што си ја трошиме енергијата на вакви спорови, штета е што „лошото ни“ го бараме во вакви спорови. Демек воениот дел на НАТО нам некоја штета ќе ни напраи, поголема од добивката – бре – а 10 години војници даваме на лизинг и на НАТО и на ЕУ и на ОН, иако ништо назад не добивме и никој ни да гукне, сега, кога Грујо го кантаат – оп од еднаш тоа проблем – демек боље без тоа. Дајте малку аналитично – реално, не Господ е голем. Не е, не кога станува збор за политика. Ал, виј, шансите да се оствари твоето посакувано сценарио во моментот се каде каде поголеми од моето, така што искрено се надевам дека исходот од истото ќе биде оној кој ти мислиш дека ќе биде, а не мојот – иако се сомневам. Ама ете, држам палци, пошто друго не ми останало Smiling
    (kalina 30 Април, 2008 - 20:15 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Ако ЕУ и НАТО лидерите кажат...
    - За успешно да се интегрирате во ЕУ/НАТО потребно е денес пола од машката популација да изврши групно самоубиство, а пола од женската да ја депортирате кај нас во банките за чување на свежи човечки органи за трансплатација.
    ...ние мора да ги послушаме, нели?
    (Бунка 30 Април, 2008 - 20:27 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Првооделенески споредби. Ако Грујо каже спасот ни е скокање у Вардар, ќе скокнете? Муабети! Они не кажуваат експлицитно, тоа се некои норми кои се воспоставиле низ пракса како правила, ако некој не сака да оди по нив, требало пред две децении таа одлука да ја донесе, не сега, кога го боксуваат па се теши. (ех1 30 Април, 2008 - 21:02 |логирај се за да пишуваш коментари)

  • Фако оф бре и ти и Грујо!
    Фак оф со таквите нелогирани флексографски етикетирачки мозоци. Фак оф со демагогијата за воспоставен норми. Единствената воспоставена норма која функционира е интересот, се друго е Фак оф флоскула. Значи накратко би било: Фак оф со сатанизирањето поради политичка определба, значи пак ФАК ОФ! Smiling
    Бар да се логираше тогаш немаше да ти кажам: Фак оф. Smiling
    (Бунка 30 Април, 2008 - 21:09 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Калина,
    велиш
    „...Македонија не е другите членки на Еу. (...) Не сме, и односот према нас не е ист, и не важат истите правила...“
    значи, според ова што го напиша, советуваш да прифатеме дека сме нееднакви и дека дикриминаторскиот однос сме си го заслужиле, па да подвиткаме опашка и да бидеме тоа што ќе ни речат дека сме, што и да е тоа.....
    Ако сакаме да бидеме (и имаме третман) како „другите“ членки на ЕУ (затоа аплициравме, нели)- треба да се почитуваме себе си. Зашто, другите се однесуваат со тебе онака како што самата ќе им дозволиш.
    А до ова дереџе стигнавме со перцепцијата дека „...Преговори не значи дека ќе завршат со било каков резултат, а не мора да значи дека ќе завршат со даден....“ Колку слатко SmilingСигурно така си мислел и Глигоров кога ја прифатил спогодбата. Eye-wink И така, ние 15 години си „преговараме“, као ги „зезаме“ Грците, ги „фаќаме на кондиција“, онака за занимација без идеја за резултат мислејќи дека тие „преговори“ никогаш немораат да завршат. Е па, сеа кога ни дојде таа „преговарачка тактика„ ко испит по дидактика... паднавме! И уште не ни се верува дека е така. Дури, упорно се обидуваме да ги продолжиме „преговорите“, т.е. бараме реми - сеа Грците малце да не зезаат (ама, види - нивново не е у наводници! Sad ).
    И, не те зезам, ма! Ама ич! Види што убаво кажуваш - „...Ништо не мора во политиката - како што до сега се покажа....“ Па додаваш - „...Да мораше Грција било што немаше ни сега да си имаме проблем....“ Види како убаво ги разбираш ти правата и обврските кога станува збор за другите ! Браво! Smiling Smiling Smiling Со вакви адвокати немаме потреба од обвинител Smiling А ниту од судија..... осудени сме на самите себе....
    И, не станува збор ниту за Груевски, ниту за било кој политичар (престани со партиската конотација, макар и саркастично), станува збор за името на нашата држава која ќе остане Македонија и после Груевски, Црвенковски, Шеќеринска .....сеедно кој следен!
    Држи ги палците, ќе биде се ок
    Поздрав
    (oksimoron 30 Април, 2008 - 22:10 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Се слажам д НАТО-ЕУ нема врска: тоа е подлажување за да полесно се согласиш да те водат како овца.
    Се слажам меѓутоа и д прекин на преговори е погрешна постапка, зашто МК нема подобра алтернатива од преговори (иако нема способни преговарачи). Многу луѓе не сфаќаат д продолжување преговори е сосема различна работа од давање неприфатливи концесии...
    О не, Окси во последниот пост исмејувала точно тоа што го напишав...
    Тој твој однос е резултат на голем пропуст во општо образование (кај нас исто како во светот, тука не сме поглупи).
    ‘‘станува збор за името на нашата држава која ќе остане Македонија‘‘
    Пет пари не давам за „нашата држава“
    Од таа вера во држава не ги согледувате длабоките проблеми на нејзиното одржување во егзистенција. Држава не е награда, не е светиња, туку инструмент за човечки потреби (во нашиот случај многу често само на ниво на потенцијал).
    Сакав да речам во Интернет Експлорер не се читаше добро блог постот (десната маргина беше покриена) па морав да го пренесам у Ворд.
    (Ajax 30 Април, 2008 - 22:44 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Окси, што фино ги интерпретираш аргументите како што ти одговара. За поздрав е тоа SmilingИскрено! Македонија не е исто со другите членки на ЕУ, мислев на оние членки на Еу кои ти погоре ги зема за пример – членките кои не се членки на НАТО. Со тие членки не само Македонија, туку реков, цел западен Балкан, а богами и екс СССР републики не се исто, и немаат ист третман, но не, не затоа што се дискриминирани! Некој овде не е реален во однос на она кој е и што е во политичката бара во светот, а тој некој се ми се чини дека не сум јас . туку зашто Македонија и остало друштво, се далеку од земјите на ЕУ кои не се членки на НАТО, и според економија, и по геополитичка стабилност, и по политички интегритет, а да не зборувам по стапка на образование, и остали елементи, а најповеќе по важноста за остатокот. Да се вели, што и фали на Швајцарија и како таа е ок за ЕУ а не Македонија, е да се игнорира која е што била Швајцарија ко влегла у ЕУ, што сме ние? Кои се тие денес, кои сме ние. Тоа не е дискриминација, тоа се некои основни стандарди кои кога земјите не ги задоволуваат, им се ставаат мерни едицини, т.е. препреки кои откако ќе ги поминат, и задоволат, како фини џаци може да почнат да размислуваат за ЕУ. Нато е еден од тие стандарди, непишано правило, но практично поставено ко такво. Оттука и една Унгарија, и една Чешка, и една Словенија, значи оние ЕУ членки малку поблиски до нас, отколку Швајцарии и Франции прво одеа преку НАТО. Не сме само ние, кутри (почнавме да звучиме ко Србите) кои ги дискриминираат. Ние само не ја разбираме политиката на светот (да, оти сме неписмени)и упорно одбиваме да играме по нејзините правила, а цвикаме зошто не ни оди ништо од рака. Не, не сме дискриминирани, само малку сме нереални во однос друшвото во кое припаѓаме и каде реално можеме да бидеме. 15 години не преговараме, 15 години си го држиме во рака, можеме да плукаме под Глигоров, реално еден ден ќе плачеме. Јас разбирам како оди политиката во светот да, и ги разбирам не правата и обврските на Грција – правата и обврските се за џаците кои даваат поздрав под знамето секое сабајле, за останатите борбата – борбата во тие меѓународни институции, со аргументи, и лобирања и другарства, нешто во кое Грција не клоца и на кратки и на долги стази, додека ние кутри и дискриминирани секогаш имаме кривец за нашата неспособност.
    Груевски ми е синоним за секој еден наш политичар, како сака нека се вика, така и треба да се разбере, не политизирам јас ништо, само некој не умее подалеку од политизација да чита. И да, државата е поважна, затоа вакви глупи аргументи, импулсивни патриотски изливи и фраерлук ми се се” само не додржана анализа. Пости ама политичка анализа која не ја знае разликата помеѓу статусот на старите членки на Еу и Македонија е далеку од јака – пошто основната разлика не се прави - а тоа е дека ЕУ и НАТО не се „сите сте фини и еднакви и сите ве сакаме“ тип на организација како ОН. ЕУ и НАТО се елитни друштва, кои не се право туку привилегија, за нив се купува карта – ко во оние баровите по аеродромите. Да се зборува за меѓународни права и одговорности и слично во однос нив и на нив да се повикува во однос нечија заслужност за влез е нонсенс, за секој кој разбира како истите функционираат. А тоа се покажа и со шамарот кој го доживеавме. Иако се' индицираше дека ќе се попие, нас некој не убедуваше дека „правдата“ е на наша страна и цела ЕУ сосе Буш! Пффф.Ај шо си го држат у рака со години, ама и сами се лажат. Инаку, знам, знам дека сите сте најголеми патриоти со Македонија во срцето, не мора да докажувате, држете се до темата, во која јас мојот допринос тука го завршувам.
    Поздрави!
    (kalina 1 Мај, 2008 - 02:14 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • molika,
    мило ми е што ти се допаѓа збиената форма. Во суштина нештата се многу едноставни и можат да се кажат со многу малку зборови, да не е нашата „вештина“ за комплицирање....
    Поздрав Smiling
    Бунка,
    не се нервозирај мило, слушај што ти кажуваат другите и биди умен Sticking out tongue Laughing out loud
    Ма, и да се логираше - пак ќе и речеше „Фак оф“, признај Eye-wink Smiling
    Ајах,
    Претпоставувам дека ИД-то ти е инспирирано од фудбалскиот тим а не од средствата за чистење, ама сепак, по ова твоево:
    „...Пет пари не давам за „нашата држава“...“
    сал би ти рекла - ја пет пари не давам за Ајах, си користам Доместос Sticking out tongue Laughing out loud Smiling
    Калина,
    ти си многу паметна девојка и ми се допаѓаш поради тоа Smiling Ама, не можам да го разберам твоето инсистирање за продолжување на процес кој 15 години не сопнува на меѓународен план. Далеку сме ние од многу земји по многу нешта мила моја, ама и ти си далеку од Македонија веќе одамна. Очигледно таа далечина повеќе не е само физичка.....
    Во циничното посочување дека - „... ЕУ и НАТО не се „сите сте фини и еднакви и сите ве сакаме“ тип на организација како ОН...“ и самата имаш проблесок па (можеби несакајќи) „погодуваш“ дека ние сме (речиси)„еднакви“ со Грција единствено во ООН (на политички план). Затоа, таму и треба да се делува. Проблемот со нашата „нееднаквост“ започна во ООН со „креирањето“ на привремената спогодба и треба да заврши таму - со поништување на истата Eye-wink
    Споредбите со Милошевиќ ти се баш она „нон сенс“ на кое се повикуваш во обид за квалификација на мислења кои се различни од твоето. Низок удар за декларирани високи цели. Разочаруваш. Sad
    Затоа драга моја, продолжи со разбирањето на политиките во светот и остави за Македонија да се грижат оние кои останале да живеат во неа (без навреда) Eye-wink Smiling
    Поздрав и се најубаво, гушки од мене Smiling
    (oksimoron 1 Мај, 2008 - 11:27 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Окси –
    Прво, далеку сум од паметна девојка, ама и мама така ми дели комплименти, па фала ти.
    Малку ми е дегунтантeн заклучокот дека јас деградирам мислење кое поразлично од моето со тоа што велам „почнавме да звучиме ко Србите“. Тоа се однесува на сите, па и на мене. Дека звучиме ко Србија е факт, кој за чудо го опишуваат и луѓе во МКД. И тоа не е резултат на памет или не, географска присутност или не, тоа е резултат на политичките текови во кои иако некој не сака да верува, најголем удел имаме ние. Не може никој да очекува нешто поразлично, ама тоа треба да се промени.
    Твојот пост е Македонија во однос политиката на светот. Не знам како тоа влијае на кој треба да дискутира и се грижи за истата. Јас последен пат кога проверив, луѓето не патуваа 10 дена до Америка, ниту се праќаа писма еднаш на 2 години, така што ако локацијата е мерило за нечие разбирање и делување, тогаш живееме во различен свет, дури и кога сум во Македонија, а сум многу повеќе по разбирањето и пратењето на ситуацијата, од некои на кои газот им е постојано таму(без навреда). Не сакам да верувам дека толку многу, физички присутни, не можат да се грижат за Македонија, оти има многу во МКД кои го делат моето мислење, а тоа би било поразително.
    Во секој случај симпатично. Со Грција не сме еднакви, ни во ОН, ама повторно, не оти некој не' дискриминира, туку оти се' уште не сме се избориле за тоа. Ал немам намера да разглабам. Тој аргумент за „не си тука, не знаеш“ е толку стар, да веќе и мувла фати, така што не ме допира никако, сем вицкасто, кога ќе изостанат другите аргументи. Далеку од тоа да има капацитет да ме навреди - премногу е стандард. Smiling
    Ама нема веза. Јас немам проблем со подруго мислење, но ако ти имаш изгледа, со оглед на тоа дека поразличното мислење го отпиша на начин на кој го отпиша, јас немам простор повеќе за дискусија, не дека мислев оти го имав и на самиот почеток, барем не на овој медиум. Лимитираноста на истиот одамна ми е позната, ама ете морав и една малку подруга перспектива, со малку подруги факти, за атер на еден публикум кој е во мојата имагинација Smiling
    ПОздрав, од физичката далечната :)Гушките почувај ги, за ко ќе бидам поблиску, кога во недостаток на алатки за депласирање ќе бидат пореални, а мене подраги Smiling
    (kalina 1 Мај, 2008 - 14:20 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • ОК Smiling
    (oksimoron 1 Мај, 2008 - 17:12 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Јас пак право да ти кажам не сум за во ЕУ, не сеуште!!! не сме подготвени за таму...доколку влезиме за 4 год економијата ќе ни доживее катастрофа, најкорисно според мене би било да ги искористиме 200% предпристапните фондови на ЕУ и да не се залажуваме дека со влезот во ЕУ мед и млеко ќе потече. Благосостојбата можеме да си јанаправиме и сами !!! единствено што треба е на футељите да седат луѓе кои и мислат добро на државава а не лопови...се гледа се осеќа дека нешто тргнува напред, искрено му верувам на Груевски и Ставревски ... пред се Ставревски имам мнооогу добри работи прочитано занего (не од македонски медиуми), (одма да се изјаснам како напартиец да не дојде до забуна). Доколку се тргне визниот режим да може македончето слободно да патува да скучува бизнис зделки да заработи надвор и капиталот да го вложи во МК ќе си нашравиме благосостојба не ни треба ЕУ. Македонија има СЕ што е потребно за да е РАЈ на земјава... Нато како сојус, унија, друштво ни треба не за да имаме некакви територијални претензии или да бидеме окупационна сила, ни треба за заштита, а нато покрај воената машинерија, во мирнодопски времиња е нешто како и ЕУ со намалени ингеренции нормално врз посебната економска политика на секоја од земјите. (Пере 3 Мај, 2008 - 09:12 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Пере,
    ти си за во НАТО а не си за во ЕУ ( а баш таму си сеа, кај шо не сакаш Sticking out tongue Laughing out loud ). Значи, имаме дијаметрално различни ставови (пу-пу, ко да не си ми внуче, бре)
    Ама, многу ми се бендиса ова:
    „...да не се залажуваме дека со влезот во ЕУ мед и млеко ќе потече. Благосостојбата можеме да си ја направиме и сами !!! ...“
    Поздрав и те чекам на муабет кога ќе се вратиш Eye-wink Smiling
    (oksimoron 4 Мај, 2008 - 22:23 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Грешка во толкување ...јас не сум за влез во ЕУ, НЕ СЕУШТЕ :) Платите во ЕУ се 10пати поголеми од тие во Македонија а цените на продуктите се 2 пати (во просек)поголеми... НЕМАМЕ економија за во ЕУ, НЕ СЕУШТЕ.... после 4-5 год статистички гледано со раст на БНП од мин 6% годишно ќе стигнеме до некое ниво на(пример)Португалија која е една од најсиромашните држави во ЕУ ... и тогаш јас ќе бидам за членство во ЕУ сега за сега 200% искористување на предпристапните фондови на ЕУ (за жал ко што следам го немаме ни тој капацитет) (Пере 12 Мај, 2008 - 22:12 | логирај се за да пишуваш коментари)
  • No comments:

    Post a Comment