Saturday, April 05, 2014

Божествена комедија


Пекол
Деновиве, имаме пеколни горештини. Температури од над 40 степени. Ај што се вариме живи на пареа и мораме да функционираме со поховани мозоци, туку некои луди пиромани решиле да направат и скара од нас. Горат шумите во Македонија. Ма, цела држава е во пламен и чад. Како да сме во пекол. Или, ко да минуваме низ него. Низ сите девет круга. Не дека немаме, си имаме ние и некрстени, прељубници, алчни, циции и расипници, бесни, неверници, насилници, лицемери, предавници.... претставници од сите кругови на пеколот што го опишал Данте. Но, тој го имаше крај себе Вергилиј да го води. Беше ко турист. А ние сме сами. И, пламенот не е метафоричен. Кај нас навистина гори.
Чистилиште
Политичката сцена ни стана место каде се чистиме од гревовите. Сите оние кои го спознале својот грев и го прифатиле како таков т.е. признале дека се грешници, минуваат одтука. Низ седумте кругови: мулти-култи, демократија, толеранција, преговори и договори, соживот, уставни промени и меѓународни препораки. Еве, денес на вонредната седница на Парламентарното собрание имавме генерално чистење. Се изрибаа прописно. Ма, права сапуница. Со меури и стаклени отсјаи во нив. Блес(к)авост на ниво. Паднаа сите р‘ѓи од тенденциозни манипулации и шпекулации. Дури, некој спомена да се направи акционен план и да се воведе редовно неделно бањање. Ќе светиме до просветленост. А потоа ќе летаме кон небото. Ќе ни пее Каролина – „Ајде да летаме, не плаши се....погледни ме, ова не сум јас......“
Рај
Пред извесен период во дневните весници читав за Бизнис Ангелите кои ќе долетаат во Македонија. Брееј, мајката! Значи, оној слоганот „Рај за инвестирање“ не бил случаен. Сериозна била работата. Одиме натаму, чекор по чекор. Ете, и ангели ќе дојдат. Не било какви, туку бизнис ангели. Модерни времиња, де... денес се е бизнис... па и ангелите, еве. Македонија е библиска земја, нели?! Јас дури мислам, дека ако малку пообемно се истражува, ќе се открие дека и Адам бил Македонец. Ништо чудно. Еве, да ги земеме за пример милиот ни претседател на државата и лидерката на една партија, која очигледно е создадена од неговото ребро. Сите ги трпиме последиците од нивното кинење зелени. Јаболка, де. Башка, куп Авели и Каини се изродија во истата таа партија. Премногу поклопувања има. Очигледно е дека имаме основано сомнение за испитување на оваа теорија. Ама не сега. Другпат. Стоиме предолго пред вратите на рајот, и немаме поим дали сме изгонети од него поради зелените на двајцава посочени, или чекаме прием. Лесно му било на Данте, ја имал Беатриче да му подаде рака. Ние мора сами да се гребеме.

п.с. објавено на http://oksimoron.blog.com.mk на 23 Јули, 2007 - 23:40

Коментари:
  • Не знам колку му било лесно на Данте. Ама денес, со истото тоа однесување, ако не в затвор, би завршил јаболкуван од страна на вознемирените и правични сограѓани! Smiling
    Демек, за прв пат бил толку силно восхитен на приватна гозба во месецот на љубовта, во прекрасната Фиренца, 1274 година.
    А таа, која ја љубел и му го испила мозокот, си свиркала, си мафтала со ноџињата, го плазела јазикот, а колениците и биле зелени од влечењето по тревата. Сепак, нема ништо лошо во ваквото однесување на едно девет годишно девојче.
    (Dozgulpmus 24 Јули, 2007 - 11:57 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Да, ама затоа во последниот круг се предавниците.
    Тие што ги палат шумите се предавници, затоа што ги уништуваат националните богатства.
    .. е тоа што државава не ја чувствуваат како своја, не знам што да праиме..
    (tomba 24 Јули, 2007 - 12:12 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Dozgulpmus,
    со оглед на тоа што во биографските податоци на Данте пишува дека е роден 1265 година, на гозбата спомената во твојот коментар и самиот имал 9 години. Eye-wink
    Беатриче била негова врсничка, која починала од тешка болест, и била негова детска љубов која никогаш не ја заборавил. Дури, кога покасно се оженил, една од своите ќерки ја крстил по неа. Smiling
    Томба,
    толку многу пожари истовремено на разни локации низ државава оставаат простор за сомнеж дека станува збор за организирано пироманство. Дали тоа некој намерно сака да создаде криза, хаос и паника? И со која цел?!
    Ние секогаш страдаме од предавници . Деветокругаши Sad
    (oksimoron 24 Јули, 2007 - 17:46 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Ме откри! Smiling
    Данте го одбегна мачното јаболкување, а јас го предизвикав кон себе.
    ВАЖНО:
    Утре на плоштадот Македонија точно на пладне, во зенитот на "гласот на Африка", Дозгулпмус ќе биде јавно јаболкувам од сите кои за тоа ќе изразат желба и во моментот ќе бидат присутни. Вашата креативност при јаболкувањето ќе биде оценувана од седумчлено жири, а фрлачот на убиственото јаболко ќе биде награден со главната награда - "изненадувањето на денот!"
    Среќно, и се гледаме! (Бидете немилосрдни!)
    (Dozgulpmus 24 Јули, 2007 - 20:33 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Како и секојпат најубаво пишуваш вакви ангажирани текстови ... поздрав... во која се играш со асоциации
    (волан 25 Јули, 2007 - 00:13 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Dozgulpmus,
    нека фрли јаболка прв оној кој досега не скинал ниедна зелена Eye-wink
    Верувај, ќе се изначекате и ти и жирито на афричкото сонце без да успеете да ја доделите наградата Smiling
    Волан,
    ангажирани текстови?!
    хм... ова е многу двосмислено, на повидок е недоразбирање.... морам да демантирам. Smiling
    Никој мене не ме ангажира за да пишувам текстови.
    Иначе, фала за комплиментите, поздрав и до тебе Smiling
    (oksimoron 25 Јули, 2007 - 17:10 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Dozgulpmus е жив!Smiling
    (Dozgulpmus 31 Јули, 2007 - 11:48 | логирај се за да пишуваш коментари)
  • No comments:

    Post a Comment