Friday, April 04, 2014

Лифт


Живееме во урбани времиња. Со урбани навики. Конструиран свет. Во сите сегменти. Да го замислеме и љубовниот живот како конструкција. Зграда. Има повеќе катови. Има фасада. И станари. Веројатно и куќен ред.
Некогаш одамна се качувавме по скалилата во таа зграда. Чекор по чекор. Кат по кат. Не беше лесно, потребен беше труд, но имаше кондиција на емоциите. Со тек на време, времето стана тековно. Скапо. Секоја заштеда на време стана сметка за брза добивка. Бесмислено стана губењето на време за качување по скали. Чиста загуба. Почнавме да користеме лифт. Влегуваш и – оп! На кој сакаш кат на тој си. Без губење време, без напор. Леснотија и за гостите и за домаќините. Брзи доаѓања и брзи заминувања. Лифтот стана врска без обврска. Изгубија смисол катовите. А и трудот.
Кога ќе се најдеш во лифт со погрешна личност, која вешто манипулира со командната табла на истиот.... губиш ориентација за насоката за движење. Чувствуваш дека се движиш, но немаш претстава дали одиш нагре или надоле. Си тргнал кон кровот за да ги нахраниш гулабите со восхит, а стигнуваш во подрумот на емоциите. Таму, каде си ги закопал во прав спомените. Ниски страсти ко стаорци ти ги гризат мислите. Погрешен излез, помислуваш. Влегуваш повторно во истиот лифт, но овојпат заглавуваш меѓу катови. Помеѓу сакањето и посакувањето. Не можеш да одлучиш кој кат го сакаш, низ кој отвор да се протнеш. Знаеш само дека не тргна натаму. Ама, заглави таму.
Стоиш на работ од двоумењето, како на сечило. Во неговиот отсјај одблеснува иронијата на изборот за скратени процедури. Олеснителните елементи на модерното време кое бара брзо движење без многу труд. Полесниот пат станува потежок. Се запрашуваш ли тогаш... зошто не ги избра старите, добри, можеби напорни но, сепак, сигурни скалила?!



п.с. објавено на http://oksimoron.blog.com.mk на 18 Март, 2007 - 22:22

Коментари:
  • Дали Лифт е урбана навика?:) Си се побркала малку... (Шанкуре Блог 18 Март, 2007 - 23:32 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Elevator Love Letter :) Лифт или скали, секогаш зависи од можност и потреба. Ако паднеш од скали, ретко ќе најдеш некој да обвиниш. Освен ако те турнат. (Ref 19 Март, 2007 - 01:01 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • пробај нешто од Соломон..
    пресели се на приземје..
    или..
    батали го она..
    живеј брзо..
    (mkhere 19 Март, 2007 - 01:10 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Лифтот е само превозно средство. Ако знаеш и си сигурна кај сакаш да те однесе, ќе стигнеш. Најчесто побрзо од колку да одиш по скали. Скалите уморуваат. Несакам да ја изгубам силата кога ќе се качам највисоко. Вреди да се ризикува. Ретко наидуваат погрешни личности.
    Се надевам дека утрово гулабите ќе се гостат од твоите дланки Smiling
    (seelenluft 19 Март, 2007 - 01:55 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • знам да упаднам у лифт, прија некад Sticking out tongue
    ама нема послатко од она, скала по скала...
    (istok 19 Март, 2007 - 02:56 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Шанкуре,
    побркувањата се секогаш возможни,де Smiling
    Инаку, урбаноста ми е во однос на повеќекатната конструкција, а лифтот... лифтот е само начин на движење помеѓу катовите Eye-wink
    ----------------------------
    Реф,
    точно така, секој со својата одговорност. Башка, со скалите добиваш и на кондиција Eye-wink
    И... имаш ли забележано дека излезот во случај на опасност секогаш води до скали?! Smiling
    ----------------------------
    mkhere,
    на приземје си секоаш прв на удар,де Smiling
    Поткровјето е некако... поромантично...
    а романтиката не сака брзање Eye-wink
    ----------------------------
    selenluft,
    да, превозно средство, или начин за движење низ спратовите. Секој самиот избира како ќе стигне. И до кој спрат. А, уморувањето е од недостаток на кондиција т.е. почесто користење на полесниот начин.
    Погрешните личности се ретки, но доволна е една да направи штета и да се најдеш во лавиринтот на недовербата Eye-wink
    ---------------------------
    исток,
    кажи им, душо,кажи им... секогаш е послатко кога ќе се вложи труд Smiling
    скала по скала, чекор по чекор, кат по кат Eye-wink
    (oksimoron 19 Март, 2007 - 07:49 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Колку побрзо се качува човек нагоре, толку побрзо се паѓа надоле.... Eye-wink
    Убаво е ова правило... Smiling
    Има тежина, голема вистина во позадина.
    Поздрав Smiling
    (Natka 19 Март, 2007 - 09:22 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • a што ќе правиме со клаустофобичните?
    тие што не можат да се качат во лифт?
    (iacovibus 19 Март, 2007 - 12:26 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Натка,
    со лифтот се оди горе-доле, а всушност се стои у место. Губат значење висината и нискоста. А метафората со лифтот за врските и обвските, и пред се трудот кој го вложуваме во нив, е баш поради значењето на истите Eye-wink
    Поздрав Smiling
    -------------------------------
    iacovibus,
    чудна работа е тоа што во една студија клаустрофобичарите се наведени како многу принципиелни личности, со цврсти лични ставови. Ма, нема врска ова со постов и темава, ама ме потсети твојот коментар Smiling
    Изгледа клаустрофобичните по дифолт се предодредени да не влегуваат во стапици - не за друго, туку поради неподнесувањето на тесниот, затворен простор Eye-wink
    (oksimoron 19 Март, 2007 - 17:44 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Јас отсекогаш сум ги сакал оние...ескалатори мислам ги викаа...подвижни скали...ко во ГТЦ. Одиш нагоре, па надоле, нагоре, надоле, нагоре... Smiling
    (Бунка 19 Март, 2007 - 20:19 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Евреите се доказ за успешност на планетава. Секогаш одбирај го патот кој најмногу ќе ти носи профит, никогаш не ризикувај. (AlexOFMacedon 19 Март, 2007 - 20:40 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Хахах, коментарот со 100 катницата??? ТРГНИ ПЕШКИ Smiling
    Со суперсонична брзина на полжав!
    (dark Lord 25 Март, 2007 - 13:56 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Ама оние ескалатори ко у Рамстор шо се, аутоматик! Smiling
    (dr. Max 26 Март, 2007 - 23:36 | логирај се за да пишуваш коментари)
  • No comments:

    Post a Comment