Friday, April 04, 2014

Коалиционен дискурс

Во предизборниот период се исцртуваат контурите на постизборниот. Тоа секогаш се бледи, нејасни контури. Замачкани од изборната програма, т.е. платформата за идно политичко делување на секоја партија поединечно.Се користат сите можни пропагандни техники за заведување на електоратот дека понудената програма е најдобра. Сосем исти техники за сосем различни програми. Ме интересира кое е значењето на една изборна програма понудена во предизборните еуфорични настапи, кога ќе дојде периодот на постизборните коалициски турбуленции?!
Веќе видовме во 2002 година кога тогашната опозициона СДСМ како постулат за својата изборна кампања го користеше воениот конфликт и манипулираше со причините за истиот, а после изборите формира влада токму со главните протагонисти во посочениот конфликт. Иако предизборно негираше, постизборно коалицираше. Се покажа дека гласањето за коалицијата ЗА Македонија всушност е гласање за терористите кои беа ПРОТИВ Македонија. Но бидна што бидна. Секое чудо за три дена. Кај нас малку подолго траат чудата, ама...чудесни сме по природа, изгледа затоа. Чудесно измислени. Во истата предизборна кампања се ветуваа вработувања по еден од семејство, се ветуваа намалувања на сметките за телефон и струја, економски бум, се ветуваше земање на судбината во свои раце - за после изборите да се соочиме со масовни отпуштања од работа и драстично зголемување на цените. Ни ја плеснаа судбината во лице. Со рака. Шамар. Ова колку да се потсетиме. Што било - поминало. Назад нема. Традиционалното оро ни е три напред, две назад. Да почитуваме традиција, де. Три пред избори, две после. Сал ме интересира, во контекст на програмите, која ли беше заедничката платформа во предизборните програми на СДСМ и ДУИ која ги обедини во постизборна коалиција?! Дал запирките или извичниците? Ма, знам - прашалниците се виновни! Оние, од кои останаа само точките ...
Следниве избори во многу нешта ќе бидат поразлични од досегашните. Ја нема досегашната поларизираност на политичките партии. Се разредуваат идеите кон екваторот, т.е. центарот. Се расцепкаа Арктикот и Антарктикот. Се креира сосем нова политичка мапа. Атлантидите потонаа во морето неисполнети ветувања. Се формира цел архипелаг од нови политички идеи и програми. Се бара сега цврсто тло. Но колку цврсто може да биде тоа ако е формација од повеќе привидно зближени острови? Предизборните програми ветуваат богата флора и фауна. А постизборно обично добиваме мутација од ноеви, хиени, отровни габи и планктони. И по некој полжав со раскошна куќа на плеќите. Сето тоа како резултат на коалициските вулкански ерупции, цунами и земјотреси. Елементарна непогода од спротивставени програми и идеологии. Тектонски поместувања на сите предизборни ветувања. За да биде комплетен атласот на оваа изборна географија не е доволно да се излезе само со изборна програма. Климатските услови се определени од коалиционите комбинаторики.
За да ја одберам мојата дестинација во следниов изборен циклус, барам прецизно дефинирани климатски услови. Барам изјаснување за постизборните коалиции. Зашто програмата на секоја партија е подложна на промени под влијанието на коалиционите програми. Не сакам да се лебдеам во вакуумот на нивно усогласување. Отстапките, толеранцијата и компромисите во име на одржливоста на коалициите се тие чекори назад со кои тапкаме во место. Дајте, нека ги изложат сите партии плановите за постизборното коалицирање вака предизборно и нека си ги усогласат изборните програми со време. Додека има време.


п.с. објавено на http://oksimoron.blog.com.mk на 29 Март, 2006 - 23:10

Коментари:
  • Дајте, нека ги изложат сите партии плановите за постизборното коалицирање вака предизборно
    Дали змијата ги покажува нозете? Eye-wink
    (GoodBytes 30 Март, 2006 - 22:33 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • А бе, еве Тито Петковски си ги подаде нозете со изјавата дека ако имал исти политички ставиви со СДСМ, не би излегувал од таа партија и дека неговите ставови се многу поблиски до оние на ВМРО-ДПМНЕ. Навестува ли со тоа став за постизборно коалицирање?
    Од друга страна, и Лилјана Поповска на промоцијата на изборната програма даде изјава дека ДОМ е опозициона партија и иако ќе настапи самостојно на изборите, останува можноста за постизборна коалиција со други опозициони партии.
    Се формира ли уште сега, вака предизборно, составот на постизборната коалиција која ќе креира нова влада?
    (oksimoron 31 Март, 2006 - 10:57 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Овие изјави се повеќе предизборно кокетирање со партиите и со гласачите, со што политичарите си оставаат повеќе опции отворени. Не мора да значи дека овие пробни балони ќе се претворат во коалиции.
    Критично за гласачите е да ја избираат политичката платформа која е најблиска со нивната идеолошка ориентација, или со нивната положба во општеството, односно со нивните желби и потреби. Јас би бил задоволен ако пронајдам партија која барем на подолги патеки има изгледи да имплементира општество какво јас посакувам (накратко - правна држава, граѓанско (наместо етничко) општество, еднаквост, демократија и слобода, мала и ефикасна државна администрација, ниски даноци и царини, либерална пазарно ориентирана економија, децентрализирана власт, независно судство...).
    Мене повеќе ме плаши идната структура на власт ако се земе во обзир со колкаво количество популизам уште сега се служат партиите, обидувајќи се да извојуваат подобра стартна позиција (рејтинг) пред изборите.
    (GoodBytes 2 Април, 2006 - 00:54 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Ако пред 4 години СДСМ најави дека нема да коалицира со ДУИ и тоа го стори, сегашната аналогија може да се проектира на изјавите на Петковски. Неговата најава дека ќе коалицира со ДПМНЕ го зборува спротивното.Да не заборавиме дека тој е СДСМ матрица, а таа е неискоренлива. Не верувам дека тој и тие околу него можат да се стават под премиерство на било кој од ВМРО-(кое и да е). Лилјана има желба ама нема капацитет тоа е повеќе од јасно. (Jakov 4 Април, 2006 - 10:06 | логирај се за да пишуваш коментари)
  • No comments:

    Post a Comment