Friday, April 04, 2014

ДИК-ТАТ

Почна постапката за избор на претседател и членови на државната изборна комисија. Сериозен тест за утврдување на способноста на партиципиентите во изборите да ги спроведат на дело залагањата за фер и демократски избори. Да се верифицираат на хартија досегашните изјави за потребата од независна, професионална и одговорна комисија. Тешки зборови се тоа. Звучат како странски, ама не се. Наши се. Ги има во граматиката, проверете. Имаат специфична карактеристика. Лесно се изговараат но правописот им е тежок. А тоа ги прави комплицирани за запишување. Посебно во ДИКтати. Треперат сите партии пред овој предизвик.
Изборните програми се лесни. Состав на слободна тема. Има таму простор за израз на имагинација, можат да се вметнат поетски елементи, метафори од предизборни ветувања со сериозно градирани придавки. Реторички прашања и словенска антитеза. Ма, сите конструкции доаѓаат во предвид. Ионака ретко кој ги чита , а уште поретко спроведува. Кампањата пак, е маневар помеѓу ораторските вештини и популистичкиот стомачен танц за заведување на апатичниот електорат. Се презентираат и магионичарски трикови каде гласачите се претвараат во зајаци извлечени од шеширот пропаганда.
Но, пред да започне целиот тој процес на колективна хистерија и дисперзивна ирационалност - треба смирено, промислено, разумно, сконцентрирано да се направи диктатот на независноста, професионалноста и одговорноста. Без ситнопартиски грешки. Без препишувања, без игнорирање на интерпукциските знаци, т.е. законски акти. Тешка задача за недисциплинираните уче(с)ници во школскиот двор на демократијата и плурализмот. Од резултатите на овој ДИКтат зависи оцената за упис во следниот четиригодишен семестар државно уредување. Ако паднат тука, за поправен ќе биде прекасно. Сите ќе ги почувствуваме реперкусиите од повторениот семестар. Но, да не бидеме песимисти. Да се надеваме дека составот на државната изборна комисија ќе биде солиден. Надежта последна умира, де.

п.с. иако ДИК е врвот на пирамидата изборни органи кои ги прибираат и пребројуваат гласовите, а потоа во процес на пирамидална синтеза го сумираат резултатот - секоја сличност со контроверзната пирамидална штедилница ТАТ е случаен. И евентуалните последици истотака.

п.с. објавено на http://oksimoron.blog.com.mk на 4 Април, 2006 - 20:55

Коментари:
  • На 15ти септември...
    Ќе биде интересно пак да излезат со истово. Или некои од нивните конкуренти. Smiling
    Среќа што имам талент за исклучување од пропагандни плакнења на вијуги, па кога ќе дојдат избори, уште толку клечам пред монитор, хехехе.
    (GoodBytes 5 Април, 2006 - 03:54 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • И овој пост ке го објавам во рубриката БЛОГЕРИ ЗА ИЗБОРИ во НЕДЕЛНО ВРЕМЕ. Има ли можност а Ве потпишам со име и презиме, со псевдonim и слично, покрај адресата на блогот? Ако има, јавете ми на bgeroski@vreme.com.mk (Героски 6 Април, 2006 - 18:03 |логирај се за да пишуваш коментари)

  • А бе, јас тебе плата ќе ти барам Smiling))))))))
    Се шегувам. Мило ми е што ти се допаѓаат моите постови.
    Не би изнесувала во јавност име и презиме, сосем доволен е псевдонимот Оксиморон и линкот до блогот. Eye-wink
    Благодарам.
    (oksimoron 6 Април, 2006 - 18:17 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Интересна беше изјавата на проф. Ѓорѓи Иванов во врска со неговата евентуална кандидатура за прецедник на DICK: ,,јас сум се определил да се занимавам со наука, а не со политика“. Со други зборови им рече, и на едните и на другите, „Thank you & fuck you. Не ми одговара друштвото. Идете шупете се и ти Грујо и ти Бучко и ти Радо и ти Шемо“.(апстинент 7 Април, 2006 - 00:03 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • А бе и Гордана исто изјави - повеќе е за наука отколку за ДИК. ДИК не е наука, ама има потреба од научно објаснување на феноменот за легална фалсификација.
    Белки Најчевска ќе излезе на крај со цела таа ненаучна материја од аспект на човековите права. Eye-wink Smiling
    (oksimoron 7 Април, 2006 - 11:29 | логирај се за да пишуваш коментари)
  • No comments:

    Post a Comment