Friday, April 04, 2014

Случајни избори

Во тек е расправата за новиот изборен закон. Пред секои нови избори си носиме нов. Толку му е рокот на траење – 4 години. Потоа веќе не важи и мора да се носи нов. Не знам зошто го викаат изборен, кога повеќе му „лежи“ предизборен. Но, никако да се одбере некој соодветен модел. Изгледа по дифолт сме несоодветни во носењето закони. Ама бар сме флексибилни – се виткаме без да се скршиме. И такви закони бараме, кои ќе содејствуваат со нашата природа. А не вака...да се кршат постојано.
Годинашниот предизборен закон запна околу составот на изборните комисии. Демек, тие се променливата во изборната равенка. Досега членовите на таа комисија беа под ингеренции на судот. Откако ќе се одбереше составот на ДИК, со помош на судот се приоѓаше кон избор на составите на општинските изборни комисии со чија помош се одбирааа составите на изборните комисии на изборните единици и комисиите на секое избирачко место. Судот определуваше претседатели и нивни заменици на комисиите, а членовите на истите беа претставници на сите партии кои партиципирале во последниот парламентарен состав и претендираат за следниот. Е сеа, премногу партизирање било тоа. Се согласувам и јас. Не во поглед на претставниците на партиите – тие си се јасни сами по себе. Конспиративноста на партизирањето ми е во поглед на претставниците од судот. За жал, кај нас никогаш не профункционира независноста на судството. Одамна се измешани лончињата на судската, извршната и законодавната власт во Македонија. Како кога вклучуваш телевизор а светнува сијалицата и додека ја исклучуваш од штекерот се стартува компјутерот при чие turn off се уклучува рерната на шпоретот која ако ја исклучиш се стартува центрифугата на машината за перење.....
Понуденото решение за нов состав на изборните комисии е рандом, т.е. случајно избрани претставници од државната и јавната администрација. Онаа истата која на конкурсите за вработување приложуваше партиска книшка до таксената марка на молбата. Да беше жив еден пратеник, ќе прокоментираше- „ И врапците знаат како се вработуваше државната и јавна администрација во Македонија“. Но дојде време таа администарција да си плати за својата државност и јавност. И тоа по случаен избор. Сега дел од владата која по „случаен“ избор има партиски состав, „случајно“ ќе свика извршен комитет на својата партија кој „случајно“ се донесе одлука да се свика централниот комитет во кој „случајно“ членуваат претседатели и заменици претседатели на општинските комитети кои „случајно“ се надредени на претседателите на месните комитети кои „случајно“ располагаат со информации за партиската определеност на претставниците на државната и јавна администрација во атарот на соодветното избирачко место. Ќе се донесе „случајна“ партиска одлука (да не речам наредба) да се класифицираат партиски сите административци за да може да се спроведе „случаен“ избор за нивно учество во изборните комисии. Ќе се спроведе случајноста по целата вертикала на партиската организираност. До најситната клетка. И секоја манипулација ќе биде сосем случајна.
На овие случајни избори ништо не е случајно. Дури ни случајноста. Затоа јас ќе си гласам намерно. За секој случај.

п.с. објавено на http://oksimoron.blog.com.mk на 23 Март, 2006 - 01:37

No comments:

Post a Comment