Friday, April 04, 2014

Реконструкција

Терминот за изборите е одреден. Надреден, подреден, дореден, пререден...ма, среден! Иако не е реден. Но е препреден. Како прецизно испланирано злосторство. До најситни детали. И секако, обезбедено алиби. Сите ќе бидат таму, а нема да се видат еден со друг. Но, ќе посведочат за меѓусебната присутност. И неприсутност. Од прва, втора, трета рака. Си имаме многу раце, де. Генезата со октоподот не е случајна. А не е ни намерна.
Во претстојните три месеци ќе ни поминат пред очи последниве 15 години. Како на филмска лента. И тоа неколкупати. Ќе ги раситнеме прво во етапи од по 4 години. Потоа во меѓуетапи од по 2 години. Па подетапи од прецизирани години. Ќе се продолжи со ситнење, цепкање на месеци, недели, денови, часови ... Целосна реконструкција на сите настани. На оние кои се случија неслучајно. Па оние кои случајно не се случија. А требаше. Бар колку оние што не требаше, а сепак се случија. Случајно или намерно.
Ближејќи се кон датумот за изборите, се подлабоко ќе навлегуваме во минатото. Ќе патуваме низ времето, т.е. низ архивите на институциите во прибирање на докази од местото на настанот. Ќе се репризираат изјави и најави. Ќе се копираат интервјуа и колумни. Ќе се потенцираат секвенци од дуели. Ќе се вадат од најдолната фиока ажурираните недоследности во прилог на следствените активности. Ќе вдишуваме прашливи информации. Ќе киваме во знак на револт, плукајќи наоколу. Алергиска реакција, де. Ништо намерно. А ни случајно.
Реконструкцијата како постапка во суштина е позитивна. Следува по одредено завршено дејствие и ги објаснува сите чекори од својот напредок. Патот од непостоечкото (идеа) до постоечкото (реализација). Се анализираат сите настани, се вреднуваат сите детали, се уочуваат и испитуваат нелогичностите и пропустите. Се извлекуваат заклучоци. И поуки. За идни дејствија. За нови, подобри конструкции.
Но, ме загрижува нешто. Посоченава предизборна реконструкција на 15 годишната транзициона конструкција укажува на целосна деструкција на системот. И случајно и намерно.


п.с. објавено на http://oksimoron.blog.com.mk на 17 Април, 2006 - 17:37

No comments:

Post a Comment