Sunday, January 22, 2006

Оптимисти и песимисти

Македонските политичари се оптимисти. Веруваат во подобра иднина. Знаат дека таа подобра иднина е таму некаде и не чека нас. Затоа и го убедуваат народот со својот глас да им даде виза за да го започнат тоа патување, таа авантура од четири години потрага по подобро утре. Ако тргнат денес, ќе втасаат вчера и ќе ни го донесат тоа утре, т.е. денес, ама на поинаков начин. Зашто, начин секогаш има. Без оглед дали се позиција или опозиција, нашите политичари се секогаш оптимисти дека баш тие, баш сега, ќе го пронајдат вистинското, оригиналното подобро утре. Подобро од сите други подобри утра на противничкиот табор, кои се лажни. А за да осамне, треба прво да се стемне.
Народот пак, ни е песимист. Не верува во подобро утре. Ни вчера, ни денес. Гледа само црнила пред себе. И зад себе, и над себе, и околу себе. Црниот ни народ. Велат – „ Песимистот е само добро информиран оптимист“. Лажат. Народот никогаш немал пристап до информациите. Ние дури сеуште немаме закон за пристап до информациите. И таму е мрак. Информатички. Политичарите (оптимистите) работат во тајност. Таинствено се смешкаат и кога се сериозни. Таинствено шепотат дури и кога гласно, демек отворено, говорат. И тие некогаш биле дел од народот. И тие биле песимисти. Некогаш одамна. Ама, ете, времињата се менуваат. Станале оптимисти. Имаат верба сега. Веруваат во себе и своите способности. Самобендисано, самозадоволно.
Не е песимистот добро информиран оптимист, туку некому се стемнило за на друг да му осамне. Не зборувам за утрото, она гореспоменатото „подобро“. Зборувам за информациите. Поларна ноќ во Македонија.

No comments: