"Ако сакаш да уништиш една нација, уништи и го образованието"
Толку често ја слушаме оваа мудрост!
Ја цитираат во разно разни пригоди , неизбежна е секој пат кога се коментира образованието во Македонија. Одговорноста се лоцира во законските регулативи кои го опфаќаат образованието, во квалитетот на образовниот процес преку квалитетот на учебниците и квалитетот на образовниот кадар, во опременоста на училиштата од технички аспект, во несоодветно спроведени реформи препишани од понапредни и поорганизирани држави.... слоеви и слоеви одговорност. Сите легитимни. Насекаде околу нас.
А да погледнеме малку и во нас самите?
Последниве 20 години живееме во општество со извртени вредности. Толку многу го изместивме нормалното во овие години од осамостојувањето на Македонија до денес, што остана заглавена мисла "дали бев пеперутка која сонува дека е човек или човек кој сонува дека е пеперутка". Она што некогаш беше предмет на почит денес е предмет на потсмев. Она што некогаш беше неприкосновено денес станува лесно за лажирање.
Знаењето.
И сите ние допринесовме за тоа.
Родителите станаа влијателни учесници во образовниот процес. Секојдневно јавување, ургирање за подобри оценки на нивните деца, газење врз авторитетот на професорите со преиспитување на системот на оценување, пишување домашни задачи наместо нив, расправање на родителски состаноци дека нивното дете е паметно и знае се а професорот не знае и погрешно го оценил... субјективноста на родителот започна да ја поткопува објективноста на професорот! Се користат сите расположиви методи за вршење притисок - роднински, колегијални, соседски, партиски... само за да се има Петка во свидетелството на нивното дете, не е важно дали истото поседува соодветно знаење за таа оценка. Денес родителите се толку многу опседнати со успехот на своите деца што се подготвени и да се закануваат на професорите. Длабоката партизираност во нашата држава им го овозможува тоа Па тие седат на партиски состаноци со нивните директори, тие гласале на партиски состаноци за вработување на професорот, тие може да делуваат да ја изгуби работата или во најмала случај да биде казнет затоа што "погрешно" оценил нечие дете. "Почекај, ќе ти се јави директорот" е последната стапка врз авторитетот на професорот. (Додуша, ова не изолиран случај само во образованието, ама сега темата е тоа)
Денес е многу тешко да измериш знаење според успех во образованието. Она што е на хартија со она што реално значи знаење и вештини. Дипломата не го потврдува знаењето повеќе. Беспоштедната борба за оцени на родителите доведе до ситуација деца кои имаат "одличен" успех во основно образование, "одличен" успех во средно образование, "одличен" просек на факултет (каде освен ургирањата функционира и платежено влијание) да станат "академски кадар" иако реално не знаат ни основни граматички правила. И тој кадар станува конкуренција при вработување на оние деца кои за успехот се избориле со сопствено знаење. Всушност не... пак остануваат над конкуренцијата, затоа што нивните родители кога успеале да ги донесат до тука, имаат моќ и да ги "вдомат" во некоја државна институција. Мора во државна затоа што само така може да продолжи ланецот на "влијание". Во приватниот сектор се бараат знаења и вештини. Но за пониски плати и бенефиции... бидејќи овој извртен систем дозволува експлоатација на трудот во приватниот сектор затоа што државниот го водат "влијателните"... И затоа младиот и способен кадар ни бега од државава... Ланецот е нераскинлив - или ќе се покориш на кругот на влијанието, или фаќаш магла!
За девалвација на учителската фела влијаат повеќе фактори. Една од најблагородните и со далекусежни последици професија е најниско платена на пазарот на трудот. Начинот на вработување (како и во сите други државни институции) е детерминиран од партиските прилики. Или неприлики. Со самото тоа професијата станува незаштитена од "влијанија". Значи, недоволно платена и недоволно ценета а уцената.
Затоа сме тука каде што сме. А каде ќе бидеме за 20-30 години зависи од "успехот" и "влијанието" на денешните децата и родители.
Какво образование сакаме?
Каков образуван кадар сакаме?
Каков производ од образовниот процес сакаме?
Каква Македонија сакаме?
Ако сакаме...
П.С. секоја чест на оние кои успехот го постигнале и се уште го постигнуваат со знаење. За жал, со секој изминат ден, стануваат исклучоци... и цела надеж ми е во нив!
No comments:
Post a Comment