Saturday, April 05, 2014

Царот е гол


Изјавата на еден од командантите на ОНА, кој по нејзината трансформација во политичката партија ДУИ беше и пратеник во Собранието на РМ, дека постои можност една од пограничните општини да се отцепи од Македонија и да се припои кон Косово – целосно ги демистифицира причините за конфликтот во 2001 година. Станува сосема јасно дека ни тогаш, како и сега, не станувало збор за некакви нереализирани човекови права ниту пак за дискриминација на националностите во државава, туку станувало збор за територии. Се направил обид за прекројување на границите помеѓу државите на Балканот. Стремеж за создавање на нова држава со отцепување на делови од други. Но, очигледно било прерано, па се направил привремен компромис во вид на рамковен договор. А и учеството во извршната власт за одреден период им делуваше на апетитот. СДСМ ги смири нудејќи им можност да практицираат државно управување. За да знаат после (кога ќе имаат своја држава) како одат тие работи, де.
Сега, кога се чувствуваат ограничени во можноста директно да влијаат на настаните, повторно ги активираат старите идеи. Според сосем истата методологија како и тогаш. Посочувањето на одредени институции на системот, поточно Министерството за внатрешни работи на РМ, како причина за незадоволство од функционирањето на државата е веќе видена тактика. Но, мора да се постави прашањето зошто и кому сметаат органите на МВР. Знаеме дека на одредени структури, не само кај нас туку и насекаде низ светот, им пречи полицијата. Им пречи затоа што внимава на почитувањето на законите и ги гони прекршителите на истите. Да се бара отсувство на полицијата на некоја територија, значи да се бара да не важат законите на државата за таа територија, т.е. да се одобри зона на беззаконие. Слободна криминална зона. А тоа ниедна суверена и правна држава не смее да го дозволи. И, ете ја искрата. Се чека државните органи да ги спроведат своите должности (т.е. МВР да превземе контрола врз одредената територија), за да тоа се искористи како „провокација“ , т.е. повод за креирање на вештачки конфликт. Потоа.... историјата се повторува.
Во ваква ситуација, многу е важно како ќе реагираат македонците со албанска националност (т.е. етничка припадност). Дали според својата државност (македонска) или според својата националност (албанска). Организирани преку демократските средства во партии, мораат да се изјаснат за своите ставови. Дури и отсувство на реакција е сепак реакција. Молчењето се смета за индиректно одобрување. А доколку е така, доколку не се оградат од идејата за отцепување на пограничните територии од државата и нивно припојување кон други – се дискредитираат самите себе си како субјекти кои дејствуваат во насока на функционирањето на правната држава во чии рамки егзистираат. И ќе мора да ја превземат одговорноста, како и сите прекршители на принципите на правната држава насекаде низ светот.
Затоа, неопходно е Владата да побара јавно изјаснување од ДУИ дали како партија со свои претставници во законодавната власт ги подржува активностите на луѓето (свои бивши функционери) кои ја заговараат идејата за отцепување на територии или се за функционирањето на правната држава за целата територија на РМ. И тие, а и нивниот коалиционен партнер СДСМ кој долева масло на огнот со својата некооперативност и предимензионирање на состојбите. Да се дефинира конечно дали се за интеграција или за дезинтеграција. Па да паднат маските.
И, уште нешто.... од женска гледна точка...
Ја славиме татковината а се тераме у мајчината.
Зарем тоа не е дискриминација?!

п.с. објавено на http://oksimoron.blog.com.mk на 2 Септември, 2007 - 20:43

Коментари:
  • Удри Окси, удри со стапот! Smiling
    (Бунка 2 Септември, 2007 - 20:50 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Оксиморон пишалЧ
    “... СДСМ ги смири нудејќи им можност да практицираат државно управување. За да знаат после (кога ќе имаат своја држава) како одат тие работи, де.“
    Не што ги смируваше туку и се бунеа дека нивните права не се доволно затапени во разните институции од државата. Види пост.
    поздрав
    З
    (zoriv 2 Септември, 2007 - 21:01 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Со оглед на твојата десна орентација, постот е каков што е, навивачки де. Да си спомнеме, за оној дел кај што смо лефтерно помина намерно избегнувајќи да спомнеш партија. Кој беше за поделба на Македонија, со промоција на десно орентирани академци (размена на територии). Македонците од Албанска припадност, ако такви уште има, се изјаснија поодамна. Ќе те потсетам само на една не така одамнешна изјава на коалициониот партнер на ВМРО-ДПМНЕ. Погодуваш за кој се работи, војводата Тачи. Случката беше после средбата на Груевски со Буш во Албанија. Изјави дадени после оној информативен разговор на коалиционите партнери во едно елитно ресторанче. На прашањето како ја оценуваат средбата помеѓу Буш и Груевски во Албанија, војводата Тачи ќе рече само кратко. Мене ми е најважно што Буш се залага за НЕЗАВИСНО КОСОВО. Дали кореспондира прашањето со изјавата, дали ти е јасно што и зошто најмногу се бори војводата Тачи. Ама ти ги спомна само командантите, а војводите, дури и сите двајца ги заборави, намерно или ненамерно. Окси, додека ние се препукуваме и јадеме меѓусебно, они, Македонците со Албанско потекло си ја бркаат работата. Кој и да е од нив во коалицијата на власт, пак ќе се бори за својата кауза. Дали сега, а и во минатата власт, војводата Тачи не трењира практицирање на власт. За од женска гледна точка, потполно се слагам, многу си во право. Поздрав (М.И. 3 Септември, 2007 - 08:51 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Стварно Окси, таква амнезија не очекував од тебе. Според тебе, ќе испадне дека ниту Љубчо бил претседател на ВМРО-ДПМНЕ, ниту пак бил за размена на граници и територии. Зарем тука маските не паднаа? Ти предлагам посоодветен наслов „Оксиморон е гола“ :)(jasnesumjas 3 Септември, 2007 - 09:48 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Bunka,
    не со стап, со тастатура, де Eye-wink Чувај ги прстињата да не те поткачам и тебе несакајќи Sticking out tongueLaughing out loud , оти ќе ми биде после криво Smiling
    Зорив,
    а бе, некои луѓе едноставно немаат чувство за мерка. Секогаш се‘ им е малку. Поздрав Smiling
    М.И. (претпоставувам дека се иницијали),
    „...Во ваква ситуација, многу е важно како ќе реагираат македонците со албанска националност. Дали според својата државност (македонска) или според својата националност (албанска). Организирани преку демократските средства во партии, мораат да се изјаснат за своите ставови...“
    Ова се однесува и на ДПА и на ДУИ и на ПДП и на сите легално организирани структури кои се занимаваат со прашањето на македонците од албанска националност. Eye-wink
    Делот за предлогот за размена на територии ќе го одговорам во коментарот за јаснесумјас (каде го именува предлагачот на таа идеја). А за изјавите на Тачи, ме загрижи и мене неговата изјава, но сепак таа се однесуваше за Косово, а не за отцепување на делови од Македонија и припојување кон него. А самиот Тачи се има јавно изјаснето (во емисијата Светла Точка)дека се чувствува како Македонец и дека идеите за Голема Албанија (и слично, т.е. Илирида) се застарени и имаат изгубено смисол, дека граѓаните на Македонија кои имаат албанска националност треба да ја чувствуваат Македонија како своја држава и да се борат со демократски средства за напредок на Македонија, а со тоа и напредок за сите кои живеат во неа (без оглед на националност). Овие изјави му беа веднаш по неговиот избор за лидер на ДПА.
    јаснесумјас,
    никогаш не поверував во теоријата дека Љубчо Георгиевски и Арбен Џафери го креираа конфликтот во Македонија во 2001 година, со крајна цел поделба на државата. Иако имаше силен обид да се претстави оваа теорија како вистинита, сепак нема никакви цврсти докази за неа. Ајде да ги погледнеме фактите:
    - ВМРО-ДПМНЕ и ДПА како коалиција во 2001 беа партии на власт во РМ. Нидена партија на власт не би превзела мерки против самата себе, со такви очигледни потези за сопствена дикредитација;
    - Го потпишаа договорот за стабилизација и асоцијација со Европската Унија (први во регионот), што значи дека имало забележителни реформи и обид за прилагодување кон Европските регулативи ;
    - Имаше економски прогрес до степен да се најави непотребност од аранжмани со ММФ.
    Со овие резултати од своето владеење (во периодот од 1998-2001) зарем ти звучи логично самите да уништат се што создале дотогаш?! Мене ми е апсурдно.
    други факти:
    - вооружените „бунтовници“ по конфликтот се претопија во политичката партија ДУИ;
    - СДСМ и ДУИ формираа коалициона влада во 2002 (веднаш по конфликтот);
    Ако се извагаат фактите, ќе се дојде до проценката дека погоре споменатата теорија е чиста шпекулација. И, за таа теорија е насловот на постов. Eye-wink
    А за колумната на Љубчо Георгиевски, каде дава предлог за размена на територии со Албанија, пишувана е после конфликтот како негова перцепција за трајно решение на прашањето на националностите во РМ и во неа јасно е потенцирано дека станува збор за негова лична идеја, а не за став на партијата чиј лидер беше во моментот. ВМРО-ДПМНЕ уште тогаш се огради од тоа. Тоа беше и почетокот на крајот од политичката кариера на Георгиевски во Македонија. Јас самата бев згрозена од таа идеја, но сепак, тоа не значи дека треба анблок да се отфрлат и сите дотогашни дејности на Георгиевски од 1990 до 2001. Сега тој е жител на Бугарија и нека си остане таму.
    А, за насловот.... оксиморон е секогаш „гола“, ама по сопствен избор(будуќност је у нудизму,нели?!), никогаш не се маскирала во облека од илузии и манипулативни шпекулации. Кажувам тоа што јас гледам, а не тоа што другите ми велат да гледам. Илузиите ми се дискреционо право за другото ИД, на другиот блог (и немаат врска со политички или општествени ставови). Eye-wink Smiling
    (oksimoron 3 Септември, 2007 - 16:21 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Окси, ми се свиѓа како размишљаш, ама мора да те потсетам на некои работи.
    Велиш, „Ако се извагаат фактите, ќе се дојде до проценката дека погоре споменатата теорија е чиста шпекулација.“
    Ај читни ги овие работи:
    прво: „Поранешниот албански министер за надворешни работи, Паскал Миљо, во интервју за телевизијата Алсат јавно потврди дека во 2001 година од тогашниот македонски премиер Љупчо Георгиевски до неговата Влада стигнал директен предлог за поделба на Македонија и размена на територии. „Планот за поделба на Македонија не успеа затоа што Албанија кажа не на поделбата“, тврди Миљо. Неговата приказна за телевизијата ја потврдува и тогашниот претседател на Комисијата за надворешни работи во албанското Собрание, Сабри Годо кој, исто така, наведува дека таков предлог пристигнал од Скопје. Миљо во интервјуто ги потврдува наводите на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој претходно во разговорот за истата телевизија изјави дека Георгиевски во 2001 година му нудел не само „етничка поделба на Македонија туку и менување на границите во регионот“
    второ: „Никола Кљусев за телевизијата А1 изјави дека претседателот на МАНУ му кажал дека Георгиевски и Андов знаеле за идејата и дека тие биле одушевени од неа.“
    трето:
    „Во интервјуто, Џафери првпат јавно призна дека разговарал со Георгиевски за поделба на земјата. Договорот бил направен веднаш по победата на изборите во 1998 година и по склучувањето на нивната коалиција.
    Војната не спречи да го реализираме планот. Ќе се избегнеше насилството и ќе се постигнеше мирна поделба помеѓу Албанците и Македонците. Не верувавме во функционирање на мултиетничка држава, која е фикција на меѓународните креатори", рекол Џафери. Тој тврдел дека за планот бил известен и тогашниот српски премиер Зоран Ѓинѓиќ и тој ја одобрил поделбата. (...)
    За потсетување, Георгиевски во колумната во "Дневник" во април 2003 година напиша: "Потребно е најитно враќање на тезите изнесени од неколку академици за размена на територии и на население или, поточно, разграничување помеѓу Македонците и Албанците. Основата на нашиот интерес е етничко спасување на Куманово, Скопје, Кичево и на Струга, што подразбира иселување на албанските граѓани од тие области преку трампа на финансиски и имотни добра." (...)
    Во ДУИ велат дека на Али Ахмети уште пред една година му била понудена таква идеја, но тој ја одбил.“
    (jasnesumjas 4 Септември, 2007 - 01:03 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Жаре,
    сите потсетувања кои ги нудиш (со линкувани статии во дневни весници)се однесуваат на периодот ЗА ВРЕМЕ на конфликтот и ПОСЛЕ него. Значи, ПРВО дошло до вооружениот конфликт во 2001ва, НЕКОЈ го предизвикал, а дури ПОТОА на „одредени“ личности им „светнала“ идеја дека може проблемот и затегнатите меѓуетнички односи да се регулираат преку размена на територии. Не ги бранам, против размена на територии сум и сметам дека тоа е луда идеја, ама не е објективно заради тој предлог како „решение“ на ВЕЌЕ НАСТАНАТИОТ проблем да се обвинат предлагачите дека се всушност и креатори на самиот проблем. Мојата перцеција се однесува на креаторите на конфликтот, не на понудите за негово решавање.
    п.с.
    Третиот линк кој го нудиш ти е ист со вториот, така да не најдов за кое интервју на Џафери станува збор, каде тој вели дека постоел договор за поделба (баш тој израз се користи, „поделба“?) уште во 1998, ама самиот цитат кој го оставаш во коментарот
    „...Војната не спречи да го реализираме планот. Ќе се избегнеше насилството и ќе се постигнеше мирна поделба помеѓу Албанците и Македонците....“
    кажува дека станувало збор за обид за менување на закони, или меѓудржавни договори за спроведување на намерата без војна. Значи, дури и навистина да имале некаков договор (тоа е дискутабилно, сепак) Џафери и Героргиевски - тој не бил планиран како вооружен конфликт. Според сите расположиви податоци на кои сум наишла, лично сметам дека војната ја предизвикаа луѓето кои денес се организирани во политичката партија ДУИ. А тоа дали имале подршка од некои политички структури излегува на виделина со коалицирањето по изборите во 2002.
    (oksimoron 4 Септември, 2007 - 21:12 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Љубчо го негираше само тоа дека разговарал со Џафери пред 2001: „...не сум имал никаков разговор за овој проблем се до почетокот на кризата во 2001 година. Првпат на оваа тема разговаравме кога излезе и текстот во дневниот весник "Вечер" во мај 2001 година на тема "Размена на територии и населенија меѓу Македонија и Албанија". Тогаш г. Џафери одби да се дискутира за овој проблем и разговорот тука беше завршен. На крајот, уште еднаш сакам да потенцирам дека за овој проблем првпат е разговарано кога почна кризата и паднаа првите жртви...“.
    Џафери е тој што тврдел: „...Не верувавме во функционирање на мултиетничка држава, која е фикција на меѓународните креатори..."
    Прашање е дали Георгиевски се има откажано од идејата за размена на територии и население, како решение на македонскиот конфликт. И во 2001, и во 2003, а и неодамна повторно јавно ги изнесе своите идеи „за отцепување на пограничните територии од државата и нивно припојување кон други“.
    Извини Окси, ама твојов пост е класичен обид за орвеловско прекројување на историјата.
    Во својот пост ти сугерираш „Владата да побара јавно изјаснување од ДУИ дали како партија со свои претставници во законодавната власт ги подржува активностите на луѓето (свои бивши функционери) кои ја заговараат идејата за отцепување на територии или се за функционирањето на правната држава за целата територија на РМ.“
    Никој тука не негираше дека „војната ја предизвикаа луѓето кои денес се организирани во политичката партија ДУИ“, ама не треба да се заборави дека ја водеа политичари од ВМРО-ДПМНЕ кои сметаа дека конфликтот ќе помогне за реализирање на идејата за размена на територии и население.
    Мислам дека поскоро јавно треба да ги запрашаш сегашните коалициони партнери - Милошоски (тогашниот портпарол на Владата) и Тачи, дали сеуште веруваат во идејата за решавање на конфликтот со прекројување на границите.
    (jasnesumjas 5 Септември, 2007 - 03:34 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Жаре,
    историјата е чудна наука - секогаш изобилува со различни верзии за исти настани. SmilingВеројатно од причина што различно ги восприемаме. Јас не се обидувам да ја прекројувам историјата, само ја кажувам својата перцепција. Eye-wink
    Иначе, постот првенствено имаше намера да отвори дискусија за тековните настани (и закани по безбедноста и сувереноста), а минатиот конфликт беше во позадина (како сенка). Затоа и прашањето е упатено таму - кај тие што СЕГА заговараат отцепување на територии од Македонија. Според онаа старата - подобро да се спречи отколку да се лечи Eye-wink
    (oksimoron 5 Септември, 2007 - 17:38 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Окси, со цел респект кон тебе, немој да те залажуваат такви изјави. Мене ме плашат изјавите дадени на нивниот канал (втората програма), во нивните весници (на Албански), во изјавите за АЛСАТ(нивна сателитска телевизија). Ако си приметила, ниту една изјав не кореспондира со изјава дадена за македонски медиум. Случајно го имам оној фамозен документ издаден од Албанската академија на науки и уметност, се се одвива по тоа пишано сценарио. Имаш среќа што живееш во помирниот дел на Македонија. Разговарам со жители на Тетово, Гостивар, страшни притисоци трпат за иселување. Еве и во Скопје -Север почнува полека но сигурно да се случува истото. Затоа и го кажав она, кој и да е, своја кауза си тераат, не паѓај на убави зборови пред камера. Кратко за војната. Во шпекулации не влегувам, од типот СДСМ ја потпомогна поради власт или... Војната ја почнаа они(ОНА), точно за освојување територии и ништо друго. За божемни права се престроија покасно, по налог и поучени на странски фактор(а кој беше, знаеме сите). Најголемата грешка, по мене е направена кога не се дејствуваше во танушевци на почетокот, тогаш ја имавме целата подршка ние од странците. Така и создадоа партија, пак поучени од некој друг. СДСМ, мораше да коалицира со нив, голем притисок имаше пак од надвор. И така ние цело време само нешто губиме, а и цело време некој од надвор ни диктира и ден денес. Можеби негде забегав со темава, но извини, денес сум нешто заморен. Поздрав п.с. ова се тешки теми за дискусии, кажи ќе има ли четврта кинига наскоро, спремаш ли нешто? (М.И. 5 Септември, 2007 - 21:24 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • М.И.,
    велиш:
    „...Војната ја почнаа они(ОНА), точно за освојување територии и ништо друго. За божемни права се престроија покасно, по налог и поучени на странски фактор(а кој беше, знаеме сите). Најголемата грешка, по мене е направена кога не се дејствуваше во танушевци на почетокот, тогаш ја имавме целата подршка ние од странците. Така и создадоа партија, пак поучени од некој друг...“
    Значи, се најдовме, сепак, на слична бранова должина во дискусијава Smiling По ова прашање се согласуваме. Лека полека ќе ги усогласиме ставовите и по другите теми и дилеми Eye-wink
    А за диктирањето однадвор... самите сме го дозволиле тоа (чекор по чекор, отстапка по отстапка) и сме создале таква слика за нас пред меѓународната јавност, па затоа тие си земаат за право да ни се мешаат во сите одлуки. Потребен е силен труд и одлучност за да се промени таа ситуација. Се надевам дека имаме такви национални карактеристики, де Smiling
    Во однос на книгите, јас постојано чкртам понешто. Laughing out loud Веројатно и ќе објавам пак по одреден период. Би направила сега обид за кратки прозни текстови, не само поезија Eye-winkЗдравје само Smiling
    Поздрав Smiling
    (oksimoron 6 Септември, 2007 - 17:34 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Окси, па различностите не прават интересни, но убаво е кога низ убава/издржана дискусија тие разлики се приближуваат. Е кога вака нашиве политичари би доаѓале на слична бранова должина, кај ни би бил крајот, поточно почетокот на убавото живеење.
    Се надевам дека, а и сигурен сум дека твојот обид во прозата ќе биде успешен.
    Важно здравје да не служи, ќе биде.
    Поздрав
    п.с. последната промоција ја испуштив, покасно дознав, но се надевам дека на следната, ако времето ми дозволи, ќе присуствувам, па и лично ќе се запознаеме.
    (М.И. 8 Септември, 2007 - 08:25 | логирај се за да пишуваш коментари)
  • No comments:

    Post a Comment