Saturday, April 05, 2014

Све ќе то мила моја прекрити рузмарин, снегови и шаш…

Во 2000та година, кога се отворија архивите и секој имаше можност да побара и добие информација дали за него се воделео досие од службите за безбедност (и да го добие истото доколку постои), имав можност да разгледам едно. Досие на личност која по професија беше лекар. Велам „беше“ зашто таа личност повеќе не е жива. Но досието сеуште го имаат неговата ќерка и внуци. Во него еден дел од имињата на информаторите беа прешкртани со црн фломастер, но еден дел беа оставени. Меѓу тие читливите, беше и името на еден негов колега лекар. Во времето кога човекот ми го покажа своето досие, „информаторот“ беше инволвиран во политичкиот живот на локално ниво. Сега е пратеник во собранието на РМ.
Деновиве читам за првичните резултати од работата на Државната комисија за спровдување на лустрацијата. Долго најавуваната и подготвувана лустрација, надуена како шарен балон – ја покажа својата празна внатрешност. Хелиум за создавање на смешни изјави. Од досегашното истражување, Комисијата не успеала да најде ниту еден податок за инволвираност и соработка со службите за безбедност во минатото кај голем дел од актуелните избрани функционери. Истражувањето им се базира на досиеја дадени на увид од Државниот архив и органите на Државната безбедност на РМ. Ме интересира дали досиејата кои и се на располагање на Комисијата за вршење на нивната работа се исто така со прешкртани имиња или членовите на комисијата имаат увид во оригиналните? Која е смислата на истражување доколку се работи за досиеја во кои најважниот елемент за функционаност на комисијата е под црн фломастер? Гол формализам. Бараме да не најдеме. Или ќе почекаме да се изумат ренген наочари кои гледаат напишано под фломастери.
Владата го поминала тестот. За младите избрани функционери нема сомнеж, но што со постарите? Оние кои со децении наназад биле и тоа како инволвирани во општествениот живот? Во време кога точно се знаело кој со каква дејност може да се занимава и каков бил принципот за кариера?
Чекам да заврши истражувањето во однос изјавите на пратениците. Живо ме интересира дали личноста спомената во почетокот на текстов ќе излезе „чиста“. И уште колку „чисти“ како него има, за кои не знаеме?
Затворите ни биле полни со политички затвореници, архивите полни со досиеја, општествено-политичкиот напредок „генетски кодиран“ и наследен низ генерациите…. ама кодоши нема! Освен во народните песни. Како етно елемент. Со тек на време и тие ќе се едитираат. Почнува ребрендирањето…

п.с. објавено на http://oksimoron.blog.mk на 

јануари 17, 2010 16:09


Коментари:
  1. И мене ме интересира,не заборавај да ни кажеш.
      Charlotte — јануари 17, 2010 @ 18:00
  2. Некои познавачи велат дека некои досиеа се сместени на `сигурни` места, некои се уништени, некои се чуваат во Белград… можеби и на некое друго место… па, веројатно – ако излезат – ќе излезат имиња на некоја `ситна боранија`. Острицата не зафатот е отапена…
      sbepot — јануари 30, 2010 @ 09:20
  3. Те држиме за збор,кој е тој пратеник? :-D
    Не гледам причина барем тука, на блог да се каже неговото име.Фамилијата на кодошениот не верувам дека има нешто против.Pozz :-)
      effo — јануари 30, 2010 @ 10:41
  4. Шарлот,
    веројатно ќе има повторно прес конференција кога ќе завршат со истражувањето во однос изјавите на таа таргетна група, де. Ќе почекаме, ќе слушнеме ;)
    Ѕвер,
    оние кои ги добија своите досиеа би требало да и помогнат на комисијата со доставување на копии доколку во нивните досиеа како информатори се имиња на актуелни функционери. Боранијата е заради црните фломастери. Доколку комисијата има пристап до досиеа кои не се „боени“ и постапува совесно, бескомпромисно – постои надеж дека лустрацијата ќе се спроведе успешно. Во спротивно…. ќе добие димензии на маскенбал! :)
    Ефо,
    Има повеќе од доволно информации во постов кои го откриваат идентитетот, без сувопарно кажување на име и презиме.
    Не знам какви изјави имал потпишано кодошениот при подигнувањето на своето досие, не би сакала да ја ставам во незгодна ситуација неговата фамилија. Само би ги посоветувала да соработуваат со комисијата доставувајќи докази. ;)
      оксиморон — јануари 31, 2010 @ 11:52

No comments:

Post a Comment