Friday, April 04, 2014

Предизборна зима

Студено време. Температурите веќе подолг период се под нулата. Во вакви временски услови, баба ми често знаеше да каже „Ова е време кога и кучето и мачето спијат заедно“. Деновиве често помислувам на нејзините зборови. Не само поради ниските температури.
Оваа зима, дали поради времето или невремето, замрзна и разумноста. Се покажа дека била „гола вода“. Замрзнаа комуникациите, се заледи демократијата со законски мразулци кои очигледно се производ на смрзнатиот памет на снешковците во парламентарните фотељи. Со морков и метла демонстрираа зимска идила. По заледените патишта на изјавите, се лизгаат гафовите. Пируети на глупоста и инфатилноста.
Студот ги зближи завојуваните партии. Сега, меѓусебно си дишат во врат. Се загреваат едни со други. Идат избори. Се најавуваат коалициони мерки против студот. Кучиња и мачиња. Разочараноста на гласачкиот електорат е тој студ кој ги тера да бидат заедно. Понижените и навредените. Луѓето глувци на Достоевски. Штетници кои со својата незаинтересираност и апстинирање од изборите можат да ги изгризаат нивните удобни фотељи. За нив одамна не се ефикасни стапиците на изборните ветувања.
Физиката вели дека студот го намалува волуменот на телата. Се собира и гласачкото тело. А мачињата и кучињата се стискаат во прегратка. Додека ги држи студот така збиени, ништо чудно и изборниот закон да претрпи измени. Но, не во делот за изборниот модел (пропорционален, мнозински или комбиниран). Потребни им се многу посуштински промени. Поради временските неприлики, наместо 50% , да бидат доволни 20% излезени гласачи за изборите да бидат регуларни. Студот го дозволува тоа. Чиста физика.

п.с. објавено на http://oksimoron.blog.com.mk на 14 Февруари, 2006 - 22:06

коментари:

  • Јас мислам дека и сите ние го дозволуваме тоа.
    Нашите студени срца кои веќе немаат осет за тоа што е правилно што не.
    Потполно замрзнати кога се рзботи за суштински одлуки за нас и нашата држава и иднина.
    А по нив како снегулки се залепуваат грдите ситуации кои се почесто се случуваат и само посилно ги заледуваат и ги оставаат рамнодушни.
    20% можеби и е голема бројка кога ќе се земе во предвид бројот на луѓето чии срца воопшто не се интересираат за потребата од нивната иницијативност за промена на
    замрзнатата ситуација.
    (Bi 14 Февруари, 2006 - 18:33 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Во очекување на пролетен развигорец од млади, стабилни и способни политичари кои ќе изникнат нови идеи на ова тло, стегнатиот електорат ќе го намалува уште повеќе својот волумен под влијание на ледените, корумпирани и неподвижни снешковци кои го „красат“ дворот државна власт. Ни требаат нови идеи, ни треба свест и спознание дека ние ги градиме тие фигури. (oksimoron 14 Февруари, 2006 - 22:51 | логирај се за да пишуваш коментари)
  • No comments:

    Post a Comment