Saturday, April 05, 2014

Рестартирање

Чекирај се во 8:30 и потоа пак во 16:30. Во меѓувреме немој да размислуваш, не е во опис на работно место и задачи. Исклучи го мозокот и вклучи го компјутерот. Движи се помеѓу мноштвото работни апликации со различни кориснички имиња и пасворди. Немој некогаш да заборавиш некое од нив. Нелогиран – неприсутен. Спроведувај инструкции и наредби. Не барај логика, не е твој домен – немаш пристап. Не греши, биди прецизен. Не постои техничка грешка. Ниту грешка на системот. Секоја грешка се третира како лична, намерна и со умисла.  Не губи време за самопроверка. Не е предвидено а немаш ни дозвола за тоа. Секое двоумење представува показател за нестручност. Во секој момент можеш да бидеш повикан за одговорност. Таа ти следува повеќе од платата. Фактот дека многумина немаат можност за плата нека ти биде мотивирачки елемент за опстанок. Заборави на инстинктите. Внимавај на камерите. Големиот брат пази на тебе. Љубезната насмевка е дел од униформата. Носи ја прописно и уредно. Ништо не боли. И кога боли – ништо не ти е, добро си!
Семејството – општествена клетка со детерминирани општествени правила. Со точно дефинирани особини на членовите и нивни  меѓусебни релации. Надградени и контролирани воспитни мерки, врамен образовен процес, катастраски исцртана сопственост и куп хартии на институционалниот поредок.  Права и обврски за интеграција  во системот.  И редовни сметки за одржување на истиот.  Се во служба на твоја заштита и сигурност.  Насмеани лица на маж, жена и неколку деца во зелено дворче пред семејна куќа. Постер на билборд за нова кредитна линија од некоја банка.
Како дел од потрошувачко општество купувај, троши!  Ти заслужуваш да си го дозволиш тоа. Целиот систем се храни и облекува со тебе. Само редовно плаќај сметки.
Следи медиуми, биди информиран за се она за што тие сметаат дека треба да бидеш информиран. Пермаментно учи, надоградувај го своето знаење по утврден принцип и област. Сите восприемени податоци ќе бидат применливи некогаш. Ќе ти кажат кога. Ќе го вклучат копчето. Чувај ги неоштетени за да не ти се блокира системот тогаш. Не мачи се да креираш приоритети. Некој друг го направил тоа за тебе. Биди благодарен. Биди среќен. По дифолт.
„Немој, ме повредуваш. Зошто го правиш тоа?“ – прашува роботот.
Додека од една страна се прави обид да се создадат машини кои ќе изгледаат, ќе размислуваат и чувствуваат како луѓе – од друга страна успешно се програмираат мислите и чувствата кај луѓето.
Науката се обидува да создаде роботи со чувства.  Општеството луѓе без чувства.


п.с. објавено на http://oksimoron.blog.mk на 

јули 14, 2010 13:46


Коментари:
  1. „Науката се обидува да создаде роботи со чувства. Општетството луѓе без чувства.“
    вистина…
    поздрав… :)
      prezviterkozma — јули 14, 2010 @ 14:00
  2. сите ние среќни под светлината на вештачката месечина..
      kihuПотру — јули 14, 2010 @ 14:25
  3. епа колешке!?…епа!…епа колешке?!
    епа…стај се` на USB-то и отвори со нова верзија
    која е у подготовка! :) :)
    п.с. да не знаев, ќе се чудев: шо пишуе ВАА? :)
      batadjango — јули 14, 2010 @ 15:49
  4. изрецитирано, како на метроном. сум заборавил колку е моќна кратката реченица.
      ribaro mk — јули 14, 2010 @ 15:56
  5. Рестартитање!
    Токму тоа е она што ни треба на сите одвреме на време. :-D
      effo — јули 14, 2010 @ 17:55
  6. Презвитер Козма,
    обратни општествени науки :)
    поздрав
    Киху Потру,
    …на металната планета која сјае од одсјајот ;)
    Бата Џанго,
    е па колега, е па шо! ВАА е на одмор ;)
    викаш, надградена и проширена верзија ќе има?! :) )
    Рибаро,
    како на метроном… машински, роботски стил ;)
    инсистирањето на концизност ми е маана која се обидувам да ја претворам во доблест :))
    Еффо,
    рестарт, до следното блокирање ;)
    или до следната надградба на системот :)
      оксиморон — јули 15, 2010 @ 11:08
  7. Одамна те немаше… да не беше на форматирање?
      partik — јули 15, 2010 @ 12:06
  8. Партик,
    ми блокира системот…
    Ако нема фајде од рестартот – форматирање му е мајката! :)
      оксиморон — јули 15, 2010 @ 15:24

Ток Шоу – Дуел со Бранко

Лидерот на опозицијата бара ТВ дуел со лидерот на позицијата т.е. премиерот на РМ. Бил подготвен да разговара за се‘ за да можел народот да процени кој е во право. Мора да се признае -  добра самопроценка направил . Освен ефтина забава од типот на Ток Шоу-а, друго ништо и неможе да му понуди на народот.
Народот проценува на избори Бране. А резултатите од последните 3-4 изборни цуклуси ги знаеш. Проценет си.
Затоа батали политички пресметки, ионака си пензиониран на тоа поле. И официјално. Но, со оглед на твојот талент за Дуели, сеуште има надеж за тебе. Штета е да пропадне таква вештина. Ти си добар лидер. Водач. Водител. Кога ќе се спои тоа со желбата за ТВ Дуел, би се добила одлична комбинација – водител во Ток Шоу „Дуел со Бранко“!  Секоја недела во петок навечер. Додека на А1 оди „Опуштено“ со Тони и Део, на Сител „Кој те шиша“ со Жаре Бербер, на Канал 5 „ Миленко шоу“ а на Македонската телевизија (прва програма) „Гласот на народот“ со Томич – на Алфа ТВ нека биде „ Дуел со Бранко“ .  Изедначена борба за гледаност ќе биде тоа.  Ако се избалансираат добро рекламите (со меѓусебен договор, де) ќе може човек да изгледа барем две Шоу-а во исто време.
Кога веќе споменавме реклами, секое квалитетно Ток шоу има и квалитетни спонзори кои се рекламираат во истото. Додека „дуализираш“ со гостите, ќе си пиете Скопско пиво а гледачите ќе имаат шанса преку СМС да освојат награда – „краток курс за шверцување“ или „обука за брза приватизација на 2 години со законски пречки“.
Ма, ќе биде тоа хит шоу! И ти во елемент. На елементарно ниво. Во македонскиот политичко-забавен периоден систем.


п.с. објавено на http://oksimoron.blog.mk на 

март 17, 2010  10:17


Коментари:
  1. filip22 вели:
    март 16, 2010 на 10:00 pm
    partik-Ама ти си јанлаш.Погледај на ХТВ имаш секоја вечер дуели меѓу позицијата и опозицијата,на било кое ниво.Кој бега од дуел значи нешто крие или нешто ќе прави што не е во ред.
    Што се однесува за поларизацијат и тука си јанлаш.Вистна дека таа е строга и контролирано но,ако ги погледнеш анкетите ќе видиш дека Премиерот е далеку над сите,неговата партија е далеку нада сите напред.Само тоа навидум е така,ова се случува некаде во 4о-45% од анкетираните,останатите 55-60% се или неопределени или незнат дали ќе гласаат.Тоа значи дека неутралното гласачко тело ја определува власта.Ове е сериозен проблем за позицијата и опозицијата.Е затоа се потребни овие директни судири пред јавноста на опозицијата и позицијата.Никој никого не смее да потцени,бројките на анкетите не го кажуваат тоа,на никого местото не му е гарантирано.На секоја енкета процетот на неопределените и тие што нема да гласаат е се поголем.За тоа изгледа дека оваа влада не е свесна.
      filip22 — март 17, 2010 @ 10:53
  2. Во секоја нормална држава има телевизиски дуели помеѓу власта и опозицијата. Само кај нас власта бега од соочување.
      anakondor — март 17, 2010 @ 11:25
  3. Треба да е јасно, како бел ден, дека сите кои се залагаат да НЕМА дуел од било каков вид, се уште поголеми плачковци и пи*ки од самиот Грујо. Грујо си тера сеир, си се полни пари, а вие тука како некои будали се трудите да му го оправдате стравот.
    Па дури и јуначки сакате да изгледате. Жалосно.
      Barabbas — март 17, 2010 @ 12:37
  4. EPA TVOJOT MIL GRUJO ODI NA TOK SOUA, A NE SE POJAVUVA NA DUELI, POSTO NEMA DA ZNAE KOJ KRAJ DA GO FATI, NEMA ODGOVOR ZA SVOJATA LOSA POLITIKA I ZA SE STO NAMERNO MU PRAVI NA MAKEDONSKIOT NAROD, KAKO GO OSTAVA DA GLADUVA A TROSI 200 MILIONI EVRA ZA SPOMENICI I SLICNI GLUPOSTI
      realnost — март 17, 2010 @ 13:46
  5. Diktatura ili Demokratija,granicata e tenka a Gruevski veke e dlaboko navlezen vo apsolutizmot,gi srusi site opstestveni standardi i vrednosti,neznam kako zaspiva,verojatno lesno zatoa sto zivee vo svetot na bajkite kade se e ubavo i nisto ne se slucuva dodeka negovite glasaci se prevrtuvaat vo krevet so prazni stomaci.Branko znae sto e odgovornost i e podgotven da zbori otvoreno i javno,dali Gruevski ke sobere hrabrost i da izleze na tv duel ostanuva da vidime?!
      karenasun — март 17, 2010 @ 13:54
  6. Во кое време е глаголот „ќе работиме“?
    Идно време.
    Во кое време е глаголот „размислуваме“?
    Сегашно време.
    Во кое време е глаголот „дебатиравме“?
    ИЗГУБЕНО време.
    Ме заболе мене увото за дуели и муабети и мерења на кого му е поголем ораторскиот капацитет.
    Дела, а не зборови.
    На таа тема, еве мој пост „Сите дебати се потполно бескорисни“:http://blogatash.wordpress.com/2010/01/08/♦-сите-дебати-се-потполно-бескорисни/
      Богдан, Нено Богдан — март 17, 2010 @ 14:36
  7. Денеска забележав дека последните два
    поста на блогот Оксиморон се полни со клевети кон мене.Во првиот
    пост „Евро Македонизам“ Вероника не го спомнува експлицитно моето име,
    но клевети дека „Граѓаните за Европска Македонија“ одработуваат некаква
    агенда за лицето БЦ.Баш ме интересира Вероника, како лично би
    … се почувствувала ако некој без никакви аргументи јавно те наклевети
    дека си била изнајмена за да одработиш за нечија политичка агенда?
    http://jasnesumjas.blogspot.com/2009/03/blog-post_3612.html
    a so argumenti?
      шербет — јули 7, 2010 @ 12:22
  8. Напишал пост „Сите дебати се потполно бескорисни“ и оставил отворени коментари – да се дебатира околу тоа ….
    :D :D :D :D
    А околу Грујо, па он нема потреба да дебатира – има висок рејтинг.
    А за невработеноста нека си дебатираат невработените …….
      vmoroid7 — јули 7, 2010 @ 12:59
  9. Шербет, овие на Милчин дружината изгледа се удрени со мокор чорап или се такви од роџење :)
      1979 — јули 7, 2010 @ 14:00
  10. Пензионеров се *уработи* супер па уште на ТВ да го гледаме!
    Инаку признавам дека е шоумен, докажано, ги акаше Македонците, со години, по керамиди.
      maat — јули 7, 2010 @ 14:54
  11. шербет
    и
    па
      шербет — декември 21, 2010 @ 17:12

Наше, а светско!

Македонската жена е модерна жена. Има француски маникир и бразилска депилација. Чекори во италијански чевли, а вози германски автомобил. Учи да игра аргентинско танго. Сонува американски сон. Се негува како египетска кралица.
Македонската жена е и вешта жена. За свечености редовно приготвува руска салата и морски специјалитети,  па ги сервира на шведска маса декорирани во јапонски стил. Засладува со швајцарска чоколада и тирамису. За интимни вечери подготвува лазањи или шпагети Болоњезе.
Се интересира за уредување на домот според Feng-shui. Тајно пазари во кинески шоп.
Македонската жена е горда и еманципирана. Празнува 8ми март со шопинг во Солун. Нејзе грчката политика и е шпанско село. А таа сака шпански серии. Пие турско кафе додека ги гледа. Додуша, во последно време има замена на потеклата на кафето и на серијата. Но суштинска разлика нема.
Македонската жена е светска жена.
Жена со големо Ж.
Спорна е само придавката пред него.

п.с. објавено на http://oksimoron.blog.mk на 

март 1, 2010 23:03


Коментари:
  1. Македонската жена ако е вработена зема најчесто африканска плата со која не може да си дозволи да оди во финска сауна :-)
      Блогдан, Нено Блогдан — март 2, 2010 @ 02:21
  2. Нено,
    башка, излегува во ирски паб а негува англиски хумор :)
      оксиморон — март 3, 2010 @ 14:22
  3. А ако мажот и се врати пијан дома од некое грчко узо или шкотско виски, ќе го прати да спие во дворот или во гаража, и тоа на полски кревет!
      Нено Богдан — март 3, 2010 @ 17:07
  4. Eh taa pridavka …
      Zobl — април 24, 2010 @ 00:44

Поддршка со задршка

Се тешка интелектуала наоколу….
Влегуваш во WC по повик на мајката природа и застануваш пред писоарот. И ете ти одма до тебе некој  паметњакович. Те гледа и упатува забелешка дека накриво мочаш. Погледнуваш надоле и констатираш дека навистина има мало застранување! Ама, сепак, останува во рамките на писоарот. Типот до тебе почнува со експертиза дека треба да се насочиш правилно, да вдишуваш преку нос а издишуваш преку уста, да вовлечеш стомак, нозете раширени на прецизно растојание, да го држиш под „тој и тој“ агол….  Слушаш, слушаш и – сфаќаш дека ти треба помош. Види шо убаво објаснува човекот, сигурно знае како треба. Па логично ти доаѓа прашањето: „а да го подржиш малце?“ И, експертот интелектуално се навредува!!! Те напаѓа вербално „гони се бе педер!“ А ти само си побарал практична демонстрација на тоа што тој теоретски го образложува. Без никаква задна/предна/странична намера.
Толку многу експерти наоколу кои знаат и умеат се‘,  а не сакаат да дадат поддршка на владата….. од чиста суета! :)

п.с. објавено на http://oksimoron.blog.mk на 

јануари 26, 2010 22:55


Коментари:
  1. Пак ли ги даваа изродите, пардон “експертите“ на грчката телевизија А1?
      1979 — јануари 26, 2010 @ 23:17
  2. Хаха…ја прво прочитав запршка, а тоа било задѓка, ама неќе да го држат а?
    Во врска со политиката
    сега се ми е онака сатирично… )
      medeno — јануари 26, 2010 @ 23:24
  3. ајдее… треба да стои задршка…ама многу ситно
    тука во простров за коментари
    така пишувам…отпролика…
    ај шаша и Розе…хаха
      medeno — јануари 26, 2010 @ 23:25
  4. Наврти му го и решен проблем. Дури и нема да се навреди, ќе остане со вилицата на земја.
      Barabbas — јануари 26, 2010 @ 23:29
  5. Добро ти е ова, браво.
      evitra — јануари 26, 2010 @ 23:29
  6. Браво,интересно,сигурно луѓето уживаат во твое присуство
    ако и разговараш така како што пишуваш…
      novajlija — јануари 26, 2010 @ 23:35
  7. Окси МА, шо навлегуеш у мушка интима??
    Сакаш ја да напишам пост за улошки??…со крилца! :) :) :) :)
      batadjango — јануари 27, 2010 @ 12:25
  8. 1979,
    пак… од позиција на министер за надворешни работи не умееше да го реши спорот со соседот, ама сега од позиција на експерт – се‘ знае! :)
    медено,
    хахаха, па и запршка не е грешка – ова експертите какви манџи прават, ехе!
    сатирата ни го одржува духот ;)
    барабас,
    има еден виц за ловец и мечка… пукајќи ја промашувал а таа за казна го сексала. И тој упорно се обидувал секој ден да ја погоди, а таа го „онадуела“(троа локално изразување, де). Еден ден му рекла – „а бе, ти на лов идеш или на секс?„
    така и експертиве…. колку и да ги навртуваат – пак се враќаат по уште ;) :)
    евитра,
    мило ми е што ти се допадна :)
    новајлија,
    во една канцеларија, под стаклото на масичката стои лист хартија на кој е испечатено:
    „Во оваа просторија секој носи задоволство. Некои со своето доаѓање а други со своето заминување“
    Така и ја. Некои уживаат а некои не ;)
    Бата Џанго,
    ами нели рамноправност, ова-она, де?! :)
    ете, ја не замерувам – пиши ти за влошките. И со крилца и без. Самолепливи или не. И ултра тенки и ултра впивливи. Со гел или без него. Секојдневни или специјални. Со две или четири крилца. Видиш колкав избор имаш. Ајмо влошки народе! ;)
    Сепак, би ти препорачала да ги земеш во обзир и тампоните. Знаеш… современ, динамичен живот денешен. Има еден добар афоризам за нив: „кога мажите би имале менструација – би се фалеле со големината на тампонот!“ :)
      оксиморон — јануари 27, 2010 @ 18:25
  9. Група независни експерти се возеле на велосипеди надвор од градот. Во еден миг, едниот од нив застанал и се симнал од велосипедот.
    Еден експерт рекол: „А бе изгледа на овој му пукна гумата“
    Друг експерт на тоа возвратил: „Не бе, не е тоа, јас мислам дека гумата му пукна“
    Трет експерт вели: „И двајцата грешите, зарем не гледате дека гумата му пукна на човекот“
    Тој што бил на велосипедот се свртува кон група експерти и вели: „Луѓе, ми пукна гумата!“
    А целата група одговара во хор: „Фала богу што е само тоа, а замисли гумата да ти пукнеше!“
    Освен еден од експертите кој во себе мудро заклучува: „Колку се само глупи луѓево, знаев јас дека гумата е пукната, ама кој ме слуша мене“
      Богдан Н. — јануари 29, 2010 @ 17:25
  10. Време : Одамна
    Мeсто : 40хх
    Тема: Зошто писоарите се ниско поставени
    Не, не дека се ниски колегите, туку многу им биле се ‘дугачки’ … :)
    Тоа небило ништо, сега им се тооооолку дугачки сто пишкаат само ако има чучавец :) ))
      Нешто — јануари 30, 2010 @ 23:20
  11. Нено,
    тоа ти е „експертско“ н(и)во на комуникација. :)
    Нешто,
    велиш, поради трансформација на грото од колегите, писоарите се веќе надвор од употреба? Ќе треба да ги распишеме у следниот попис на инвентар ;)
      оксиморон — јануари 31, 2010 @ 11:32
  12. Многу ми се допаѓа…тешко ми е да прифатам. Навистина постојат, за жал се множат.
      Ивана — февруари 6, 2010 @ 16:32

Све ќе то мила моја прекрити рузмарин, снегови и шаш…

Во 2000та година, кога се отворија архивите и секој имаше можност да побара и добие информација дали за него се воделео досие од службите за безбедност (и да го добие истото доколку постои), имав можност да разгледам едно. Досие на личност која по професија беше лекар. Велам „беше“ зашто таа личност повеќе не е жива. Но досието сеуште го имаат неговата ќерка и внуци. Во него еден дел од имињата на информаторите беа прешкртани со црн фломастер, но еден дел беа оставени. Меѓу тие читливите, беше и името на еден негов колега лекар. Во времето кога човекот ми го покажа своето досие, „информаторот“ беше инволвиран во политичкиот живот на локално ниво. Сега е пратеник во собранието на РМ.
Деновиве читам за првичните резултати од работата на Државната комисија за спровдување на лустрацијата. Долго најавуваната и подготвувана лустрација, надуена како шарен балон – ја покажа својата празна внатрешност. Хелиум за создавање на смешни изјави. Од досегашното истражување, Комисијата не успеала да најде ниту еден податок за инволвираност и соработка со службите за безбедност во минатото кај голем дел од актуелните избрани функционери. Истражувањето им се базира на досиеја дадени на увид од Државниот архив и органите на Државната безбедност на РМ. Ме интересира дали досиејата кои и се на располагање на Комисијата за вршење на нивната работа се исто така со прешкртани имиња или членовите на комисијата имаат увид во оригиналните? Која е смислата на истражување доколку се работи за досиеја во кои најважниот елемент за функционаност на комисијата е под црн фломастер? Гол формализам. Бараме да не најдеме. Или ќе почекаме да се изумат ренген наочари кои гледаат напишано под фломастери.
Владата го поминала тестот. За младите избрани функционери нема сомнеж, но што со постарите? Оние кои со децении наназад биле и тоа како инволвирани во општествениот живот? Во време кога точно се знаело кој со каква дејност може да се занимава и каков бил принципот за кариера?
Чекам да заврши истражувањето во однос изјавите на пратениците. Живо ме интересира дали личноста спомената во почетокот на текстов ќе излезе „чиста“. И уште колку „чисти“ како него има, за кои не знаеме?
Затворите ни биле полни со политички затвореници, архивите полни со досиеја, општествено-политичкиот напредок „генетски кодиран“ и наследен низ генерациите…. ама кодоши нема! Освен во народните песни. Како етно елемент. Со тек на време и тие ќе се едитираат. Почнува ребрендирањето…

п.с. објавено на http://oksimoron.blog.mk на 

јануари 17, 2010 16:09


Коментари:
  1. И мене ме интересира,не заборавај да ни кажеш.
      Charlotte — јануари 17, 2010 @ 18:00
  2. Некои познавачи велат дека некои досиеа се сместени на `сигурни` места, некои се уништени, некои се чуваат во Белград… можеби и на некое друго место… па, веројатно – ако излезат – ќе излезат имиња на некоја `ситна боранија`. Острицата не зафатот е отапена…
      sbepot — јануари 30, 2010 @ 09:20
  3. Те држиме за збор,кој е тој пратеник? :-D
    Не гледам причина барем тука, на блог да се каже неговото име.Фамилијата на кодошениот не верувам дека има нешто против.Pozz :-)
      effo — јануари 30, 2010 @ 10:41
  4. Шарлот,
    веројатно ќе има повторно прес конференција кога ќе завршат со истражувањето во однос изјавите на таа таргетна група, де. Ќе почекаме, ќе слушнеме ;)
    Ѕвер,
    оние кои ги добија своите досиеа би требало да и помогнат на комисијата со доставување на копии доколку во нивните досиеа како информатори се имиња на актуелни функционери. Боранијата е заради црните фломастери. Доколку комисијата има пристап до досиеа кои не се „боени“ и постапува совесно, бескомпромисно – постои надеж дека лустрацијата ќе се спроведе успешно. Во спротивно…. ќе добие димензии на маскенбал! :)
    Ефо,
    Има повеќе од доволно информации во постов кои го откриваат идентитетот, без сувопарно кажување на име и презиме.
    Не знам какви изјави имал потпишано кодошениот при подигнувањето на своето досие, не би сакала да ја ставам во незгодна ситуација неговата фамилија. Само би ги посоветувала да соработуваат со комисијата доставувајќи докази. ;)
      оксиморон — јануари 31, 2010 @ 11:52

Следееечи!

Откако се ослободија од пушачите, поборниците за чист воздух и здрави бели дробовија ја подготвуваат следната фаза од својот план за елиминација на загадувачите.  На многумина им сметаат издувните гасови од автомобилите. Во изработка е предлог закон за забрана на возење автомобили низ градовите. Ограничување на нивната употреба во почеток само на одредени улици, а потоа и целосна забрана.
Можеш да си купиш ама не и да возиш.  Ќе се одстранат белите линии од улиците. Целиот град да биде пешачка зона. На влезовите во градовите, веднаш до таблата за добредојде ќе стои табла со прешкртан автомобил.  Забрането.  Автомобили само на автопат.  И тоа,  на километар одалеченост од градот.
Задолжителна кампања со сликовит опис што им прават издувните гасови на белите дробови. И налепница со предупредување на секој автомобил.
Важи и за мотори, автобуси, камиони....
Се шушка дека после овој закон ќе се испитува и употребата на полиестерот во ткаенините за потребите на кампањата по повод законот „само чист памук“.
Во најголема тајност се правело и нацрт закон за забрана на капење во реките и езерата (океан немаме на жалост... или среќа :)  ) за да се спречи нивно загадување од човекот.
А јас во пуста луда надеж дека ќе се најде една забрана и за рекламите во филмовите.
Пред да се  самозабраниме како човечки суштества...
Здравје!
Ма колку нездраво и да звучи.

п.с. објавено на http://oksimoron.blog.mk на 

јануари 4, 2010 21:36


Коментари:
  1. „да се самозабраниме како човечки суштества“ … види можи на прв поглед е нездраво … али тоа е за наше добро и доброто на идните генерации … 8-) …
      gocajaska — јануари 4, 2010 @ 21:47
  2. пази, еден Загреб, но и еден куп Европски градови имаат лепенки за тоа кој може да вози низ центарот, ако не си кружиш!
    Јас, не сум да се забранат коли, али може да се воведе стандард, а тоа значи застава, фичо, југо, лади, тарабанти, шкодилаци, стари мерцедеси и слично бај бај! Иако џабе сево ова додека не и шлапнеме и минимум стандарди на ОКТА.
    Али ако …нек се среди …па нели пекаме за Запад? Ете запад!
    ;)
      alek_careca — јануари 4, 2010 @ 22:01
  3. Од извори блиски до владата дознавам дека се подготвува нов закон- ЗАБРАНА ЗА КОРИСТЕЊЕ ПРЕЗЕРВАТИВ, кој ќе придонесе за зголемување на наталитетот… Лица со посебни овластувања ќе имаат право да вршат проверка дали се спроведува законот на дело, а казните ќе бидат драстични. Ќе се казнува лицето што го употребува презервативот, како и лицето што дозволило акт со презерватив. Презервативите и натаму ќе бидат во продажба, но не смеат да се користат за таа намена за која се произведени.
    Поздрав и среќни празници. :)
      partik — јануари 4, 2010 @ 22:03
  4. шо им фали на кинезите шо си одат со точаци?
    Оксиморон, не е финтата задоволство, не е финтата шо нас ни одговара, финтата е да ја задржиме планетата, а со издувни гасови само и го скратуваме векот :-)
      zlatev — јануари 4, 2010 @ 22:30
  5. Партик
    ке ја натераат пазарна инспекција при увоз на презервативи со игла да ги дупчи еден по еден. Тоа е еден од посигурните начини дека нема да има злоупотреба.
      andrej — јануари 4, 2010 @ 22:30
  6. andrej , може и така…на тој начин ќе се намали небработеноста. Неколку лица ќе дупчат презервативи, а тајните агенти ќе се повеќе…нивниот број како и идентитет ќе остане во тајност.
      partik — јануари 4, 2010 @ 22:34
  7. Гоцајаска,
    се е тоа за доброто на идните генерации… ако ги има ;)
    Алек,
    ја сум и да се воведат стандарди – само луѓе со висина од 175 до 190, тежина од 60 до 80, складни црти на лицето и здрави насмевки да смеат да шетаат низ центар на град. Сите други по споредни улички или нека седат дома ;) :)
    Ние стремиме на запад ама и преку запад више!
    Партик,
    :) :) :) :)
    Многу е добро ова! ;)
    Ете, знаев ја дека уште некој таен закон се спрема. Благодарам за инфото, баш си другар!
      оксиморон — јануари 4, 2010 @ 22:35
  8. Партик
    кога СДСМ го донесе оној глупав пропис декларации да се лепат во бесцарински складишта настана комплетен хаос. Сите ја отпакуваа робата лепеа налепници па ја пакуваа. Се тоа беа вонредно вработени, зашто тоа траеше и по неколку дена. Кај мене имаше четири млади деца кој по цел ден лепеа по царински складишта налепници, ситна роба и многу налепници. Не кошташе ѓавол ипол таа егзибиција на СДСМ, ама јеби га кога се носат одлуки без консултации.
    Така и ова. ке се вработат луѓе за дупчење а тајните агенти ке ги распоредиш кај вулканизери да не ги лепат пак кондомите.
      andrej — јануари 4, 2010 @ 22:37
  9. андреј,
    одма се гледа кој има контакт со пазарни инспекции при увоз :)
    сите цаки им ги знаеш бре!
    Така се спроведуваат закони, на сигурно и со посветена работа од сите служби ;)
    :) :) :)
    златев,
    се согласувам со тебе, автомобилите се на ред сеа :)
      оксиморон — јануари 4, 2010 @ 22:37
  10. А после може да си направат договор со фирмата од која увезуваат да се дупат презервативите фабрички пред да се испорачаат, за да се избегне застојот тука ;)
      оксиморон — јануари 4, 2010 @ 22:39
  11. Оксиморон, јас со државни служби никогаш не сум имал проблем, Имам девиза направи како бараат не се буни ако сакаш да ја завршиш работата. Ако сакаш да тераш правдини никогаш нема работата да си ја завршиш.
    Него Златев, ако имаат намера да ја заштитат планетава тогаш ке треба ова политичариве наши последниве дваесет години кога ке починат да ги запалиме а пепелта преку станицата Мир да ја истурат во вселената. Тие и преку пепелта ке ја загадат земјата.
      andrej — јануари 4, 2010 @ 22:40
  12. andrej , тајните агенти со посебни овластувања ќе можат и во спални да се пикаат…
      partik — јануари 4, 2010 @ 22:41
  13. А бе Патрик. Па погледај ги денешниве бракови. Пола снашки трудни влегуваат во брак. Мислиш дека во спална го напраиле???
      andrej — јануари 4, 2010 @ 22:42
  14. andrej , и по коли по паркинзи и по паркови ќе се проверува…секаде каде постојат индиции дека се користи кондом.
      partik — јануари 4, 2010 @ 22:47
  15. Е ова многу е. Ке мора оваа служба сама да се финансира. Ова ке ти биде јаче од Штази. Нашиот буџет ова тешко ке го издржи.
      andrej — јануари 4, 2010 @ 22:50
  16. andrej , на почетокот ќе имаат буџет за првата плата, а потоа преминуваат на самофинансирање…Ќе добиваат процент од казните, ќе ги плаќаат по учинок.
      partik — јануари 4, 2010 @ 23:04
  17. Ние битно идеата ја дадовме, а владата нека мисли.
      andrej — јануари 4, 2010 @ 23:06
  18. Јас само да ти ја честитам новата песна.
    И да ја парафразирам:
    **********
    Кога од мука
    поради туѓите багови
    не ми успеава мигрирањето,
    раскажувај ми за вордпрес
    кој постои таму некаде,
    надвор од баговното поле.
    Ќе ме топли пркосот.
    И нема да свртам поглед
    кога сите ќе свртат грб.
    Со усни садев пцовки
    на мојот стол приседнат.
    Имаше премрзнати емоции
    стуткани пред мониторот,
    пред фајрфоксот да крахира, агејн!
    **************
    Плагијаторството е најголема пофалба :)
    Сега се префрлам комплет на друга платформа, ама не тука!
    Од инат!
      Богдан Н. — јануари 4, 2010 @ 23:40
  19. Со новиот закон за забрана на пушењето преку ноќ еден добар дел од нас станаа ризична група на граѓани со криминален потенцијал. Веројатно во човечкиот мозок постои некој центар за планирање на криминални активности. И ако не ни бил активен досеа, сега ќе се активира. Стратешко планирање на тема „како да се остане пушач“ со подтема „методи и алати за прекршување закон без да те фатат“.
    Неопходни се стратешки партнери со исти интереси. Пушачи, де. Заради логистичка и стражарска подршка. Па лоцирање простор за спроведување на забранетата дејност. И потоа чистење на трагите.
    А бе, ќе се организираме ние…. природата секогаш наоѓа начин. Еволуција, бре! :)
    А за презервативите… најдобро е како шо предлага Андреј, при увоз со контрола од пазаришна инспекција дали се продупчени сите, ако не се – нема одобрение за влез у државава. И зголемени контроли од страна на царина за сузбивање на шверц на непродупчени презервативи ;)
      оксиморон — јануари 4, 2010 @ 23:44
  20. Неноооо,
    враќај се тука и покрај баговите!
    Ми треба пркосот да ме топли!
    И покрај студот во баговното поле :)
    ајде, биди другар и придружи се во е-миграцијата ;)
    (многу добро парафразирање, махер си!)
      оксиморон — јануари 4, 2010 @ 23:49
  21. Не јас не сакам овде да седам
    не јас не можам багови да гледам.
    Да гледам блогери смели,
    со изгубени блогови цели.
    На овој нов блогерај
    му велам засекогаш бај-бај.
    Не сака на кирилица да го прими
    мојот никнејм, ко да е крими?!
    Не сака и не сака, а пробав сто пати,
    некој ко да сака Блогаташот да го скрати.
    Знам, има луѓе што сакаат да ме читаат,
    и за нив, за тие луѓе мои да не скитаат,
    штом на нов блог се преселам трајно
    ќе им јавам, ама само ним тајно.
    Блогерајов багови сеуште има,
    и не сака на кирилица да ме прима?
    Затоа нов блог веќе си правам,
    и на Блогерајов, крај засекогаш ставам.
    И ќе светне ново сонце, и ден со нов сјај,
    и ќе имам нов блог, ама никогаш пак на Блогерај!
    Nevermore!
      Богдан Н. — јануари 5, 2010 @ 01:08
  22. Ноќеска кога ќе си легнам,место да бројам овци ќе си измислувам закони и забрани…
      novajlija — јануари 5, 2010 @ 01:41
  23. Како тргнало,ќе живееме по 100 год,сите здрави и безгрешни…и со празни џебови…А пушачите(во кои спаѓам и јас)…мрш пред врата,нека тресат клинци,нека им врне во кафето…според сите закони за ненарушување на човечкото достоинсво и правото на избор…Поздрав Окси!!!
      lucija — јануари 5, 2010 @ 01:52
  24. Илегалата како последно прибежиште за нашата мала порочна слобода… На работа дружење само со колеги пушачи, по кафани јок на кафе, оти кафе без цигара е како да сквернавиш некоа светиња… Поздрав Окси!
      bluziranje — јануари 5, 2010 @ 02:05
  25. хмммммм
    а ша да ти кажем.
    мислам дека ова не си ти. од тебе зборува никотинскиот зависник. дали сакаш и твоите деца да се пушачи и зависни на никотин? ако сакаш, научи ги на оваа убаина уште од сега. шо да чекаш да тргнат у средно. м?
    ако те изпровоцираф, изброј до 10, прочитај го постот па пак коментароф е после пуцај ал фтора. батко ми је увек прф. :)
    peace
      svabo — јануари 5, 2010 @ 02:24
  26. абе никој не спомна нешто за тоа рекламите во филмовите? срам да ви е!
    да кажам нешто за пушењето? што да кажам, се откажав оддамна.
    сега земам здив. чист воздух.
      media — јануари 5, 2010 @ 03:11
  27. заборавив линкот да го ставам, нова платформа, тоа ти е.
      media — јануари 5, 2010 @ 03:12
  28. Нено,
    за кирилица сеуште се чека укинување на визите за нет, само ти треба биометриски јузер за новава платформа, биди стрплив ;)
    Ако на нова платформа пак ти се селиш,
    ако и таму багови ко овде те сретат,
    на п‘т далечен пак ли ќе се спремаш
    и в други стр‘ни ли ќе си пребегаш?
    Не, јас не можам делби да гледам
    и не можам инает да терам!
    дајте му биометриски јузер на Нено :)
    А дека и да си, јас ќе те читам… ама би ми било подраго да си тука, у близина ;)
    Новајлија,
    колку изброја? без сон остана гарант! :)
    Луција,
    треба да си основаме пушачки клубови. Има шаховски у кои се игра шах, има литераурни, поетски у кои се чита поезија и споделуваат впечатоци од книги, …. нашиот ќе си биде пушачки и во него ќе се пуши! Кому му смета – нека не се зачленува во клубот, бре!
    Блузирање,
    како беше онаа – и ние сме деца на македонија, и ние имаме право да жиивејме :)
    Швабо,
    прав си, збори зависникот во мене. Шо да му праам, има право на глас и он – демократија, бе! :)
    иначе, моите деца веќе СЕ во средно. И се антипушачи.
    Се местиш згодно ама нема да пукам. Така треси се од грижа кога ќе потегнам :-P :D
    Медиа,
    е тоа, де… а колку само живцираат. си се наместил да глеаш филм, сконцентриран, веќе влезен у него и – оп! реклами! @#$%^&*^$%#!@
    :)
      оксиморон — јануари 5, 2010 @ 08:59
  29. пињау пињау
    За сфаки случај, јас прф да си пуцнам
    ете видиш, паметни деци, не тргнале по патеката на мајка им која треба да им е узор. :)(закачко сум, шо да праам)
      svabo — јануари 5, 2010 @ 10:31
  30. Имаше околу 230 спам коментари, бришејќи ги затерав со кликањето и ги избришав и последните два коментара на постов. :) Се извинувам поради тоа на избришаните.
    Сега одбрав опција да може да се коментира само логиран на платформава, што не е баш ферски (за оние кои не се регистрирани тука). Постои ли можност да се врати она „докажи дека си човек“ за да би можело да се остави опцијата за коментирање и на нелогирани корисници а да се биде заштитен од спам пораки?
    Или можеби има некоја соодветна опција, ама јас не можам да ја видам и активирам… дајте нека каже некој кој ја истражил платформава подетално ;) :)
      оксиморон — јануари 11, 2010 @ 07:59