Wednesday, February 01, 2006

За наше добро

Да користеме македонски производи.
Се селам на македонскиот блог сервис.
Новата адреса е =

oksimoron.blog.com.mk

Tuesday, January 24, 2006

Диоптер

Хоризонтот на можности ни е ограничен. Разгледуваме околу нас, се ѕвериме, па мижеме и пак се ококоруваме. За трговци не не бидува. Скапо купуваме, ефтино продаваме. А и глупоста (природна или фингирана) нема маржа. Во обид да ја избегнеме реалноста се препуштаме на илузиите. Идеализираме. Бараме висок стандард при ниска свест. Навлегуваме во капитализмот, а сеуште криеме во пазувите парче комунизам. Далекувиди сме. Сериозно нарушување на видот е тоа. Гледаме надалеку, а тоа што ни е пред нас ни е замаглено и нејасно. Очите ни се свртени кон Европа, погледот ни е толку сконцентриран што солзи ни навираат. Без трошка самопочитување бараме почит од другите. Некој треба да и купи очила на владата. Со диоптер + , да може да гледа и пред себе. Да ги забележи колоните на луѓе пред заводите за вработување, да ги забележи статистиките за месечните примања на народот. Да направи разлика помеѓу тие приходи и расходите кон наметнатиот европски стандард во поглед на сметките за вода, телефон, струја, греење ... И пред се, да ја види маката на најбројната категорија производители во државава. На земјоделците. Нивниот тутун, грозје, пченица, овошје, зеленчук како и производите на сточарството – млеко, сирење, волна, кожа, месо, јајца. Тоа се производите на Македонија. Немаме електронски чипови, немаме силиконска долина, не произведуваме автомобили, ниту делови за нив, ниту пак некоја којзнае каква технологија. Паметот ни бега надвор од државата, го извезуваме бесплатно. Со него и идеите. Земјата, кутра, не може да замине. Останува засекогаш и чека да биде обработена. Чека да ни даде плодови. А ние само напразно ја газеме. Сите инвестиции ги потрошивме на меѓусебни надмудрувања. Наместо да ги искористиме ресурсите кои ги поседуваме. Секоја година се помали површини земја се обработуваат, од причина што земјоделието ни е непрофитно. Невладино (владата се откажа од него), непрофитно (не се заработува од истото) а сепак бројно (уште тоа му остана на големиот % невработени). Според своите карактеристики како да е дел од невладиниот сектор. Но, не е. И тие се подобро платени. Шетаат по семинари и као се едуцираат. Што ли толку имаат за учење? Зарем толку многу пропуштиле на училиште додека се улизнувале наоколу? Ама, за нив во некој друг пост. Овој ми е за земјоделието. Кога владата би се ангажирала околу него (барем колку што се ангажира околу наместувањето на анкети), кога би креирала поволни услови за негов развој и гарантиран пласман на производите – би го подигнала стандардот на најбројната целна група во народот. А, кога народот има повисок стандард, има и државата. Зашто, државата – тоа е народот. Да не идеализираме барајќи нешто што го немаме. Да го земеме тоа што го имаме и оптимално да го искористиме. Така ќе си го проширеме хоризонтот и ќе гледаме појасно. Без замаглени фигури кои ќе не спрепнуваат.
Има многу лекари, доктори во политиката. Се надевам дека некој од нив е очен. Дајте, нека и помогне некој на владата да си го подобри видот.

Sunday, January 22, 2006

Оптимисти и песимисти

Македонските политичари се оптимисти. Веруваат во подобра иднина. Знаат дека таа подобра иднина е таму некаде и не чека нас. Затоа и го убедуваат народот со својот глас да им даде виза за да го започнат тоа патување, таа авантура од четири години потрага по подобро утре. Ако тргнат денес, ќе втасаат вчера и ќе ни го донесат тоа утре, т.е. денес, ама на поинаков начин. Зашто, начин секогаш има. Без оглед дали се позиција или опозиција, нашите политичари се секогаш оптимисти дека баш тие, баш сега, ќе го пронајдат вистинското, оригиналното подобро утре. Подобро од сите други подобри утра на противничкиот табор, кои се лажни. А за да осамне, треба прво да се стемне.
Народот пак, ни е песимист. Не верува во подобро утре. Ни вчера, ни денес. Гледа само црнила пред себе. И зад себе, и над себе, и околу себе. Црниот ни народ. Велат – „ Песимистот е само добро информиран оптимист“. Лажат. Народот никогаш немал пристап до информациите. Ние дури сеуште немаме закон за пристап до информациите. И таму е мрак. Информатички. Политичарите (оптимистите) работат во тајност. Таинствено се смешкаат и кога се сериозни. Таинствено шепотат дури и кога гласно, демек отворено, говорат. И тие некогаш биле дел од народот. И тие биле песимисти. Некогаш одамна. Ама, ете, времињата се менуваат. Станале оптимисти. Имаат верба сега. Веруваат во себе и своите способности. Самобендисано, самозадоволно.
Не е песимистот добро информиран оптимист, туку некому се стемнило за на друг да му осамне. Не зборувам за утрото, она гореспоменатото „подобро“. Зборувам за информациите. Поларна ноќ во Македонија.

Saturday, January 21, 2006

Против ЗА комунизмот

Гледам се разви дискусија по нетов за иницијативата за укинување на комунизмот како идеологија. Иронично е што во негова одбрана избрзано искочија оние кои досега се декларираа како демократи, револуционери, борци за слободната мисла и нецензурирано изразување. Веројатно искочија по инерција, навикнати да бунтуваат против сите забрани. А забраната (укинување) на комунизмот како идеологија, всушност е забрана (укинување) на забраните.
Комунизмот е утопистичка идеологија. Убаво звучи на хартија (теоретски гледано), но во практиката е неизводлива, неиздржлива. Комунизмот е матрица која ја исклучува индивидуалноста. Единствената слобода која ја нуди е слободата за претопување во масата. Во комунизмот нема ЈАС има само НИЕ. Веројатно основоположниците на комунизмот ги запишале основните начела набљудувајќи некоја кошница со пчели или мравјалник. Го препишале на хартија нивниот систем на функционирање. Велат, комунизмот не бил нацизам. Точно е. Нацизмот забранува други нации освен својата. Ги уништува. Комунизмот ги почитува сите нации, но забранува мислење и размислување различно од своето. Го уништува индивидуалното како штетно за колективното.
Скоро сите, верувам, сте го гледале филмот „ Матрикс“. Е па, матриксот воспоставен од машините е пандан на комунизмот. Сите живеат во илузија. Илузија која се следи и контролира од страна на редарите на матриксот (оние лошите, де). Една мала група револуционери се бори против матриксот (комунизмот). Нео, Морфиус и компани. Тие стануваат дисиденти затоа што сакаат да размислуваат со своја глава. Да излезат од ограничениот илузорен свет и да ја видат реалноста таква каква што навистина е. Да одлучат сами за себе.
Не многу одамна, и ние живеевме во комунистичко општествено уредување. Безумно се следеше едноумието. Фабриките беа на народот, приватните стопанственици се прогласуваа за алчни капиталисти, образованието беше бесплатно, процентот на вработување во корелација со платите – колку повеќе вработени, толку понисли плати (фондот на платите беше утврден во однос на работната одржливост без оглед на бројот на вработени). Изборот на храна и облека беше сведен на нивото на домашното производство. Само една (државна) телевизија и неколку печатени медиуми (пак државни) кои инструинирано не држеа во мисла дека ние сме најпаметната, највредната, најдобрата држава. Претседателот ни беше доживотен (као монарх), немаше избори, немаше различни ставови (барем не јавни). Наизглед сосем идилична слика. Урамена, закачена на ѕидовите едноличност варосани со боја на еднаквост. За да се одржи таа идила, во позадина имаше високи задолжувања на државата. Задолжувања кај „омразените“ ни капиталистички држави. Имаше одземања на приватни имоти и нивна трансформација во општествени. Имаше прогонувања од државата. Имаше тајни полициски досијеа и тајни политички затвори. Имаше строга цензура. Бевме изолирани од светот, доволни самите на себе. Не можеше секој да пишува што сака. Ниту да каже дека не се согласува со нешто, дека мисли поинаку и има различни ставови. Конструктивното опозиционерство беше етикетирано како деструктивно делување. Тоталитаристички мрак пред оци. Мрак за прогресот зад темните наочари на паролата за еднаквост.
Во природата владее законот на посилниот. Опстојуваат и еволуираат оние кои ги следат законите на природата. Нема еднаквост. Предноста е во различноста. Зашто, различностите се надополнуваат едни со други. Природната селекција ги отстранува неподобните, нефлексибилни и неконструктивни елементи. И во идеологијата постои еволуција базирана на селекција. Продолжуваат посилните, поиздржани идеологии. Комунизмот отпаѓа.

За крај, еве еден цитат од колумна на Марјан Ѓорчев ----
-----Може ли сите да се согласуваме------11-11-2004

„ Крајниот дострел на политиката во современите услови на живеење е да овозможи развој на човековите перспективи според индивидуалните способности на луѓето. Тоа ќе овозможи создавање на приближно еднакви шанси за успех на припадниците на различни општествени групи и подигање на свесноста за потреба од кохерентност на индивидуата и одделни групи со заедницата. Политиката ќе мора да изнајде нови методи на влијание врз поединецот и врз општествените групи. Останува наджта дека позитивните аспекти на разликите помеѓу луѓето можат да бидат предизвик за поинаква, а сигурен сум, и подобра иднина од минатото“

Советници

Премиерот има нов советник. Уште еден во низата. Бисери. Ко шо пее Кочо - „..Како на вратот ѓердани, ниски камења студени....“
Премиерот, како претседател на владата, која е избрана од мнозинството пратеници во парламентот, кои пак се избрани од мнозинството на излезени гласачи, кои пак се полнолетните претставници на народот.... е претставник, значи, репрезент на умствените капацитети на државата ни. Прв меѓу еднаквите. Попрв и од претседателот, кој (според уставните определби) ни е маскота за украс, сликичка во албумот на државното ни уредување. Но, не ми е зборот сеа за Претседателот. Ваков, таков, онаков, секаков и никаков....нека го, нека се слика. Ќе дојде и он на ред. Зборот ми беше за премиерот. Не е лесно да се води една држава. Многу елементи се во игра, т.е. елементарна игра е тоа. Под налетот на општата малодушност, паметот на човеков се сви. Почувствува кутриот немоќ, му снемало идеи, му се потрошил вокабуларот од политички ветувања, фрази и догми - па си земал освежувач на здивот и умот. Си земал уште еден советник. Оно, од досегашниве немаше многу фајде, па сеа, еден мање-више...ама, ај!
Советникот на репрезентот на државните умствени капацитети, по аналогија е советник на сите нас, односно на дел од нас, т.е. на оние кои плаќаат данок, де. Оти, советниците не советуваат за џабе. Умот е скапа работа. Нашиве политичари тоа најдобро го знаат. Бидејќи во медиумите постојано се труби за одлив на мозоци, тие решија да им ги затнат устите (исушат пенкалат, расипат тастатурите) и да почнат да увезуваат памет. Добра работа е тоа. Обично се увезуваат нешта кои ги нема доволно во државата, а се потребни. А покрај толкав извоз кој е слободен и перманентно се зголемува стимулиран од невработеноста, паметот стана дефицитарен. Извезуваме млад, зелен памет а увезуваме стар, презреан. Може и овој нашиов извезен, кога малку ќе созрее, ќе ни го спакуваат и повторно понудат. Као со праските што ни правеа словенците. Ќе ги откупат речиси беспари а потоа ќе ни продаваат скап Фруктал . Од нашите праски. И ајварот, наше било името. Па од наши пиперки го прават, бре!Ним не им се исплатува да одгледуваат, коа можат да си купат ефтино. Ама, ај да не забегувам. Друга тема за муабет е тоа. Муабетов сеа ми беше за увозот на памет. Колкави се тарифите, со која царинска стапка се царини, ДДВ, акциза?? Колку кошта паметот кој го увезуваме? Бидејќи го плаќа државата, а државата – тоа сме сите ние, имаме право да знаеме. Колкав е хонорарот на увезените советници?


П.С. Башка, ме интересира и кои се тие пари кои на новиов советник му помогнаа од својот вокабулар да го избрише префиксот „славо“ и во неговиот резон се модулира БЈРМ во Р. Македонија? И, ако е тоа начинот – зошто не ги земеме за советници и грците? Ќе збереме пари, ако треба ќе работиме на црно по иностранството, ама ќе им го исплатиме магичниот советнички хонорар и ќе си го откупиме името кое ни го држат во залог. Има Македонија пари за странци, само памет нема.

Thursday, January 19, 2006

Идентитет

Откако се одбив од дното на врвот, лебдеев на врвот од дното. Можев и подалеку од блискоста. Длабоко во плиткото. Почнав завршувајќи и завршив почнувајќи. Некаде под, над, зад, пред, помеѓу.... Ја пресретнав избеганата мисла. Помина покрај мене. И се прашував што ли сакаше да каже ?! Ја слушав тишината. Прегласна беше. Врева без тон. Егзактна апстрактност. Црвеното синило го изми жолтото зеленило. Безбојно виножито остана зад небото, некаде под погледот. А помеѓу мене и моето его, споени дистанци од блискост. Јас не сум јас и ти не си ти. Јас сум ти, ти си јас. Значи - нема, не постои ни ТИ ни ЈАС. Толку сме туѓо наши. Ничии, а сечии. И сепак... само свои.

Monday, January 16, 2006

Баланс

Ако на мудроста се додаде малку лудост, го имаме ли Соломонското решение пред нас? Ако на привлечноста се додаде малку одбивност, се добива ли така рамнодушност? Ако капитализмот го зачиниме со доза комунизам, ќе добие ли вкус на социјализам? Плурализмот контра едноумието на вагата од безумието. Екстремна умереност за неурамнотежената рамнотежа. Мерка за премерената немерливост. Индиферентноста е балзам за замрсените мозочни вијуги. Ја изедначува различноста со еднаквоста. Општа специфичност. Само незаинтересираноста лебди бестежински. Се друго е привлечено од силата на интересите и тежи на површноста со својата длабочина. Разочарувањето е и причина и последица на очекувањата. Без очекување нема разочарување од неочекуваноста. Причините и последиците се реперкусии на предвидената непредвидливост. Колку е посилно светлото, толку е потемна сенката. Прекршувањето на светлиот мрак во безброј мали темни светлини дава нијанса на средните крајности. Избалансирана рамнодушност. Целосна нирвана.

Tuesday, January 10, 2006

Сонувачи

Ако морето е паднатото небо на Лорка, немој да се удавиш обидувајќи се да леташ во длабочина. Немој да станеш школка на дното која сонува низ шепотот на брановите на површината. Заплови низ него на своите соништа и биди сјајна ѕвезда. Блескај неугасливо со својата имагинација. Макар и на паднато небо. Рајот е во нас, ние не сме изгонети од него, само сме излегле од својата кожа со ангелски крилја. Верувај во своите соништа и повторно ќе израснат. Побели и помеки. Само сонувачот го слуша виолетовиот глас на вечноста во воздишката на погледот. Потрчуваат тогаш бистрите водени капки и го стасуваат виножитото. Сонувај, но немој да ги преспиеш своите соништа.

Sunday, January 08, 2006

Пируети

Потскокнуваш весело
над лизгавата суета
и се вртиш кружно
околу своето его.
Стриптиз пантомима
го изобличува душекот
од мојот кревет.
Гримаси на страста.
Ме вртиш, те вртам,
се вртиме заедно
во пируети на екстаза.
Театрален поклон
и драматично бегство
од сцената на мојата соба,
до следниот чин.
Аплаудирам со насмевка.
Сакаш аплаузи.
Се враќаш на бис.

Friday, January 06, 2006

Неморален морал

Неуверливо уверување за продирање во длабочината на плитката морална димензија на совршенството. Не сакам совршенство. Здодевно е. Предвидлива непредвидловост која ме одбива. Привлечноста е во обидот да се прифатат неправилностите како правилни. Глорификацијата на моралните карактеристики кај поединците предизвикува омаловажување на инстинктивните нагони кај истите. Ги дефинираат како неприродно природна вроденост на неродените сетила. Ако верноста е прашање на моралот, неверноста е премолчен одговор скриено откриен во шепотот од ехото на гласната хипокризија. Искреноста е доблесна маана. Кога лагата е поприфатлива од вистината, го заштедувам времето кое непотребно се троши за објаснување на неприфатливите одговори. Теоријата и практиката се некомпактно компактни. Моралните правила сосем неодредено ги одредуваат параметрите на духовната еволуција. Правила кои ја ограничуваат неограниченоста. Ја покоруваат слободата. Диктирање на морал е неморална диктатура. Не сакам правила. Ги почитувам единствено кога ги кршам. Ни требаат нови ефтини вредности. Овие станаа прескапи за карактерниот стандард на бескарактерното духовно општество.

Wednesday, January 04, 2006

Хипокризија

Театар од разиграни, распеани фрази костимирани во шарени мудрости. Лица со суверена неидентификуваност под слоевите куртоазни мимики. Секогаш некои други, никогаш свои. Дволичноста дури и кога би се сопнала од својата едноличност, не би паднала на грб. Едноставно не може. Има само лице, лице и пак лице. Безброј лица, ниеден грб. Ниту за потпирање. Ниту за вртење во знак на збогум. Има лице и за безличноста. Стабилна маска за одраз на нестабилноста. Избраздени карактерни црти на бескарактерноста. Импресивен релјеф емоции на голата површност. Формална неформалност на пронајдената изгубеност. Реална илузија која ја мразиме со обожување. Ја прифаќаме неприфатливо лажната вистина. Ја земаме под свое како да е туѓа. На тој начин станува наша. Не претставува такви какви што не сме. Какви што никогаш нема ни да бидеме, а сепак сме. Хипокризијата е маневар на суетата во фиктивниот простор на фактичката ограниченост на емоциите. Маневар за избегнување на острината на затапените сетила. Маската креирана за другите со тек на време продира во кожата и станува лице кое ви се потсмева во одразот на огледалото додека возљубено се смешкате на својата вештина да бидете други. Внимателно побарајте го своето лице под сите тие слоеви пред да биде доцна.

Tuesday, January 03, 2006

Мрак

Не гасни го светлото.
Темнината нема да ја сокрие
валканата страст во нас.
Остави го срамот пред вратата
и влези самоуверено
во мојот кревет.
Ѕверот кој се буди во мене
е сојузник на твојата потсвест.
Покорува за да ослободи.
Не гасни го светлото.
Мракот е во нас.

Monday, January 02, 2006

Прагматичност

Прагматичноста дозволува оптимална доза на лудило. Ирационална логика во синтезата на разионалните анализи. Дозвола за забрана на забранетите теми. Не постојат такви теми, а дозволата за забрана на непостоечкото е прагматична одлука. Во реката од моите мисли се слеваат потоците на разумното и неразумното, аверзија и емпатија, мудрост и глупост, индиферентност и интригантна заинтересираност, љубов, тага, рамнодушност....сите топли и студени струи се мешаат истовремено во мојот оксиморонски прагматизам. Отворени се сите опции на опционалната алтернатива. Забранети сите забрани. Мудро е да се биде луд со одбројувањето на времето како потрошна категорија во безвремената димензија на интердимензионалноста. Класификацијата декласифицира. Универзалноста е во индивидуалноста. Параметрите се прецизно неодредени. Дозволете си доза лудило. Бидете прагматични.

Апсурдност

Темелите на апсурдот се во нас самите. Во нашите неограничени можности за ограничување на перцепцијата. Сведување на генерализацијата до степен на личен резон. Врелата пареа на непознатото во допир со студената ограниченост за прифаќање и запознавање на истото кондензира во логични ставови за нелогичноста. Аматерската професионалност ги класифицира нашите незнаења во системот од познатите непознати. Совршено уреден хаос од подредени безредија во хиерархиски низи. Отфрлање на прифатливите теории и дефинирање на недефинираноста како разбирлива сама по себе. Едноставноста е прекомплицирана за да се прифати како солуција. Спротивностите се привлекуваат, идентичноста се одбива сама од себе. Изградени сме од привлечните сили на одбивната спротивставеност. Растргнати сами во себе од самите себе. Не постои апсурдност надвор од нас. Ние сме апсурдот.