Wednesday, January 04, 2006
Хипокризија
Театар од разиграни, распеани фрази костимирани во шарени мудрости. Лица со суверена неидентификуваност под слоевите куртоазни мимики. Секогаш некои други, никогаш свои. Дволичноста дури и кога би се сопнала од својата едноличност, не би паднала на грб. Едноставно не може. Има само лице, лице и пак лице. Безброј лица, ниеден грб. Ниту за потпирање. Ниту за вртење во знак на збогум. Има лице и за безличноста. Стабилна маска за одраз на нестабилноста. Избраздени карактерни црти на бескарактерноста. Импресивен релјеф емоции на голата површност. Формална неформалност на пронајдената изгубеност. Реална илузија која ја мразиме со обожување. Ја прифаќаме неприфатливо лажната вистина. Ја земаме под свое како да е туѓа. На тој начин станува наша. Не претставува такви какви што не сме. Какви што никогаш нема ни да бидеме, а сепак сме. Хипокризијата е маневар на суетата во фиктивниот простор на фактичката ограниченост на емоциите. Маневар за избегнување на острината на затапените сетила. Маската креирана за другите со тек на време продира во кожата и станува лице кое ви се потсмева во одразот на огледалото додека возљубено се смешкате на својата вештина да бидете други. Внимателно побарајте го своето лице под сите тие слоеви пред да биде доцна.
No comments:
Post a Comment