Friday, April 04, 2014

Муте

На далечинскиот управувач за ТВ има едно копче кое е именувано со „ Mute“. Прекрасно копче. Многу ми се најде синоќа додека ја гледав емисијата „Чуму“. Штом Шеќеринска ќе зинеше, го притискав наведеното копче и чекав додека не престанат да и се движат усните за пак да притиснам. Уживанција. Се спасив од брзозборките пропаганда и притаен догматизам. Не ме погоди ниеден збор од рафалната манипулација.Дамата е како атомска мравка. Со своето енергично говорење го уништува трпението на многу попаметните и постручните учесници во дебатата. Оние кои со помалку зборување кажуваат повеќе. Аргументирано и издржано. Ама, Шеќеринска очигледно има проблеми со слухот. Кога едно сетило се развива, друго закржлавува. Научила да зборува но го изгубила слухот. Не ги слуша потребите на граѓаните, на избирачите, не ги слуша аргументите на соговорниците, наглува е и за примедбите на водителите на емисиите, на забелешките на гледачите...се слуша ли воопшто и самата себе си?!
И, кога таа не умее да слуша, зошто ние да ја слушаме неа?
Некои паметни луѓе измислиле копче ко синоним на жаргонскиот израз за догматичари од типот на Шеќеринска. MUTE.

п.с. објавено на http://oksimoron.blog.com.mk на 1 Март, 2006 - 11:02

Коментари:
  • ...света констатација! Ај Агриииииии! (s2xii 1 Март, 2006 - 11:20 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • You have made my day. Линкни се на http://mecetousko.blog.com.mk/node/6954 Дај една кампања да напраиме blogers agains Шеќеринска. Заслужува да биде мутирана (mute).(Мечето Ушко 1 Март, 2006 - 11:35 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Тоа однесување има еден назив „егоцентризам“. Тоа воопшто не значи „егоизам“, макар што во дадениов случај и тоа е применливо. Значи, егоцентризмот ти е состојба на психата која постои кај децата до предшколска возраст (иако мислам дека ја подигнав границата) и претсатвува неможност за согледување на работите од друг аспект различен од сопствениот. Така што кога тие луѓе нешто мислат или кажуваат мислат дека сите го разбираат нивниот начин на гледање на работите, па дури и дека го одобруваат, бидејќи тој (според нив) е и единствен правилен вистински и објективен. Не се свесни за постоењето на субјективноста, а најмалку за својата.
    (Bi 1 Март, 2006 - 12:30 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Симпатично. Човек да не поверува. Па, нашите до вчера востоличени идеали, пресликани во името на политичарите, како да подзбревтуваат, закачени од разните чичеци блогерски, кои ете почнаа да никнуваат. Пат низ трње. Ако мене ме прашувате. Немојте само толку силно да нагрнете по нашиве политичари, да не треба по некоја година да стааме огласи за барање на истите, пошто никој нема да се јавува за политичар. А и кој сака да го оди патот низ трње, пошто на времето се одеше по ливада, со цвеќиња. Друже Тито љубичице бела - ви текнува. (tarun 1 Март, 2006 - 12:45 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Освен mute на даљинското има уште едно многу корисно копче против секаков вид на бљувотина. Обично копчето е црвено и на него пишуе off/on. Само тоа копче е лекот за г-ица Шечерка и нејзината банда (независно од која провиниенција, љева или десна, СеДеСеМ или ВеМеРо.) Или друг совет.
    http://www.istoricar.blogspot.com/
    (кибицер 2 Март, 2006 - 00:41 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Другиот совет е наместо муте или офф/он боље е да го промениш каналот. (кибицер 2 Март, 2006 - 00:48 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Би ја онадел Шеќеринска? (Тувок 2 Март, 2006 - 03:27 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Би, како и секогаш, гаѓаш право во центар, душо. Ако некогаш играме пикадо, те сакам во мојот тим. Smiling
    А за Тувок...онадување како збор инсинуира цела палета од дејствија, а јас не сакам да ја барам нијансата на конотацијата во која е наведена - нема да толерирам такви коментари во иднина.
    (oksimoron 3 Март, 2006 - 00:44 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Сега кога во јавност се дозна дека македонски граѓани се дрзнуваат да го исклучуваат тонот на телевизорот додека Рада држи политички говори, на либерал-марксистите им остануваат два избора: или ќе донесат закон со кој ќе се забранува производство, пуштање во промет и употреба на далечински со MUTE копче, или ќе ја апгрејдираат Рада.
    Мутираната Rada 2.0 ќе излезе на пазарот за време на избори и ќе има нови features:
    1. Со едната рака ќе зборува (покажува) со јазикот на глувите.
    2. Во другата рака ќе држи батериска лампа и со неа ќе „титка“ со Морзеова азбука.
    3. Со остатокот од телото ќе прави пантомими.
    4. Атомската мравка ќе емитира на сите страни и ќе ги напаѓа сите сетила.
    5. Исто, ќе и' го сменат и voice процесорот, па по апгрејдот ќе зборува уште побрзо.
    6. Ушите ќе и' ги отстранат и ќе и' монтираат звучници на кои ќе се слуша симултан превод на јазиците кои ги зборуваат барем 20% од Европјаните.
    7. На челото тетоважа - знамето на ЕУ.
    8. Во седло пушка берданка, за појас бомба кашикара...
    Ај, забегав јас. Греота е да се брише на толку куцкање. Smiling
    (GoodBytes 5 Март, 2006 - 06:08 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • GoodBytes...
    Smiling))))))))))))))))
    Ја штипам, апам и понекоаш шамарам, ама ти...ја подбра на клоци,бре!
    (oksimoron 5 Март, 2006 - 15:40 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Го/ја разбирам оксиморон: кон многу наши (и не само наши) политичари просто имам рефлекс на гадење ко ќе ги видам&слушнам... Но, во контекстов мислам дека вакво жестоко и исклучиво ад хоминем демонстрирање на гадливост не е океј. Бар еден аргумент да се даде?! Но, две прашања генерално се важни ради постов: колку ние воопшто можеме компетентно да судиме за работата на министрите? (стара тема, нели целата политика се претвора во ПР, тоа уште Хана Арент го збореше, за спинерите и манипулантите!) И второ: ако веќе судиме по реални (или видливи) параметри, Шеќеринска е еден од најдобрите министри во историјата на РМ! Го изработи кандидатскиот статус, создаде една сосема нова институција (Секретаријатот за еу интеграции) која изглеа (нагласувам: изглеа!) најпристојна државна институција, во која главно работат млади и паметни... На крај, мислам дека Ш заслужува повеќе респект и ради чисто родова сензибилност! Ни требаат повеќе жени во политиката! Мене, па, ми се гади ептен од мачоистичкиот стил на скоро целата наша јавна сцена, а негови главни носители се лидерите на партиите! (Рез(име) 6 Март, 2006 - 14:22 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Ту како мене не ми текна за ова - добра идеја ке запаметам за другпат :):) (Моја Македонија 6 Март, 2006 - 23:54 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Бурлески

    Корупцијата во државата ни има класични вредности. Нем филм. Ја гледаме, не ја слушаме. Така барем власта ја објаснува својата неумешност да се справи со неа. Борбата против корупцијата ни била оневозможена поради законот за прислушкување. Тешка артилерија. Требало законски да се прислушкува незаконското. Не како досега незаконски законското. Се е наполно јасно, логично, само законите ни се нејасни, контрадикторни.
    Одамна сме влезени во ерата на дигиталните ефекти. Секојдневно ги гледаме во многубројните политички дебати. Тркалезни маси за аглести теми. Технологијата на преживување ни е научна фантастика. Мора да се вселенски параметрите, зашто човечки сигурно не се. Државниот капитал исчезнува во црната дупка државна власт. Коруптивноста напредува, се развива, еволуира во посуптилни форми. А борбата против неа сеуште ни е ретро. Слика без тон. Потребно било да стапи на сила законот за прислушкување, па да можеме да го добиеме звукот на филмот кој со секојдневните нови продоженија добива димензија на сапунска серија. Мене ме интересира кој јазик ќе се употребува тогаш. Дали на распишувачите или на апликантите на тендерите. Сеедно – се навикнавме на повеќејазичност. Но, веројатно за да нема забуни, владата како и досега ќе ги договара со пантомима, а фабрикантите ќе титлуваат. Додека не се изгубеме во преводот.
    Во меѓувреме ќе си гледаме бурлески. Тој зема од оној, другиот трча по него, овој се спрепнува но станува, доаѓа полицијата ама ја надмудруваат, како торти летаат изјави и замачкуваат лица очи, па се бришат со ракави а од нив се истураат асови, бркотници од пресови, по некое кутренце случаен херој ........Ех, да беше жив Чарли Чаплин! Имаше допрва да учи нови финти.

    п.с. објавено на http://oksimoron.blog.com.mk на 27 Февруари, 2006 - 18:03

    Акварел

    Ги цртам зборовите кои напишани не умееше да ги прочиташ. Го сликам звукот на изговореното, а неслушнато. Нијансирани емоции за тродимензионален ефект. Задебелени линии соништа и нежно розева романтика која фрла темна сенка премолченост. Отпечатоци од разводенети чувства подредени во розет. Недооформени орнаменти копнеж. Контури на страста, премачкана со боите на бледи предрасуди. Колку потези од четката немарност се потребни за да се прекрие целосно? Насликувам уште неколку насмевки и ги сенчам погледите да добијат израз. Неколку вкрстени линии љубов.
    Го закачувам на ѕидот така неисушен и го прскам со капки разнобојни фрази. Оставам да потечат и се измешаат меѓусебе во шарен дијалог.
    - Еј! Види , детски цртеж! – коментираш.Да. Едно дете сака нешто да каже. Нешто што како возрасен не умее.

    п.с. објавено на http://oksimoron.blog.com.mk на 22 Февруари, 2006 - 18:22

    Коментари:
  • Секоја чест!
    Communication breakdown и акварел кој треба да ја пренесе пораката со исконски, примитивни методи на комуникација, како краток спој меѓу два чипа кои се вон синхронизација.
    Последниот ред ме здрви. Браво...
    (GoodBytes 23 Февруари, 2006 - 00:18 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Фала ГудБај.
    Понекогаш, колку повеќе се обидува да објасни човек - толку понеразбирлив станува. И тогаш, бара нова форма за изразување која би била барем малку поразбирлива.
    (oksimoron 24 Февруари, 2006 - 16:46 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Се фати со двете рачиња на градите и ми рече " сега знам , тета, дека душата живее тука!"...јас не знаев тоа да му го објаснам и трескав глупости... (istok 24 Февруари, 2006 - 18:27 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • а пак дојдовте до муабетот на малиот принц ааааа? и тоа само до првите 3 страни...:)и него никој не му ја виде змијата:( (maliotprinc 25 Февруари, 2006 - 01:16 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Интересна забелешка.
    Првите 3 страни од „Малиот принц“ го определуваат односот на читателот кон самото дело - дали ќе се одбере да се види наизглед очигледната шапка, или ќе се задлабочи помеѓу редовите и ќе се успее така сконцентрирано да се види слонот во стомакот на змијата.
    Денес поголем дел од луѓето ја одбираат првата опција - полесно им е!
    (oksimoron 25 Февруари, 2006 - 19:37 | логирај се за да пишуваш коментари)
  • Фабричка грешка

    Отсекогаш кај нас имало поволна клима за надмудрување. Може за конкретна работа не не бидува, но апстрактноста ни е специјалност. Родени филозофи. Таква ни е почвата. Секојдневно никнуваат нови афери, цутат пропаганди и зреат манипулации. Изобилство од скандали. Плодови кои со својата тежина ги свиваат гранките разумност.
    Е, некој се сетил цел тој потенцијал убаво да го преработи. Богатиот род е набран и убаво спакуван. Тегли со слатко од политички маркетинг. Испасирани официјални изјави. Ферментирани неофицијални. Локум пресови. Конзервирани колумни. Зашеќерени гафови во сјајна амбалажа на наивност. Зачинети ТВ дуели (а богами, и труели)..... Пропаганда на кило. Лицемерство на литар. Хипокризија на метар. Погонско производство. Фабрика.
    Ораторските, скрибоманските, реторичките, сугестивните и трач вештини на новинарите се новиот пролетаријат во фабриката на политиканството. Фабрика на Владата. А, Владата е на(д) народот. Значи (асоцијативно својство) фабриката е на народот, т.е. ЗА народот (семантика, де). Паролата на комунистичката идеологија станува реалност. Кој вели дека тоа било утопија?! Еве, одлично функционира. За доброто на сите – колективен делириум во сериско производство. Е сега, тоа што народот го резонира како манипулација е фабричка грешка. Конспиративната работа на наведениот пролетаријат не го зема во предвид параметарот за демаскирање. Грешката која никој не ја знае, не е грешка. Станува тоа дури кога некој ќе дознае за неа. Па луѓе сме, грешиме! Ни цела машинерија од потрчковци и полтрони не може да функционира беспрекорно. Некои производи се погрешно етикетирани.
    Паметот ни е плиток, но затоа пак глупоста ни е длабока. Но, ќе ја фабрикуваме и неа. Имаме потенцијал за тоа.

    п.с. објавено на http://oksimoron.blog.com.mk на 20 Февруари, 2006 - 18:07
    Коментари:
  • Ca$per: Е ај стај линк од тепај време и ние ќе ставиме од тебе ок? (tepaj_vreme 20 Февруари, 2006 - 20:36 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Да ама ако ни го постават проблемот...со претставка да се задлабочиме во глупоста....ќе не примрзи и тоа...или ќе си ја крадеме глупоста еден од друг....така да и таа фабрика ќе ни отиде под стечај... (maliotprinc 21 Февруари, 2006 - 23:09 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Марфиево правило
    -„Решението на проблемот ја менува самата природа на проблемот“
    и
    -„Во секој крупен проблем се крие мал проблем кој чека да излезе надвор“
    А, не можеме сите фабрички грешки да ги третираме како проблеми. Некои грешки едноставно си се токму тоа - грешки!
    (oksimoron 21 Февруари, 2006 - 23:20 | логирај се за да пишуваш коментари)
  • Трудни мисли

    Вакуумот помеѓу зачнувањето и раѓањето на идејата, бременоста на мислата прдизвикува серија промени во разумот. Се рационализираат ирационалните потреби. Се зголемува апетитот за литература, гладно се читаат разновидни жанрови. Се прават нивни невозможни комбинации. Натежнува концентрацијата. Хаотична чувствителност. Колку повеќе напредуваме, толку стануваме потромави. Го чувствуваме движењето на идејата во нас, а сеуште не знаеме како точно ќе изгледа. Ги исцртуваме контурите и артикулираме имагинација. Се врзуваме емотивно со тој плод на нашата апстрактност. Околината го забележва тоа изобличување и ни посакува добра мисла. Иако им изгледаме чудно, невообичаено. Тоа е само преодна фаза. Примарна етапа во циклусот креативност.

    Објавено на http://oksimoron.blog.com.mk  на
    19 Февруари, 2006 - 18:16

    Афоризми

    -Сегашната влада е влада на национално единство. Сите се против неа!
    -Во нашата земја исчезна средниот слој. Подземјето се спои со врвот!
    -Државава не дозволува секој да прави што сака. Затоа и постои организиран криминал!
    -Светот е толку многу загрижен за нас што и нас тоа почна да не загрижува!
    -Кај нас политичките криминалци не одат во затвор. Нема државата толку пари да ги храни -и облекува сите!
    -Скапо го продаваме нашиот глас. Имаме монопол на пазарот.
    -Државата на работниците не им дава плата за невработените да не се чувствуваат повредено.
    -Уживатели сме на привилегирана демократија. Ги поднесуваме и трпиме сите можни права!!!
    -Нашите политичари се делат на десничари и левичари. Во зависност од тоа која половина од мозокот не им функционира!
    -Некои политичари се "занимаваат" со полицијата, наместо полицијата да се "занимава" со нив!
    -Постојат и такви кои размислуваат поинаку, но нивниот број е занемарлив во споредба со оние кои не мислат.
    -Новата гарнитура и понатаму шкрипи. Никако да започне подмачкувањето од страна!
    -Владината програма веднаш почна да дава ефекти. Веќе изгледа неверојатна.
    -Испишавме нова страница од историјата. Поради неа не ќе смееме да ги запишеме нашите деца на училиште!
    На власт пак дојдоа старите кадри. Колку за промена!
    Ги молам паметните повеќе да не попуштаат. Состојбата е критична!!!!!
    Каков глуп устав! Двапати го прочитав и никаде не пишува кој е убиецот?!
    Секоја будала би сакала да е на власт. За жал, бројот е исполнет. Такви кадри веќе имаме.
    Изборите беа чесни. Гласовите се украдени после тоа.
    Од фантазиите за подобар живот, новата влада не симна на земја. Тоа и е засега единствен успех.
    Промената на владата кај нас е техничка работа, т.е. работа на техниката. Конкретно-булдожерска работа.
    Ние сме шампиони во демократијата. Имаме две опозиции во владата и две влади во опозиција.
    И за политичарите важи хемијата. Базата им предизвикува киселини.
    Потребни ни се нови избори. На мафијата и оди подобро отколку на власта!
    Афоризмот е доказ дека и големите драми можат да играат на мала сцена.
    Преживеавме војна, земјотрес, поплави...... Има ли вулкан во близина?!
    Мојата земја е мала, ама растресита!
    Ние во секој момент знаеме што точно сакаме. Само незнаеме кога е момент.
    Пред изборната трка беше фаворит а после - само коњ!
    Нас не ни се потребни партнери. Тие само ја расипуваат играта.
    Живееме како браќа, наместо да живееме како луѓе.
    Комунистите така добро ги организираат изборите што другите немораат ни да учествуваат!
    Нашите парламентарци не само што се цитираат самите себе си, туку и фаќаат белешки од сопствените говори!
    Без лекарско уверение не можеш да управуваш со автомобил, но можеш со држава!
    Нашите политичари многу ја сакаат демократијата. Никому не ја даваат!
    Во минатогодишната војна имавме внатрешни непријатели. Надворешните беа вишок!
    Комунизмот е сон кој ни психијатрите не можат да го објаснат.
    Порано на илјада неспособни доаѓаше по еден способен. Сега ни тој не сака да дојде!
    Демократија е кога не си затвотен затоа што си бил отворен!
    Бирократот раѓа бирократ. Работникот раѓа работник. Кој вика дека социјалните разлики не се наследни?!
    Идеалистите се снајдоа материјално, а материјалистите-идеално!
    Луѓето денес се делат на песимисти и комунисти!
    Кој пее зло не мисли. Кој мисли не му е до пеење!
    Порано животот пишуваше драми и трагедии а сега драмите и трагедиите се нашиот живот!
    Сите луѓе се добри длабоко во својата душа. Само кај некои тоа е толку длабоко што многу тешко излегува на површина.
    Во политиката секогаш постои ризик да на лесен начин се дојде до многу пари. Политичарите тоа го нарекуваат"пресметан ризик".
    Не се плашам да кажам што мислам. Се плашам да мислам!
    Гениите и лудаците ги дели само еден чекор. Е баш тој чекор го направивме ние!
    Ако некогаш се опаметиме, уште сега знам што ќе сториме!
    Ни ја ветија АМЕРИКА. Ќе имаме и ние 50 држави!!
    Историјата постојано ни се повторува, а географијата постојано ни се менува!
    Изборите не беа регуларни. Народот погрешно гласаше!
    Власта не се плаши од вистината. Напротив, храбро се бори против неа!
    Политичарите не ја мразат интелигенцијата. Дури и им недостасува.
    Дајте ми цел за да ги оправдам средствата!
    Ги нема тие пари кои можат да не купат. Да ги има ... би било поинаку!
    Нашата власт сестрано го решава проблемот со невработеност. Можеме да рабитиме низ целиот свет,само тука не.
    И непријателите почнаа да ни помагаат кога сфатија што всушност правиме.
    И треба да не водат оние кои најчесто биле изгубени. Тие најдобро го познаваат теренот.
    Се наоѓаме пред вратите на Европската заедница. Сите си ги бришат нозете од нас.
    За сегашната Влада може да помислите се и сешто. Нема да погрешите.
    Мораме да пропаднеме мирно и достоинствено. Во прашање е нашиот углед во светот.
    Нас непријателот не ни е потребен. Ние се можеме сами.
    Владата ни вети подобар живот. Дали мисли да си даде оставка?!
    Би можеле ние и да се опаметиме, но со тоа би го изгубиле нашиот национален идентитет.
    Власт не се добива преку ноќ. За тоа е потребен подолг мрачен период.
    Државата ни е како туристичка агенција. Во подобра иднина тргнуваме барем двапати неделно.
    Ништо не знаеме. За среќа добро сме информирани.
    Интелигенцијата мисли дека власта е во погрешни раце. Власта пак мисли дека интелигенцијата е во вистински раце.
    Чесната интелигенција е толку чесна, што тоа веќе не личи на интелигентност
    Во непријателот можеме да имаме целосна доверба. Што мисли тоа и ни го прави.
    Преземаме фирми едни од други. Тоа е нашиот начин за обрт на капиталот.
    Прес на Владата: „Драги сограѓани! Можеме да ви потврдиме дека демократијата навистина постои! За нејзината локација, ќе ве известиме накнадно!"
    Историјата на нашите победи е поразот на нашата историја!
    Борците за правата на работниците ја почнаа одлучувачката битка. И добро им оди. Работниците за сега не даваат отпор.

    Објавено на http://oksimoron.blog.com.mk  на 4 Февруари, 2006 - 12:16
    Коментари:
  • Ми се допаѓаат твоите афоризми. (Геро 16 Февруари, 2006 - 23:08 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Закон!
    Демократија е кога не си затворен затоа што си бил отворен!
    Со новиот закон ова е и натаму точно, но ако се отвораш само на за тоа определено место. Протестирајте си вие, ама подалеку.
    (GoodBytes 16 Февруари, 2006 - 23:09 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Знаеш, кога се расчитав по афоризмиве, па како иде се повеќе и повеќе, ми дојде некоја слика како да сум на концерт на некоја добра група и чекам бис да свират. Толку стуткана енергија на едно место не сум начекал баш одамна и ете ми повод да ставам уште еден линк, овојпат од мене кон тебе. Не за друго туку чисто од почит, како и кон другите блогери што го имам истото направено. Ролинг он. (tarun 17 Февруари, 2006 - 14:11 |логирај се за да пишуваш коментари)

  • Геро, ова ко флаерче да иде у недела. А ја се кладам дека голем дел од овие афоризми ќе ги чуеш во предизборни кампањи на „опозицијата“. (Shepard 17 Февруари, 2006 - 16:35 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Мислам дека одлично ке се вклопи и вој афоризам што го имам слушнато многу одамна: Што повеке стареам,се повеке луге запознавам,се повеке и повеке почнувам да ги разбирам,-Се повеке животните ги засакувам. (VRABOTUVANJE 17 Февруари, 2006 - 17:08 |логирај се за да пишуваш коментари)

  • Браааавоооо! Одлично нема што. И ова е еден прилог кон слободата. (Vute 20 Февруари, 2006 - 02:38 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Одлични афоризми, ми го разубавија денот. Морам да ги споделам и со не-Македонци, па нешто преведов (понекогаш слободно) и на англиски. Еве го мојот прилог:
    The present government is one of national unity. Everyone's against it.
    The middle class disappeared in our society. The underground merged with the top.
    The state does not allow people to do things anyway they like. That's why there is organized crime.
    The world is so concerned with us that we're starting to get concerned.
    The state does not pay its employees so that it does not offend the unemployed.
    We are beneficiaries of state of the art democracy. We suffer all and everyone's rights.
    Politicians are divided into left and right. Depending which half of the brain does not function.
    Some politicians "deal" with the police, instead of the police dealing with them.
    There are some who think differently, but their number is negligible in comparison to those who do not think.
    We appeal to the tolerant to stop giving way. The situation is critical!
    What a stupid constitution! I read it twice and it doesn't say who the killer is.
    Every jerk wants to be in power. We are sorry to inform you that the quote is already full.
    The elections were performed correctly. The votes were stolen afterwards.
    We are champions in democracy. We have two oppositions in government and two governments in opposition.
    We need new elections. The mafia is doing better than the government.
    We survived a war, an earthquake, a flood.... Any volcano near by?
    We don't need partners. They only spoil the game.
    The MPs not only quote themselves, but they also take notes from their own speeches.
    Without a medical certificate for work capability you cannot drive a vehicle, but you can run a state.
    Our politicians are so delighted with democracy that they don't want to share it with anyone.
    During the war we had so many internal enemies, that the external ones were redundant.
    In the past, there was one capable person on each thousand incapables. Now even that one doesn't want to appear.
    Democracy is when you are not shut down for opening up.
    The idealists managed to succeed materially, while the materialists ideally.
    People can be divided into two groups nowadays: politicians and pessimists.
    I'm not afraid to say what I think. I'm afraid to think!
    They promised America to us. Now we'll have 52 states.
    History repeats itself. How come that geography keeps on changing?
    The elections were irregular. The people voted wrong!
    Politicians do not hate intelligence. They even miss it!
    Give me a goal to justify the means!
    There is no money that can buy me. If there was... things would have been different.
    Our government applies international solutions to the unemployment problem. We can get jobs anywhere else but here.
    Even our enemies began to help us when they realized what we are actually doing.
    We should be led by those who were once lost. They are familiar with the terrain.
    People can freely say anything about the government. They won't be wrong.
    We could come to our senses, but that would change our national identity.
    One does not obtain power overnight. That takes a longer period of darkness.
    Our state is like a tour operator. We start for a better future at least twice per week, for dream locations and at low rates.
    The virtuous intelligence is so virtuous that it doesn't seem intelligent.
    (Ана Пејчинова 29 Јули, 2008 - 08:44 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Извонредни афоризми! Секој е прав бисер.
    Поздрав
    (vankovska 29 Јули, 2008 - 10:31 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Афоризмите се одлични. Особено ме насмејаа "И непријателите почнаа да ни помагаат кога сфатија што всушност правиме" и "Нашите политичари се делат на десничари и левичари. Во зависност од тоа која половина од мозокот не им функционира".
    Поздрав.Smiling
    (oniro 29 Јули, 2008 - 11:02 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Ана Пејчинова,
    прекрасна си мила моја! Многу убаво од тебе. Твојот допринос е за почит. Благодарам Smiling
    ванковска, ониро,
    мило ми е што ви се допаѓаат афоризмиве. Јас сум голем љубител на нив. Велат - афоризмот е доказ дека и големите драми можат да се играат на мала сцена Eye-wink Smiling
    Иначе, не се сите мои афоризмиве. Дел од нив сум ги собирала низ годините (слушнато, прочитано) и ги додадов покрај другите со мала модификација заради прилагодување на нашето секојдневие и услови Eye-wink
    (oksimoron 29 Јули, 2008 - 19:50 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • баш се добри Smiling
    а овој ми е фаворит:
    `Порано на илјада неспособни доаѓаше по еден способен.
    Сега ни тој не сака да дојде!`
    (виолетова 29 Јули, 2008 - 20:10 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Нашите политичари се делат на десничари и левичари. Во зависност од тоа која половина од мозокот не им функционира!
    хахахахахахахахахахахахаха
    (literanova 29 Јули, 2008 - 20:13 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • ...
    Еве ти еден Велешки(зајадлив-сеирџиски) афоризам од мене :
    ЗНАЕТЕ ЛИ ЗОШТО ЅИНГО НЕ СЕ ОТКАЖУВА ОД ПОЛИТИКАТА ?
    - ШО СЕА ЗА МАЛКУ !
    Ајде, Другарски поздрав.
    ...
    (CTOJAH 29 Јули, 2008 - 20:29 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Малку по малку, ама по секој нов мандат како да се подмладува... (literanova 29 Јули, 2008 - 20:35 | логирај се за да пишуваш коментари)
  • Предизборна зима

    Студено време. Температурите веќе подолг период се под нулата. Во вакви временски услови, баба ми често знаеше да каже „Ова е време кога и кучето и мачето спијат заедно“. Деновиве често помислувам на нејзините зборови. Не само поради ниските температури.
    Оваа зима, дали поради времето или невремето, замрзна и разумноста. Се покажа дека била „гола вода“. Замрзнаа комуникациите, се заледи демократијата со законски мразулци кои очигледно се производ на смрзнатиот памет на снешковците во парламентарните фотељи. Со морков и метла демонстрираа зимска идила. По заледените патишта на изјавите, се лизгаат гафовите. Пируети на глупоста и инфатилноста.
    Студот ги зближи завојуваните партии. Сега, меѓусебно си дишат во врат. Се загреваат едни со други. Идат избори. Се најавуваат коалициони мерки против студот. Кучиња и мачиња. Разочараноста на гласачкиот електорат е тој студ кој ги тера да бидат заедно. Понижените и навредените. Луѓето глувци на Достоевски. Штетници кои со својата незаинтересираност и апстинирање од изборите можат да ги изгризаат нивните удобни фотељи. За нив одамна не се ефикасни стапиците на изборните ветувања.
    Физиката вели дека студот го намалува волуменот на телата. Се собира и гласачкото тело. А мачињата и кучињата се стискаат во прегратка. Додека ги држи студот така збиени, ништо чудно и изборниот закон да претрпи измени. Но, не во делот за изборниот модел (пропорционален, мнозински или комбиниран). Потребни им се многу посуштински промени. Поради временските неприлики, наместо 50% , да бидат доволни 20% излезени гласачи за изборите да бидат регуларни. Студот го дозволува тоа. Чиста физика.

    п.с. објавено на http://oksimoron.blog.com.mk на 14 Февруари, 2006 - 22:06

    коментари:

  • Јас мислам дека и сите ние го дозволуваме тоа.
    Нашите студени срца кои веќе немаат осет за тоа што е правилно што не.
    Потполно замрзнати кога се рзботи за суштински одлуки за нас и нашата држава и иднина.
    А по нив како снегулки се залепуваат грдите ситуации кои се почесто се случуваат и само посилно ги заледуваат и ги оставаат рамнодушни.
    20% можеби и е голема бројка кога ќе се земе во предвид бројот на луѓето чии срца воопшто не се интересираат за потребата од нивната иницијативност за промена на
    замрзнатата ситуација.
    (Bi 14 Февруари, 2006 - 18:33 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Во очекување на пролетен развигорец од млади, стабилни и способни политичари кои ќе изникнат нови идеи на ова тло, стегнатиот електорат ќе го намалува уште повеќе својот волумен под влијание на ледените, корумпирани и неподвижни снешковци кои го „красат“ дворот државна власт. Ни требаат нови идеи, ни треба свест и спознание дека ние ги градиме тие фигури. (oksimoron 14 Февруари, 2006 - 22:51 | логирај се за да пишуваш коментари)
  • Рамковна ограниченост

    Ограничено ни е правото на протест од вчера. А тоа е демократско и со устав загарантирано право. Значи, ограничена ни е демократијата и ограничен ни е уставот. Протестирањето сега, со новиот закон, ни е ставено во рамка. Рамковно протестирање. Веројатно и соодветни % ќе се определат со амандмани. Кога % на незадоволните ќе биде поголем од % на задоволните (замислете, има и такви!), овие вториве ќе се повикаат на рамковниот договор, ревидираните рамковни закони и како малцинство ќе делуваат репресивно кон мнозинството. Им се може. Имаат законска рамка на сронатите ѕидови демократија. Божем, не можеле навреме да стигнат на работа (во оваа ера на невработеност, само вредните останаа на улица), не можеле да одат во шопинг, блокиран им бил патот ... Рамковноста длабоко ни е навлезена во сите пори на општеството. Ја вдишуваме во секоја просторија на институциите на системот, во секој агол на тапото политиканство. Ни нашиот устав повеќе не може да не заштити од нашите закони. Рамковниот модел ја заштитува неспособноста на малцинството ВЛАДА од бројниот, невработен, незадоволен НАРОД. А струјата поскапува за сите. Протестираат оние кои стравуваат дека нема да можат да ги платат сметките, невработените, сиромашните, незадоволните, измамените, луѓето кои поради економската ретроградност на владата висат над работ од егзистенцијата. Е сега, кој им е крив што се мнозинство?! Како такви ги нема во рамковноста. Немаат право на глас. Ниту на протест. Правата се за малцинствата. Оние, блиски до владата.

    п.с. објавено на http://oksimoron.blog.com.mk на 10 Февруари, 2006 - 22:06

    коментари:
  • Да, зачудува брзината со која се носат закони ad hoc. Оној за избори, за финансирање на партии, за судството, и којзнае колку други закони, ќе чекаат недефинирано време за да бидат донесени - и пак нема да се донесени како што треба.
    За рамките: во турско луѓето робуваа, беа вглавени во јарем. Заглавени, немоќни, безгласни. Сега сме вглавени во рамки.
    Врамени сме ние убаво, како коњи на поило. Диии...
    (GoodBytes 11 Февруари, 2006 - 00:53 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • И правото на протест ни го ставија во рамка. Демократија во рамка. Сеа, шо уште е на ред за врамување?! (oksimoron 11 Февруари, 2006 - 10:57 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Оксиморон потполно си во право. (LIDIJA_JANKULOSKA 11 Февруари, 2006 - 11:21 |логирај се за да пишуваш коментари)

  • ова ме гуши и ме плаши !!!! (istok 11 Февруари, 2006 - 14:15 | логирај се за да пишуваш коментари)
  • Среќата...

    Среќата е многу едноставно чувство кое нема дефиниција, туку се движи во параметрите на субјективните резони, во зависност од емоционалната перцепција на секој субјект одделно. За мене, таа е присутна ако се чувствувам емотивно исполнето, вљубено, ако сум со оние кои ми значат, ги љубам. Значи, ако емоционално се е во ред, ако тој простор од мојата душа е задоволен, полн со бои и нијанси, тогаш....се друго е минорно и неважно. Еден поглед, мала нежност и внимание можат да направат многу, многу повеќе од сите зборови и материјални дела. Оној сјај во очите кој нема име ниту наслов, но има длабока почувствуваност во себе, ги распрснува сите темни сенки. Очите се огледало на душата. Понекогаш нема потреба од зборови - се е очигледно. Се е запишано во тој сјај. И тогаш, само тогаш, тишината е најпријатен звук. Уживањето нема зборови, нема букви ниту запирки, а најмалку прашалници. Среќа е умешноста да се слуша тишината. Да се почувствува богатството емоции без експресионистичка манифестација на истите. Среќен е оној кој умее да чувствува.

    Приказни

    Мојата омилена приказна е приказната за љубовта од Платон (можеш да ја најдеш во неговата книга „За љубовта“ или некаде е „Гозба“, „Пир“ и не знам како уште). На таа гозба се собрани повеќе пријатели, старогрчки хедонисти(моја забелешка), и дискутираат на тема љубов. Приказната која мене најмногу ми се допадна е следнава ------Некогаш одамна луѓето биле многу моќни суштества. Тие имале две глави, четири раце и нозе, големо срце и душа, биле весели, среќни задоволни од себе. Не се грижеле за ништо затоа што имале и можеле се. Често им се спротивставувале на боговите ако не се согласувале со нивните одлуки. Тоа почнало да ги загрижува боговите кои сакале да имаат целосна контрола. Затоа боговите се договориле меѓусебно да сторат нешто со што би го спречиле тоа самоволие на луѓето и би ги направиле ранливи и послушни. Одлучиле да ги пресечат на две половинки и тие половинки да ги расфрлаат низ светот. Речено-сторено.Оттогаш секоја половинка скита низ светот во потрага по својата изгубена половинка за да може да се чувствува комплетно, среќно и задоволно. За да може да се чувствува моќно и неговото постоење да има смисол. Потребата од тоа чувство на комплетност, потребата од спојување со својата изгубена половинка – тоа е љубовта!Го обожавам Платон. Не само поради оваа приказна, има тој многу убави теории. Една од нив е и „Алегоријата за пештерата“. Но за неа во друга прилика.

    Платон

    Веќе спомнав за Платон. Сеа малку повеќе.
    Платон. (427-347 год.п.н.е.) Сократов ученик. Аристократско потекло. Основач на академијата. Поборник за истовремено физичко и духовно усовршување. Во здраво тело-здрав дух. Основач на етиката.
    Во неговата филозофија поимите добиваат форма на посебни, независни од човекот како субјект идеи. Светот кој е видлив е само несовршен одраз на материјалните нешта. Секоја идеа, според него, е вечна и во себе идентична, причина и последица на се постоечко што никогаш не може да ја достигне самата идеа. Предмет на истражување на правата наука, предмет на знаењата, не можат да бидат променливите материјални облици, туку само чисти апстрактни поими, односно идеите.
    Суштината на нештата, изразена во идеите, може да се спознае само со разумот и треба да се разликува од појавите кои ги забележуваме со сетилата. Во средината помеѓу разумните сознанија на идеите и сетилните забвелешки стои математичкото мислење кое Платон го смета за подготовка за филозофијата. Геометриските облици и бројките се посредници помеѓу сетилниот свет и светот на идеите. Човекот е поделен на тело кое му припаѓа на минливиот свет на материјата и душа која е бесмртна и вечна, па се приклучува на духовниот свет на идеи.Душата и пред тој живот постоела на сличен начин како идеата, како чист дух без тело, иако во човечки облик. Според тоа и вистинското спознание не е ништо друго, туку сеќавање на душата на идеите кои ги следела во својот изворен облик.
    Таа своја теорија за и нереалното, за материјалното и духовното, многу убаво ja претставува преку својата „Алегорија на пештерата“. Во неа (во пештерата) луѓето седат покрај огнот (кој претставува одраз на животот, илузија) свртени со грб кон него. На ѕидот од пештерата ги гледаат своите сенки како се движат и мислат дека тоа е нивниот живот. Рацете и нозете им се оковани со синџири од предрасуди и не можат да се свртат кон огнот, ниту пак да излезат од пештерата, Живеат во сенките на ѕидот и тоа е нивната реалност. Дури и ако некој успее да се ослободи од синџирите, да го пронајде излезот од пештерата - веројатно ќе ослепи од силната дневна светлост , затоа што неговите очи се привикнати на мракот во пештерата. Но, ако и не ослепи, ако се привикне на таа светлина и ја виде реалноста со свои очи - можно е да полуди од сите тие бои, нијанси и мириси на реалноста. Сепак, ако успее да го надмине и тоа, да го сочува видот и разумот, тој ќе биде среќен и ќе ужива во вистината. Неговата радост ќе го натера да се врати во пештерата и да се обиде да им ја каже таа вистина на другите. Да им каже дека сенките се сенки, дека мракот е мрак. Но... иронија! Никој не верува во тоа што не го почувствувал дотогаш. Никој не верува во нешта што не поминале низ неговите сетила. Луѓето во пештерата, кои никогаш не излегле од неа - ќе го прогласат за луд вратениот. Неговата вистина ќе биде нивна лага. Измама,. Дури, ќе се обидат и да го погубат, за да не им ја ремети „реалноста“, т.е. „вистината“ на која тие се навикнати и која единствено ја знаат!
    Човеков ова го пишувал 3-4 века пред нашава ера. Колку малку духовно сме напреднале оттогаш наваму...

    Објавено на http://oksimoron.blog.com.mk на 31 Јануари, 2006 - 06:49

    Коментари:
  • абе тоа објективниот идеализам е ненадминато мнение за светот, пештерата ти е Матрикс, пишував јас на таа тема одамна. се додека не се осуди да ја пише Политејата, Државникот и да создаде самиот тој окови за умот. (Shepard 31 Јануари, 2006 - 08:07 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • А бе, кај Платон не ми се бендисува само неговата контрадикторност во однос на ставот за уметниците. Не ги почитува и ги смета за непотребни. И покрај сите основи на етиката. Демек, светот кој го знаеме е копија на светот на идеите - пример со столот, тој е копија на идејата за стол која како таква е несовршена, но во секој случај подобра од неговата слика изработена од уметник е копија на копијата! Ирационално, ама.... Има многу елементи во Платоновата филозофија кои ми оставиле силен впечаток, а има и такви кои не ми се допаѓаат. Ама, јас одбирам да размислувам само за тие кои ми се допаѓаат. ;)(oksimoron 1 Февруари, 2006 - 11:03 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Мислам дека читање на „Митот за пештерата“ (извадок од „Државата“) добро ќе го надополни текстов.
    (Razvigor 10 Февруари, 2006 - 13:00 | логирај се за да пишуваш коментари)
  • Не...

    Не подавај ги рацете кон мене.Можеш да се изгореш од моето студенило.Или, да те замрзне мојата врелост.Внимавај на мојата невнимателност.Пази се од непретпазливоста.Сконцентрирај се на расеаноста.Секој обид за зближување те одалечува.Секогаш постои можност за невозможност.Не подавај ги рацете кон мене. Ќе ја допреш недопирливоста.Острилото на затапеноста.Врвот на дното.Разбуди ги соништата.Испланирај ја непредвидливоста.Имам силни слабости.И храбри стравови.А сосем непотребни потреби.Нефункционалноста функционира.Не подавај ги рацете.Не посегнувај.

    Блокираност

    Блокирани ни се патиштата. Низ цела држава. Блокиран ни е главниот град. Одамна блокиран визен режим. Блокирани сметки. Блокирани инвестиции. Блокиран судски систем. Ма, блокиран целокупен систем на државата. Одамна ние се движиме по споредни патишта. Не затоа што немаме зацртана цел, туку затоа што истата ни е блокирана од нашиот менталитет. Не ни се криви затоа тутунарите, земјоделците ниту луѓето со ниски примања кои се плашат од поскапувања на ионака скапиот стандард. Криви ни се двојните аршини при одредувањето на животниот стандард. Државата бара европски коефициенти при одредувањето на наплатата, а се повикува на транзиционите ограничувања при исплатата. Народот е ставен во ситуација постојано да биде должен, а никако и од никаде да нема за земање. Го тепаат и не му даваат да заплаче притоа. Ќе му забранат со закон. Не ни треба нас закон за ограничување на правото за протест. Ни требаат закони за ограничување на ограничените закони. Закони против законите. Ни треба блокирање на сиромаштијата. Блокирање на корупцијата. Блокирање на бирократската ноншалантност. Блокирање на ниските откупни цени. Блокирање на минималните плати. Ни треба блокирање на блокираноста.

    Објавено на http://oksimoron.blog.com.mk на 3 Февруари, 2006 - 08:06

    Коментари:
  • Ни треба закон за блокирање на алчноста за почеток. Па ќе се исфилтрира составот на носителите на јавни функции. Ама тоа ми е само пуста машта. Кој ти дава такво нешто бе будала? - си викам. Ќе си го блокирам мозокот засега од мислење. Не ми е првпат да бидам пусто гоедо. (-BORANIJA- 3 Февруари, 2006 - 08:41 | логирај се за да пишуваш коментари)
  • Европска Влада

    Имаме европски ориентирана влада. Има многу показатели кои укажуваат на европскиот курс на нашата влада.Англиско студенило во однос на потребите на граѓаните. Италијанска мафиозна вештина за работа со тендери. Француска кокетност со бизнис елитата. Германска импотентност во спроведувањето на реформите. Шпанска страст за политички сцени и скандали. Дански бајки во политичкиот маркетинг. Грчка тврдоглвост во игнорирањето на земјоделието. Ирски терористички смисол за коалицирање. Австриска ароганција при оперските парламентарни седници. Холандска либералност во политичките пазарења. Потругалско сончање заби кон медиумите. Шведска фригидност во судството. Норвешки височини во поглед кон аморфната гласачка маса. Украинска промискуитетност во изборните кампањи. Зачнати бугарски итроштини во политичките манипулации кои допрва чекаат да настапат. И, да не заборавам – швајцарски сметки.Во право се кога велат дека ние не сме во Европа.Европа е во нас!

    Објавено на http://oksimoron.blog.com.mk  на 4 Февруари, 2006 - 12:16

    Коментари:
  • многу интересно размислување.браво од мене! (sashoy 4 Февруари, 2006 - 13:17 |логирај се за да пишуваш коментари)

  • Турска склоност за сексуално злоставување нон сопствениот народ,заточен во зидините на оваа установа-Македонија (POPEK 4 Февруари, 2006 - 15:59 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Но, ние сме и повеќе од европска земја, ние сме catena mundi.
    1. Авганистански образовен систем.
    2. Виетнамски воен страв.
    3. Нигеријско здравство.
    4. Не шишаат како австралиски овци.
    5. Бразилски карневалски дух.
    6. Латиноамериканска транзиција (во многу продолженија).
    7. Арктички ладна вице-премиерка.
    8. Талибански однос кон нашето културно наследство и традиција.
    Smiling
    (GoodBytes 5 Февруари, 2006 - 02:42 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Браос. Убаво срочено сето ова. Само накај Брисел нешто тешко ни оди. :) (Bi 5 Февруари, 2006 - 02:57 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • А бе, сите запнале Европа, па Европа. Си ја имаме ние Европа тука. Паметот им го имаме, парите им ги немаме само... (oksimoron 5 Февруари, 2006 - 11:44 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Муабетот ми беше дека од белгијците ништо немаме. Или не ни текнало уште? А ние права белгиска душа. :) (Bi 6 Февруари, 2006 - 01:10 | логирај се за да пишуваш коментари)
  • Тренинг

    Го пресоблекувам паметот во лесни мисли. Ги врзувам врвките на удобните обувки иронија и газам со нив по светнатиот патос на сарказмот. Се загревам со двосмисленост. Елоквентните забелешки ја истегаат дискусијата.
    Почнува натпреварот помеѓу разумот и егото. Копнежот не отскокнува доволно високо. Желбата се спрепнува. Трепетот промашува. Метафорите се лизгаат. Глаголите ги претекнуваат именките. Само страста се движи пребрзо. Капки двоумење го оросуваат челото. Задишана самоконтрола. Резултатот - нерешено.
    Студен туш од прашалници и извичници. Повторно облекување на неудобните размисли. Кондициона игра со туѓи суети , до следниот пат. Во меѓувреме ... тренирам еластичност на емоциите.

    Објавено на http://oksimoron.blog.com.mk  на 7 Февруари, 2006 - 10:36

    Коментари:

  • супер церебрална гимнастика,нема што. секоја чест за решетото. (greenmoon 7 Февруари, 2006 - 13:39 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • ...а што со кречењето на варовничките ѕидови од срцевата комора? или со велшките корморани? како тренинг со ластик, а без трегер. стегнато, конролирано, со ајвар намачкано, и најнакрај пастеризирано. еластичноста на емоциите се губи, во секој случај, на колку повеѓе баба-роги налетуваш. добро истренираните т.е. тие што си ја задржуваат еластичноста се или богови или фрикови. ти си...? (зглобникот 9 Февруари, 2006 - 17:25 |логирај се за да пишуваш коментари)

  • често несвесно го праван истото...во меѓувреме...се обидувам да ги гледам мислите потполно мирна... (istok 9 Февруари, 2006 - 17:53 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • ја сакам да ги запалам, оне незгодните, ама фајрпруф се... ќе пробам со вода... а емоции ко емоции по дифолт еластични... сеа ми дое да опцујам:) (Etna 9 Февруари, 2006 - 19:06 |логирај се за да пишуваш коментари)

  • Колку подолго и поупорно се тренира, толку повеќе се добива на еластичност. Во прашање е особината издржливост. Со постепени мали дози, се станува имун на болката.(oksimoron 9 Февруари, 2006 - 19:48 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • можеби... не сакам да станам имуна на болката...потполно...мислам дека тоа би било страшно... (istok 9 Февруари, 2006 - 20:29 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Погрешно ме разбра. ок. Ај пак.... Може одредена постапка да ме повреди денес, да ме повреди утре... после одреден период веќе не ми е гајле - не ме повредува ништо. Така, „тренингот“ овозможува да се подигне прагот на еластичност и да не се чувствува како напор „истегнувањето“ на емоциите. Ч) (oksimoron 10 Февруари, 2006 - 13:34 | логирај сеза да пишуваш коментари)

  • Болката е повеќе место отколку процес, исто како и љубовта, таа е една и единствена, па заедничка за сите и затоа прифатлива. Да знаеш да се справиш со болката, значи да можеш секогаш да ја разобличиш причината за болката и да ја доведеш до нејзината генерична форма- осаменоста на мислата, некои би рекле. Продолжи со тренингот! ;) (one self 15 Февруари, 2006 - 05:17 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • one self, звучиш многу искусно. Веројатно си имал солиден тренинг штом си дошол до посочениот резултат. Болката како чувство беше земена само за пример. Тренингот во текстов се однесува општо на емоциите и процесот на нивно прифаќање дури и кога се непријатни. (oksimoron 15 Февруари, 2006 - 18:48 | логирај се за да пишуваш коментари)

  • Кога велам болка мислам на заедничката позадина на сите непријатни чувства. Сепак, се извнувам што повеќе ги коментирав коментарите отколку самиот текст, но мислам дека истиот доволно зборува самиот за себе. (one self 16 Февруари, 2006 - 04:38 | логирај се за да пишуваш коментари)